МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 октомври 2021

20 октомври 2021

Скопје – Заложбите на Министерството за образование и наука и на Владата за поттикнување и развивање на критичкото мислење и свесноста за климатските промени и животната средина кај децата и младите се огромни и тие може да се видат веќе во пракса, бидејќи се дел и од реформските процеси кои започнаа од оваа учебна година во основното образование, истакна денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на Младинскиот самит за климатски промени.

Како што информира МОН, таа се заблагодари на УНИЦЕФ и Шведската агенција за меѓународна соработка кои ја усвоија тригодишната програма за децата насочена кон унапредување на образованието за животната средина и климатските промени.

Скопје – Подобро е да сме изненадени од добра вест бидејќи имаме доволно искуство од разочарувања и неисполнети надежи. Многу е важно што во оваа фаза голем интерес и ангажман покажуваат претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, што ни дава надеж дека со тоа ниво на ангажман сепак ќе се успее да се направи пробив, иако мислам дека треба да бидеме уште многу внимателни со очекувањата, со надежта. Затоа е време за одговорност и да мислиме мислиме каде ќе биде овој регион пет години од денес, десет години од денес.

Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за реформскиот напредк на Северна Македонија.  

Скопје – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 53-та јавна седница ја отфрли претставката за изборни нерегуларности за Локалните избори 2021, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, заради одлуката на Владата донесена на 111-тата седница одржана на 13 октомври со која даде согласност за договор за доделување финансиска поддршка за 160 правни лица врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен на два дена пред објавување на изборите.

Од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ на 15 октомври до ДКСК поднеле приговор во кој се содржани наводи за прекршување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик во кои бараат да се преземат сите законски дејствија и да поведе постапка за одговорност пред надлежните органи заради тоа што по распишувањето на изборите на 6 август годинава на 111-тата седница на Владата одржана на 13 октомври годинава донесени се 160 одлуки за давање на согласност за договор за доделување финансиска поддршка за 160 правни лица врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој официјално е донесен на 4 август годинава, односно два дена пред да биде донесено решението за распишување на локалните избори.

Скопје – Целиот процес и ние внатре и политиките на ЕУ кон регионот се класичен заложник на некој начин на историски прашања, а во новата методологија се вели, еден од моите омилени параграфи – нерешените билатерални прашања не треба да го држат пристапниот процес во заложништво.

Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров прашан да даден коментар за реакциите на бугарските европратеници за време на вчерашното обраќање на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Стразбур, за наводно кршење на човекови права и говор на омраза во Северна Македонија за граѓаните со бугарска самосвест.

Скопје – Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Макеоднија дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, нотирајќи умерен напредок. Исто така, се фокусира и врз импактот од КОВИД-19 кризата врз економијата, наведува Фајнанс тинк во коментар на економскиот дел од Извештајот.

Споредено со оценката во претходниот извештај, стои во коментарот, напорите и потезите нa носителите на економските политики се вреднувани на позитивен начин, со нотирање умерен напредок. Извештајот оценува дека Северна Македонија има добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија и има умерен напредок. Иако, пандемијата значајно ги погоди капацитетите на државата и ги зголеми предизвиците за генерирање економски раст, забележан е умерен напредок за важни фискални и структурни реформи.

Скопје – Преку Портата за иновации на Народната банка согледуваме дека финтек-компаниите се заинтересирани за развивање и понуда на нови услуги во платежната сфера. Тие може да го олеснат управувањето со паричните средства на компаниите, коишто се водат на платежни сметки кај повеќе даватели на платежни услуги, преку следење во реално време на состојбата и извршените трансакции. За таа цел, ќе требно да се воведе концептот на т.н. „отворено банкарство“, што подразбира воспоставување стандарди за отворена и сигурна комуникација. Народната банка работи на изготвувањето соодветен подзаконски акт со кој ќе се пропишат стандардите за отворена и сигурна комуникација, усогласен со стандардите коишто се применуваат во Европската Унија.

Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, на панел-дискусијата „Долгорочни можности: Економски и правни аспекти на регулативата за инвеститорите во РСМ“, на виртуелниот национален настан во рамките на Светската недела на инвеститорите т.н. бизнис-ангели, којшто се одржа вчера, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангелите.

Тетово – Тетовецот кој го загуби животот во сообраќајката на автопатот Скопје-Тетово настрадал кога две возила се судриле, па удриле во две паркирани возила. Прво се судриле „голф“ и товарно возило „мерцедес“ по што удриле во „опел зафира“ и „пежо“ кои биле паркирани.

Сега веќе починатиот Ф.Р (45) бил сопатник во пежото, кое го управувал Е.К.(27), а се паркирале поради дефект на возилото.

Блед – Меѓувладината комисија за нуклеарната централа Кршко, што е во сопственост на Словенија и Хрватска, денеска на средбата во Блед изрази задоволство од добрата работа на нуклеарната централа, а ги разгледа и програмата и финансиските аспекти на работата.

-Нуклеарната централа Кршко постигнува одлични работни, безбедносни и економски резултати и делува безбедно, сигурно и одговорно кон околината во која се наоѓа, изјави словенечкиот министер за инфраструктура, Јернеј Вртовец, по средбата во Блед.

Атина – Процените се дека со вакцината, до 11  октомври избегнавме околу 8.400 смртни случаи. Ова, практично, значи дека без вакцинацијата ќе имавме 8.400 смртни случаи повеќе, истакна професорот епидемиолог и член на Комисијата на експерти во Министерството за здравство на Грција, Сотирис Циодрас, соопштувајќи ги резултатите од анализата на програмата за вакцинација во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите податоци, односно според математички модел Монте Карло, Циодрас рече дека процените се дека со вакцинацијата се избегнати околу 5.560 хоспитализации на Одделите за интензивна нега и околу 5.530 приклучувања на апарати.

Букурешт – Како и што се очекуваше Дачијан Чиолос не ја доби парламентарната доверба за неговата центристичка малцинска влада, со што се продолжи политичкиот ќорсокак во Романија во време на раст на заразите со коронавирус.

Романија, една од најсиромашните земји членки на ЕУ, е во политичка парализа откако парламентот на 5 октомври ја собори либералната влада, загрозувајќи го заздравувањето на земјата и напорите да се намали двојниот дефицит во време на раст на цените на енергијата.

Брисел – Потребно е да се поддржат и заштитат медиумите во некои земји – членки на ЕУ, поради зголемената моќ на глобалните платформи и тужбите насочени кон заплашување на новинарите, заклучија европратениците на пленарната сесија на Европскиот парламент.
Парламентот со големо мнозинство усвои „Извештај за европските медиуми во дигиталната деценија“, со кој се бара поголема поддршка од ЕУ и земјите – членки за закрепнување, јакнење на отпорноста и дигитална трансформација на медиумскиот и аудиовизуелниот сектор, кој е во застој поради пандемијата и опаѓањето инвестиции во рекламирањето до 80 проценти.

Брисел – Европската комисија повтори дека има целосна доверба во работата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, да ја води работата непристрасно кон Западниот Балкан, посебно во делот на владеењето на правото, јави дописничката на МИА од Брисел.

Еврокомесарот Вархеји во рамките на колеџот на еврокомесари пред неколку години гласаше против извештаите за владеењето на правото на ЕУ и беше обвинет во медиумите дека е премногу мек кон Србија во оваа област.

Москва – Русија воведува неработна недела поради зголемувањето на бројките на заразени и умрени во пандемијата на коронавирусот, пренесе „Раша Тудеј“.

Претседателот Владимир Путин нареди воведување платена неработна недела, откако денеска беше регистриран нов рекорден број смртни случаи.

Лондон – Кралицата Елизабета Втора не се чувствувала добро, па „неволно“ го прифатила советот на докторот да го откаже патувањето во Северна Ирска.

Патувањето планирано за утре и задутре е одложено, соопшти  Бакингемската палата.

Ерусалим – Подваријанта на мутацијата на Делта сојот на коронавирусот, која предизвикува тревога во Велика Британија, е пронајдена кај дете кое влегло во Израел од Молдавија, соопштија денеска здравствените власти.

Властите во Велика Британија внимателно ја следат варијантата AЅ4.2, а други побараа итно истражување на подваријантата, иако здравствените власти велат дека се уште има некои докази дека бројот на случаи на коронавирус се зголемува на некои места, пренесува Тајмс оф Израел.

Париз – Напаѓачот на Пари Сен-Жермен, Килијан Мбапе одговори на прашањето зошто Лионел Меси го изведе првиот пенал против Лајпциг во Лигата на шампионите (3:2).

– Во ред е, сè е до почит. Тој е најдобриот фудбалер на светот, фактот што игра со нас е привилегија, јас отсекогаш го велев тоа. Ако има пенал, тој ќе го шутира, точка. На вториот пенал, тој ми рече: „Пукај“. Беше крајот на натпреварот, тој ми дозволи да го изведам пенал и јас го изведов, изјави Мбапе за „Л’Екип“.

 

 

Back to top button
Close
Close