МИА ФлешПакети

МИА Флеш

10 август 2022

10 август 2022

Скопје – Делегација од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по повод 21-годишнината од загинувањето на осум армиски резервисти кај месноста Љуботенски бачила, денеска положи цвеќе пред спомен-обележјата во општина Ѓорче Петров и во Волково, пред спомен-обележјето во село Љубанци и во касарната „Илинден“ во Скопје.

Во состав на делегацијата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беа полковник Билјана Блажеска, аѓутант на претседателот и Валентин Диневски, посебен советник за безбедност.

Скопје – Во спомен на осумтемина бранители и припадници на Армијата кои животот го загубија кај месноста Љуботенски Бачила во конфликтот од 2001 година, денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, положија венец на спомен обележјето кај Љуботенски бачила.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, во чест на загинатите, а како дел од низата одбележувања на овој настан, министерката Петровска како предводник на владината делегација, во чиј состав беше и советникот за одбрана на Претседателот на Владата Драган Василевски, положија венец и пред спомен плочата на загинатите бранители во касарната „Илинден“ во Скопје.

Скопје – Чивнинг секретаријатот прифаќа апликации за стипендии за учебната 2023/2024 година од 2 август до 1 ноември 2022, со пријавување на www.chevening.org/apply. За 2023/2024 на глобално ниво ќе бидат доделени над 1500 Чивнинг стипендии.

Тие се дел од глобалната програма на британската Влада за стипендирање, финансирана од Министерството за надворешни работи, комонвелт и развој. Стипендиите поддржуваат студирање на британски универзитет за едногодишни магистерски студии и за индивидуалци кои покажуваат потенцијал да станат идни лидери, носители на одлуки и креатори на мислење.

Софија – Бугарската владина агенција „Патна инфраструктура“ објави дека денеска распишала јавен тендер за избор на изведувач за изработка на идејно-технички проект со детален распоред – план за парцела за изградба на автопатот „Ѓуешево – Дупница “.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, трасата ќе овозможи удобна врска меѓу трансевропскиот транспортен коридор „Ориент/Источен Медитеран“, по кој се наоѓа трасата на автопатот „Струма“ и границата со Република Северна Македонија. Оваа траса е дел од главната TEN-T мрежа. Се очекува автопатот да биде во должина од околу 62 километри.

Скопје – Авионската дезинсекција против возрасни форми комарци на подрачјето на градот Скопје ќе се спроведе на 13 август (сабота) и 14 август (недела) во раните утрински часови, соопшти РЦУК.

Доколку временските прилики не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, како што се посочува, таа ќе се изврши првиот нареден ден кога временските прилики ке бидат поволни и тоа во истиот термин.

Скопје – Драмски театар – Скопје (ДТС) со монодрамата „Кармен“ в петок ќе учествува на фестивалот РУТА на Бриони во Хрватска, каде што театарот „Улисис“ е домаќин на летното издание на овој фестивал и на гостувањата на членките од Регионалната унија на театри со нивните претстави.

Фестивалската програма на Бриони е во рамките на театарско-музички проект на тимот на  актерот Раде Шербеџија, уметничката директорка Ленка Удовички и директорот Душко Љуштина. На фестивалот настапуваат познати теататски куќи и музичари од десетина земји.

Белград – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека Северноатлантската алијанса е долгорочен и близок партнер со Србија, а кога станува збор за Косово, порача дека сите страни мора да останат смирени и да избегнуваат еднострани дејствија, јави дописникот на МИА од Белград.

-НАТО и Србија се блиски и долгогодишни партнери. Нашето партнерство се заснова на политички дијалог и практична соработка, со целосно почитување на државната политика на воена неутралност на Србија. Нашиот политички дијалог се манифестира на различни начини. Ова ги вклучува моите контакти со претседателот Александар Вучиќ и другите политички лидери и редовните интеракции со моите српски колеги, меѓу кои се и мојот заменик помошник за политички прашања и безбедносна политика и шефот на Канцеларијата за воени врски на НАТО во Белград, објасни Столтенберг во интервјуто за подгорички „Вјести“, додавајќи дека ова ги вклучува добро воспоставените односи меѓу командантот на КФОР и началникот на Генералштабот на Србија.

Загреб – Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ го посети хрватскиот град Дубровник и по тој повод се осврна на војната и бомбардирањето на тој град во кој учествуваше и Црна Гора во 1991 година.

– Како дете се сеќавам на бомбардирањето на Дубровник – најголемиот срам на Црна Гора во нејзината модерна историја, земја која тогаш беше заробена во канџите на национализмот, омразата и военото профитерство, истакна Абазовиќ.

Атина – За 0,4 отсто во споредба со мај годинава и за 2,9 проценти во споредба со јуни 2021 година, се намалила невработеноста во Грција, која за месец јуни изнесува 12,1 отсто, согласно официјалните податоци од Грчката служба за статистика, а според надлежниот министер веќе е на нивото од 2010 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Невработени се 572.109 лица, за 120.976 помалку од јуни 2021 година, а највисока е невработеноста кај младите на возраст од 15 до 24 години и изнесува 27,4 отсто, наспроти 11,3 проценти кај оние меѓу 25 и 74 години.

Тирана – Бродот „Јаохар Раним“ натоварен со 6000 тони пченица од Украина вплови во албанскиот пристанишен град Драч.
Пченицата е нарачка за компанија за брашно во Тирана.

Приштина – Косовскиот премиер, Албин Курти изјави денеска дека примената на одлуките за замена на српските со косовски регистерски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи при влез на граѓаните од едната во другата држава, ќе започне на 1 септмеври годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

На отворањето на денешната седница на Владата, Курти рече дека примената на одлуките, кои веа донесени минатиот јуни, е во функција на редот и законот, јавната безбедност и слободното движење на граѓаните на територијата на цела Република Косово.

Москва – Рускиот истражен комитет отвори кривична постапка против поранешната уредничка на Канал еден (Channel One), Марина Овсјаникова, под обвинение за ширење лажни информации за руската армија, изјави нејзиниот адвокат Дмитри Захватов за руски медиуми.

Како што тој додаде, претресен е нејзиниот стан.

Москва – Руското Министерство за надворешни работи упати остри обвинувања против Обединетите Нации околу ескалација на безбедносната криза во украинската нуклеарна централа Запорожје и предупреди дека светот е „пред пропаст“. Воедно, рускиот амбасадор во ОН за утре побара седница на СБ на ОН посветена на ситуацијата со нуклеарката.

– За жал, ОН играше негативна улога во овој случај, изјави портпаролката на Министерството, Марија Захарова за државната радио станица Спутник, пренесе ДПА.

Лондон – Групата седум индустриски најразвиени земји  ја осуди руската окупација на нуклеарната централа Запорожжје и ја повика Москва веднаш да и ја врати целосната контрола на централата на Украина.

Украинскиот персонал што управува со централата „мора да биде способен да ги извршува своите задачи без закани и притисок. Континуираната контрола на Русија врз централата е таа што го загрозува регионот“, се вели во соопштението на министрите за надворешни работи на Г7.

Токио –  Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска ја реконструираше владата со цел, како што претходно соопшти, да ја дистанцира од контроверзната Унификациска црква, позната и како Мунова секта, поврзана со убиениот поранешен премиер Шинѕо Абе и со високото раководство на владејачката партија.

Кишида вчера изјави дека спроведувањето „строга ревизија“ на односот меѓу црквата и кандидатот за функција во кабинетот ќе биде „предуслов“ за нивно именување.

Вашингтон – Поранешниот вработен во Твитер, Ахмад Абуамо е осуден поради пристап до личните податоци на корисници кои ја критикуваат Владата на Саудиска Арабија.

Абуамо, американски државјанин и поранешен менаџер задолжен за блискоисточното медиумско партнерство на Твитер, е обвинет во 2019 година дека дејствувал како агент на Саудиска Арабија без да се регистрира во американската Влада. Судиите во случајот го прогласија за виновен за шест обвиненија, вклучително и заговор за извршување измама со користење на интернет и перење пари. Тој е ослободен за пет други обвиненија поврзани со измама.

Коломбо – Владата на Шри Ланка поднесе предлог уставен амандман до Парламентот, чија цел е ограничување на претседателските овластувања.

Според предлогот, дел од ингеренциите на претседателот на Шри Ланка ќе бидат пренесени на уставниот совет, составен од пратеници и непартиски личности. Со измените, советот ќе предлага кандидати за членови на Независната изборна комисија, полициски и јавни службеници и истражители за мито и корупција. Додека претседателот ќе може да именува државен обвинител и гувернер на Централната банка само предложени од советот.

Берлин – Роберт Левандовски не сака Барселона да игра против Баерн во групната фаза од Лигата на шампионите.

На прашањето од германските новинари дали сака да се соочи со својот поранешен клуб во груата од елитното фудбалско натпреварување, Левандовски одговори:

Скопје – До недела времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти УХМР.

Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град. Температурите ќе бидат во постепено опаѓање и под просекот за овој период од годината. Утре минималните температури ќе се движат од 10 до 20 степени, а дневните максимални од 21 до 34 степени.

Back to top button
Close
Close