МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 октомври 2021

20 октомври 2021

Скопје –  Пред вториот круг на локалните избори што треба да се одржат на 31 октомври, претседателот на СДСМ Зоран Заев со писмо до членството апелира за мобилизација и обединување, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на здружена опозиција. СДСМ во вториот круг има вкупно 32 кандидати во општините и Град Скопје, додека ВМРО-ДПМНЕ има кандидати во 28 општини. Во главниот град, во вториот круг кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов ќе се бори против независната кандидатка Данела Арсовска.

Според последните податоци на Државната изборна комисија, претседателот Александар Даштевски објави дека излезноста на локалните избори во првиот круг е 51,5 проценти или најмала досега од независноста на државата. Тој ги оцени изборите како успешни во однос на првиот круг и оти се најголемите избори што се спроведени досега.

Скопје – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска во Клубот на пратеници ќе ја одржи 53. седница.

На дневен ред на седницата е постапување по доставени приговори од учесник во предизборната кампања за избори за членови на советите на општините и Советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје за Локални избори 2021.

Скопје – Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување во ЕУ и властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати, иако реформскиот напредок во многу области се оценува како умерен. Еврокомисијата упати и критика за блокадата за почеток на преговори за државава. Ова клучните поенти на годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, што вчера беше презентиран во Европскиот парламент во Стразбур за сите шест земји од Западен Балкан, заедно со Пакетот за проширување 2021.

-Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, стои во Извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија.

Скопје – Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, со средба со граѓани од Кисела Вода продолжи со теренските активности по победата во првиот круг на изборите и со тоа го означи почетокот на изборната кампања за вториот круг. На синоќешната средба фокусот беше на изнаоѓање решенија за проблемите во општината.

Жителите од населбата посочија дека во моментов приоритетно е решавањето на проблемот со неконтролирано градење.

Скопје – „Младински климатски самит“ ќе се одржи денеска во Кино Фросина во Младински културен центар. Целта на самитот е отворање дијалог меѓу младите и претставниците од националните институции на теми поврзани со климатската акција.

По глобалните конференции „Youth4Climate – Driving ambition” во Милано и пред 26-та Конференција на ОН за климатски промени во Глазгов, УНИЦЕФ, заедно со Амбасадите на Италија, Шведска и Обединетото Кралство го поддржаа „Младинскиот климатски самит“.

Скопје – Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска ќе ја претстави дигиталната мониторинг платформа за квалитетот на површинските води во Северна Македонија.

Податоците од мониторингот на УХМР се од исклучителна важност да се проценат промените што настануваат во реките поради човечките активности, особено со испуштањата на загадувачки материи. Целта на мониторингот е да обезбедува информации за статусот на водните тела, но и да дава податоци за креирање оправдани, одржливи и ефикасни политики за користење и заштита на водите.

Скопје –  Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) во соработка со ОУ „Крсте Петков Мисирков“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска организира настан во битолското село Егри по повод одбележувањето на Светскиот ден на храната.

Светскиот ден на храната оваа година повикува на глобална солидарност да се преземе акција и да се сензибилизира јавноста за тоа како секој од нас има важна улога во трансформирање на нашите земјоделско-прехранбени системи, менувајќи го начинот на кој ја произведуваме, трансформираме, консумираме и фрламе храната – од владите, до приватните компании, земјоделците, граѓанските организации, академијата и сите поединци, вклучувајќи ги и најмладите!

Скопје – Комисијата за родова еднаквост во спортот (КРЕС) денеска ќе ја претстави Програмата за работа за 2022 година, чии приоритети ќе придонесат кон креирање на родово-еднакви политики и родова стандардизација во спортските субјекти.

Воедно ќе бидат објавени и идните програмски активности за унапредување на родовата еднаквост во спортот, а ќе говорат Даниел Димевски-претседател на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Силвија Митевска-претседателка на КРЕС и Гордана Нацева, потпретседателка на КРЕС.

Скопје – Скринингот на учениците за Ковид-19 од денеска во девет средни училишта во Скопје. Ќе се тестираат 258 средношколци. Досега ревакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани. Вакцинираните со „Синовак“ и „Синофарм“ трета доза може да примаат три месеци по ревакцина, одлучи вчера Националниот Комитет за имунизација. Од 8 до 14 октомври од КОВИД-19 починале 105 лица, од кои 79 не биле вакцинирани, информира вчера Министерството за здравство.

Вчера беа регистрирани 472 нови случаи од направени 3431 тестирање или 13,7 отсто, што е во рамки на процентот на заболени од коронавирусот за време на работните денови, кој се движи од 10 до 15 отсто. Евидентирани беа вкупно 14 починати лица – осум во претходното деноноќие и шест преку системот „Мој термин“ од 18 септември до 12 октомври 2021, и 498 оздравени пациенти, информираа вчера од Министерството за здравство, повикувајќи се на податоци од Институтот за јавно здравје.

Атина  – Од атинскиот аеродром, за Португалија, заминаа 43 Авганистанци, признаени бегалци и баратели на азил, во рамките на билатералниот договор меѓу двете земји за релокација на 1.000 бегалци, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштуваат дека со заминувањето на групата, заврши пилотската фаза од програмата и веќе се релоцирани 100 лица.

Софија – На медиумскиот пазар во Бугарија доминираат мал број влијателни играчи, од кои многумина се поврзани со владата, и иако во парламентарна опозиција ГЕРБ и нејзиниот лидер Бојко Борисов успеаја да ја одржат контролата врз медиумскиот пазар и особено врз јавните медиуми. Главното регулаторно тело, Советот за електронски медиуми (СЕМ), не може да обезбеди транспарентност на медиумскиот пазар бидејќи е „ранлив од државна контрола и влијание на партијата ГЕРБ, која помогна да се изберат нејзините сегашни членови“.

Ова се некои од наводите во извештајот „Невидлива рака на цензурата на медиумите“ на бриселската иницијатива за слободни медиуми на Балканот (БМФИ), објавен во Брисел, за кои денеска јавија бугарски медиуми.

Брисел – Европската унија оваа недела почна да работи на ревизија на своите фискални правила, со оглед на воведување нови концесии за да се олеснат потребните инвестиции за земјите -членки.

Европската комисија започна јавна дебата за таканаречениот Пакт за стабилност и раст – фискалната рамка за нивото на долгот и дефицитот на земјите. ЕУ го замрзна пактот во март 2020 година за да им даде флексибилност на земјите -членки да одговорат на кризата со коронавирусот.

Порто – Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, го призна поразот (0:1) од Порто во натпреварот од 3. коло во Лигата на шампионите.

– Овој меч е лесен за анализа. Направивме премалку. Игравме помалку компактно од вообичаеното, оставивме простор и бевме премногу невешти со топката. И, што ретко се случува, ни недостасуваше разбирање за играта. Порто победи заслужено, ние мора да им честитаме. Нивото на нашата игра беше недоволно. Се разбира, на играчите кои беа долго отсутни поради повреда им треба време да ја достигнат својата оптимална форма. Можевме да одиграме подобро, но за жал не беше наша вечер и ги плативме грешките, истакна Пиоли.

Мадрид – Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, забележа историско достигнување на натпреварот од Лигата на шампионите одигран синоќа против Ливерпул во 3. коло од групната фаза против Ливерпул (2:3).

Триесетгодишниот Французин стана првиот фудбалер во историјата на елитното натпреварување кој успеал да постигне два гола и да добие црвен картон на ист натпревар.

Скопје – Претежно сончево, претпладне во јужните делови со појава на мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната од 17 до 22 степени.Во Скопје, претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 20 степени.

До петок ќе се задржи стабилно и потопло време. По одделни котлини и речни долини ќе има појава на утринска магла и ниска облачност, особено во четврток. За време на викендот се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање, особено од недела.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close