МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 август 2022

17 август 2022

Скопје – Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност денеска на автопатот „Пријателство“ продолжија со превентивната акција „Вози одморен“.

Заморот е една од главните причини за предизвикување на сообраќајни несреќи во летниот период, а овие превентивни активности се главно насочени на делницата од граничниот премин „Табановце“ до граничниот премин „Богородица“, каде во летниот период особено се зголемува бројот на возила што поминуваат преку овој коридор, велат од МВР и потенцираат дека РСБСП, МВР и Факултетот за безбедност – Скопје продолжуваат со активности од летната кампања „Вози одморен“.

Скопје – Од 22 до 24 август ќе се одржува четвртиот МакеКоПроДокс форум, централен настан во индустрискиот сегмент на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“. Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји.

Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции, документарни здруженија, документарни професионалци и 11 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик.

Атина – Во првите седум месеци од годинава на грчко- турската копнена и морска граница биле уапсени вкупно 386 криумчари на нелегални мигранти и вкупно 7.484 странски државјани за нелегален влез во Грција, соопштија денеска од грчката полиција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од вкупниот број уапсени, 312 криумчари се во регионот на Еврос, а повеќе од половина односно 219 криумчари биле уапсени во последните три месеци (од мај до јули).

Лисабон – Шумскиот пожар, поради кој и денеска се мобилизирани 1.200 пожарникари,  уништи околу 24.000 хектари вегетација во природен парк во планинска област во централна Португалија.

Пожарникарите имаат поддршка од 400 возила и се очекува да се приклучат и авиони за до петок да се стави пожарот под контрола, кога се очекува температурата повторно да се зголеми, изјави командантот на Цивилната заштита Андре Фернандес.

Канбера – Поранешниот австралиски премиер Скот Морисон денеска изјави дека тајно раководел со пет клучни министерства за време на пандемијата на коронавирусот, бидејќи верувал дека одговорноста за нацијата е само негова.

Морисон, кој се повлече од лидерската функција во Либералната партија по поразот на општите избори во мај, пред медиумите одговараше на прашања во врска со критиките што на негова адреса ја упатуваа лабуристите, но и негови сопартијци, за неумерено практикување извршни функции без преседан.

Токио – Поранешниот член на управниот одбор на Олимписките игри во Токио и три лица од компанијата за облека, што беше спонзор на Игрите во 2021 година, се уапсени денеска поради земање мито.

Според наводите на Обвинителството, Харујуки Такахаши, поранешен извршен директор на маркетинг агенцијата „Дентсу“, парите ги зел од некогашниот директор на „Аоки Холдингс“ и двајца вработени во компанијата.

Ерусалим – Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска го повлече вчерашното обвинување за извршени израелски 50 холокаусти, појаснувајќи дека неговата намера била само да ги нагласи „злосторствата“ извршени од Израел врз Палестинците низ годините.

Изјавата што Абас ја изнесе на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин наиде на критики во Израел, САД, Германија, а беше критикувана и од Шолц, кој и самиот наиде на серија критики затоа што молчел кога слушнал што рекол Абас.

Скопје – Македонскиот репрезентативен центар, Теодор Симиќ во сезоната што претстои ќе игра како како позајмен играч на Борац од Бања Лука, откако потпиша за Игокеа.

По разделбата со Барселона, 18-годишниот Симиќ се согласи на повеќегодишен договор со актуелниот шампион на Босна и Херцеговина, и клуб кој веќе неколку години со успех го предводи доскорешниот селектор на нашата најдобра селекција, Драган Бајиќ.

Скопје – Тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски е оптимист пред пресметките со Балкани од Косово во плејофот од Конференциската лига на УЕФА.

Со евентуален успех, македонскиот шампион ќе стане втората екипа од нажата држава која изборила учество во групна фаза во еврокуповите. Првиот тим е Вардар кој во ерата на Сергеј Самсоненко играше во групите во Лига Европа.

Љубљана – Најдобриот словенечки кошаркар, Лука Дончиќ изјави дека како победник на Евробаскет 2017 си поставил за цел да ја одбрани титулата на претстојното Европско првенство 2022.

– Одиме во Германија да освоиме злато. На секој турнир каде што учествуваме нашата цел секогаш треба да биде првото место. Ќе направиме сè за ова, но ќе видиме дали ќе успееме. Во 2017 година никој не нè сфати сериозно кога ја објавивме нашата намера да освоиме златни медали, денес сè е поинаку. Пријатно е чувството кога се знае дека сите вложуваат дополнителни напори против нас за да не победат, изјави Дончиќ.

 

Back to top button
Close
Close