МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 октомври 2021

18 октомври 2021

Скопје – Согласно обработените 100 отсто од податоци од Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашните Локални избори во првиот круг избрани се 33 градоначалници од кои за еден не е исполнет цензусот за излезеност. Се уште не се обработени 100 отсто од гласовите за општините Аеродром, Ѓорче Петров, Ресен и Центар, како и за Градот Скопје.

Во општина Арачиново од обработени 100 отсто од гласачките ливчиња кандидатот на ДУИ освоил 44,23 отсто од гласовите, а на СДСМ и коалицијата 39,14 отсто, што значи дека ќе има втор круг.

Скопје – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски утре ќе престојува во работна посета на Софија каде што ќе потпише меморандум за трилатерлна соработка за развојот на одржлива патна и железничка инфраструктура на Коридорот 8. Потписници  на меморандумот покрај Северна Македонија се и Бугарија и  Албанија.

-Целта на меморандумот е да се потврди подготвеноста на трите страни за долготрочно планирање и координиран развој на Коридорот 8 со фокус на проекти кои се од најголемо значење за регионот, информираа за МИА од Министерството за транспорт и врски.

Битола Од денес, во остатокот од кампањата пристапувам со уште поголема мотивација, желба и посветеност да допрам до секој од вас, до секој мој сограѓанин претставувајќи ја визијата за Битола за подобро утре, изјави кандидатот за градоначалник од СДСМ Христо Кондовски.

Во изјава за медиумите, Кондовски посочи дека во вториот изборен круг кој е веќе извесен, ќе дадам се од себе, да ја максимизирам вашата поддршка уверувајќи ве дека токму тој избор е најдоброто за нашата Општина.

Скопје – Во населбата Ќерамидница денеска во 13:45 часот од слобода била лишена В. А. (55) од Скопје, врз основа на централна потерница и наредба од Основно јавно обвинителство за спроведување истражна постапка во врска со чл. 247 од Кривичниот законик за „измама“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во 12:40 часот полициски службеници од Оперативен тим Потраги, на ул. „Народен фронт“ ја лишија од слобода Г. К. (74) од Скопје за која биле распишана централна потерница и наредба од Основно јавно обвинителство за истражна постапка во врска со чл. 279 ст. 2 од Кривичниот законик за „даночно затајување“, стои во соопштението.

Берово – Украдени се пари од црквата „Св. Пророк Илија“ во село Митрашинци. Кражбата се случила во периодот од 13 до 17 октомври по што за настанот е известена беровската полиција.

– Во Полициската станица Берово, било пријавено дека во периодот од 13 октомври 2021 до пријавувањето 17 октомври 2021 во 07.00 часот непознат сторител влегол во црквата во беровското село Митрашинци, при што биле одземени пари. По пријавата извршен е увид од страна на екипа на ОВР Берово, соопштија од беровската полиција.

Скопје – Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и државна секретарка на Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, заедно со членовите на Националната комисија со пригоден настан го одбележаа Европскиот ден за борба против трговија со луѓе преку јубилејна промоција на работата на Националната комисија во изминатите 20 години.

Како што информира МВР, настанот се одржа во комбиниран формат, со присуство на дел од членовите на Националната комисија во Министерството за внатрешни работи и преку електронската платформа „Зум“, преку која пошироката стручна јавност можеше да го проследи настанот.

Скопје – По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 53-годишен жител на селото Дебреше, како што соопшти Јавното обвинителство, на 8 април годинава, се движел во својата нива во атарот на селото, носејќи огнено оружје во пределот на појасот – пиштол и 12 куршуми со калибар 9мм Para, за кои немал соодветна дозвола за поседување.

Прилеп – Заедно можеме да придонесеме за развојот на Прилеп, порача денеска кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ Борче Јовчески кој, според резултатите, освои мнозинство гласови на граѓаните и уште во првиот круг е избран за нов градоначалник на Прилеп.

Заблагодарувајќи се за довербата, Јовчески рече дека е запишана нова страница во историјата на Прилеп.

Штип –  Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов на денешната прес-конференција во неговиот кабинет се заблагодари на граѓаните, кои во декември 2020 му ја дадоа поддршката да биде градоначалник на Штип.

-Ми беше привилегија и со задоволство, максимален труд и залагање успеавме во овие девет месеци да направиме Штип да биде една општина во развој, еднаква за сите наши сограѓани, рече Николов.

Скопје –  Кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје поддршан од СДСМ и Коалицијата Петре Шилегов денеска порача дека во вториот изборен круг влегуваат изедначено и оти ќе имаат голема победа.

Шилегов на прес-конференција го оцени вчерашниот изборен ден како успешен и како празник на демократијата и им честиташе на сите кандидати за резултатот во првиот круг и на граѓаните кои излегоа на гласање.

Скопје – До Државната изборна комисија (ДИК) до попладнево ниту еден подносител на листа на кандидати за Локалните избори нема поднесено приговори за постапката за гласање и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето. Според информациите од ДИК, од поднесените приговори за заштита на лично избирачко право, на денот на изборите прифатени се 217.

Приговорот на постапката за гласање се поднесува во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а приговорот на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесува во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати. Завршувањето на роковите, како што појаснуваат од Државната изборна комисија, зависат од времето кога завршило гласањето во секоја од општините поединечно.

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствуваа денеска во Хоргош на церемонија по повод почеток на работите за реконструкција и модернизација на пругата Суботица – Хоргош – граница со Унгарија (Сегедин), јави дописникот на МИА од Белград.

-Пругата од Суботица до Сегедин ќе биде поврзана со брзата пруга од Белград до Будимпешта, најави Вучиќ, изразувајќи уверување дека може да се договори заедничко име за неа, да има српско име и унгарско презиме, или обратно.

Будимпешта – Питер Марки-Заи, конзервативниот градоначалник на мал град во јужниот дел на Унгарија, ќе биде кандидат на здружената опозиција, кој ќе му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан на следните парламентарни избори во пролетта 2022 година.
Тој ја победи Клара Добрев, потпретседателка на Европскиот парламент и кандидатка на либералната партија Демократска коалиција, во вториот круг од вчера одржаните прелиминарни избори внатре во опозицијата, со 57 отсто од гласовите.

Душанбе – Постсоветскиот безбедносен блок (ЦСТО), што го предводи Русија, денеска ја почна најголема воена вежба во последните неколку години во близина на границата меѓу Таџикистан и Авганистан.

Таџикистан одби да го признае талибанското раководство во Авганистан, а воените сили се натрупуваат од двете страни на границата.

Москва – Русија од следниот месец ќе ги прекине сите дипломатски односи со НАТО, соопшти Министерството за надворешни работи, предводено од Сергеј Лавров.

Москва најави дека целосно ќе ги прекине операциите на својата мисија во НАТО, две недели откако блокот предводен од САД протера осум руски дипломати поради наводна „неоткриена шпионажа“ во седиштето во Брисел.

Пекинг – Кина тестираше вселенско летало во јули, а не хиперсонична нуклеарна ракета, како што објави „Фајненшл тајмс“, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана.
Повикувајќи се на петмина луѓе запознаени со темата, „Фајненшл тајмс“ во саботата објави дека Кина тестирала хиперсонична ракета со нуклеарни способности што летала низ вселената, а орбитирала околу светот пред да слета кон својата цел, која ја промашила околу 32 километри. Весникот наведува дека тој подвиг „ја изненади американската разузнавачка служба“.
– Тоа не беше ракета, туку вселенско летало, рече портпаролот на министерството Жао Лиџијан на редовниот брифинг со новинарите во Пекинг, додавајќи дека тоа е „рутински тест“ за испитување на технологијата за повторна употреба на леталото.

Вашингтон – Колин Пауел, првиот афро-американски државен секретар на САД, почина денеска на 84-годишна возраст од последиците на заразата со коронавирус.

„Генералот Колин Л. Пауел, поранешен државен секретар на САД, почина утрово поради компликации предизвикани од коронавирусот“, соопшти неговото семејство.

Вашингтон – Во американскиот Конгрес на 26 октомври ќе се одржи расправа со наслов „Ангажман на САД на Балканот“, на која треба да се дискутираат насоките на американската политика.

Сослушувањето треба да се одржи во 14 часот по локално време, или 20 часот по средноевропско време, според веб – страницата на Одборот за надворешни работи.

Атина – Во храмот на божицата Хера во античка Олимпија на грчкиот полуостров Пелопонез, во присуство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, претседателот на грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос и потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022“ Ју Зајчин, од зраците на сонцето, претпладнево беше запален олимпискиот оган за 24-те Зимските Олимписки игри „Пекинг 2022“, јави дописничката на МИА од Атина.

Традиционално, со специјална кореографија и молитва до богот на сонцето Аполон да ги испрати неговите зраци и да го запали светиот факел за Пекинг, палењето на олимпискиот оган беше успешно.

Атина – Само неколку секунди откако беше запален олимпискиот оган во античка Олимпија за ЗОИ „Пекинг 2022“, целосната тишина беше прекината од извици и слогани на демонстранти, по што интервенираше обезбедувањето, а церемонијата продолжи непречено, јави дописничката на МИА од Атина.

Според објавите на социјалните мрежи станува збор за активисти од движењето „Free Tibet“ кои повикуваат на бојкот на ЗОИ, но и бараат ослободување на уапсените активистки вчера во Атина.

Нион – Европската фудбалска асоцијација сака да ја казни Англија за однесувањето на навивачите на денот на последниот натпревар од Евро 2020 со Италија (2:3 на пенали), објави „Скај Спортс“.

Пред почетокот на натпреварот, околу сто навивачи без билети се обидоа да влезат на стадионот.

Back to top button
Close
Close