МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 август 2022

19 август 2022

Скопје – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ќе престојува во работна посета во Крушево.

Како што информираат од МВР, Спасовски ќе го посети ОВР Крушево и ќе оствари работна средба со неговото раководството, а ќе се сретне и со крушевскиот градоначалник Томе Христовски.

Скопје – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ) во Скопје денеска организира „Отворен ден”. Настанот ќе се одржи во просториите на секој од факултетите во два термина, од 10 до 12 и од 12 до 14 часот, на кој ќе бидат презентирани студиските програми на факултетите, активностите на студентите, центрите за кариера, информираат од УКИМ.

– „Отворениот ден на УКИМ“ нуди можност за матурантите да се запознаат со професорите и студентите – нивните идни колеги, да прашаат сè што ги интересира: за студиските програми, за можностите за стипендирање, за искуствата и активностите на студентите, за вклученост во научноистражувачките проекти, за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практикантството, за кариерните можности. „Отворениот ден на УКИМ“ е одлична можност матурантите да се запознаат и уверат во одликите на УКИМ што го прават најдобар универзитет во нашата држава и еден од врвните во регионот, велат од УКИМ.

Скопје – Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид денеска на пладне свечено ќе биде отворена јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што ќе трае до 2 септември.

Како што информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Уиниверзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Школата се пристигнати шеесетина семинаристи од седумнаесет држави, што е најголем број учесници изминативе неколку години и ќе учествуват семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Кореја, Романија, Руската Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка.

Скопје – Во организација на „Парко продукција“ од денеска до 21 август во градскиот парк во Битола ќе се одржи првото издание на Парко 2047 Фестивал.

– Парко 2047 е проект на млади Битолчани, чија цел е да создадат платформа за размена на идеи, знаења и забава, на едно заедничко место, во „парко“. Парко 2047 е проект кој директно се залага за создавање на иднината, преку футуристички проекти кои поттикнуваат креативност и тимска работа, велат организаторите.

Подгорица – Собранието на Црна Гора денеска ќе гласа за иницијативата за смена на владата на Дритан Абазовиќ.

Смената на владата, само 50 дена по нејзиното формирање, побараа 36 претставници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија (СДП), социјалдемократите (СД), Либералната партија (ЛП) и Демократскиот сојуз на Албанците, што не е доволно мнозинство за гласање недоверба.

Софија – Повредени од несреќата со српски автобус во Бугарија на автопатот Тракија, денеска со две екипи на Центарот за итна медицинска помош од Стара Загора ќе бидат пренесени до граничниот премин Калотина. Тоа го соопшти бугарското Министерство за здравство.

Пациентите кои ќе бидат транспортирани се во подобрена општа состојба. Организирано е  тие да бидат преземени од српски медицински тимови по преминувањето на границата.

Вашингтон – Американската администрација на претседателот Џо Бајден подготвува околу 800 милиони долари дополнителна воена помош за Украина и тоа може да биде соопштено уште денеска.

Бајден може да одобри помош, користејќи го претседателското овластување што овозможува брза испорака на вишок оружје од американските резерви на странски држави или организации во итни случаи, тврдат добро упатени извори.

Пекинг – Кина објави прво предупредување за суша годинава додека властите се борат со шумските пожари и мобилизираат специјализирани тимови за заштита на посевите од високите температури низ сливот на реката Јангце.

„Жолтата тревога“ во земјата, две нивоа под највисокото можно, беше објавена синоќа откако кинеските региони од Сечуан на југозапад до Шангај во делтата Јангце забележаа неколку недели екстремна жештина.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Кон крајот на денот ќе има зголемена облачност, локално со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Максималната температура ќе биде во интервал од 34 до 42 степени. УВ индексот ќе достигне 8.

Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала облачност и со слаб ветер од променлив правец. Кон крајот на денот ќе има зголемување на облачноста и во делови од котлината со услови за пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе достигне до 39 степени.

Back to top button
Close
Close