МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 октомври 2021

18 октомври 2021

Скопје – Согласно обработените 100 отсто од податоци од Државната изборна комисија (ДИК) до 9:30 часот денеска, на вчерашните Локални избори во првиот круг избрани се 27 градоначалници, од кои за еден не е исполнет цензусот за излезеност, а се уште не се целосно обработени гласовите за 15 општини и Градот Скопје.

Во општина Арачиново од обработени 100 отсто од гласачките ливчиња, кандидатот на ДУИ освоил 44,23 отсто од гласовите, а на СДСМ и коалицијата 39,14 отсто, што значи дека ќе има втор круг.

Скопје – Од 82 проценти од обработените податоци за градоначалник на Град Скопје, според податоците објавени на веб страницата на Државната изборна комисија, независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска има 37,28 проценти од гласовите, а кандидатот на СДСМ Петре Шилегов – 34,96 отсто.

Потоа следи Перо Георгиевски од Левица со 8,58 процент, Арбен Шаќири од ЛДП/ДОМ – 4,04 проценти, Ана Петровска од Зелен хуман град – 3,91 проценти и Александар Тортевски од Твоја Партија – 1,07 процент. Излезноста е 48,77 проценти. За Совет на Скопје најмногу гласови има ВМРО-ДПМНЕ – 33,91 проценти, потоа СДСМ – 22,39, ДУИ -13,17, Левица – 8,38, АА/А – 5,63, ЛДП/ДОМ – 3,85, Зелен хуман град – 3,58, , БЕСА – 1,13 отсто, а останатите се под еден процент.

Скопје – Мисијата на ОДИХР денеска ќе ја соопшти прелиминарната оценка од набљудувањето на локалните избори во Северна Македонија.

Тана де Зулуета, шефица на Набљудувчката мисија за изборите на ОДИХР и Штефан Краусе, заменик шеф на мисијата во 15 часот на прес-конференција ќе ги презентираат своите наоди.

Скопје – Како дел од програмата „Креативна Европа“, во книжарниците на ТРИ е објавена книгата „Тажниот гостин“ од Матијас Наврат, дел од едицијата „Читаме заедно“. Преводот е на Слободанка Поповска.

Книгата говори за смислата и одговорите за суштината на животот и смртта, а главниот јунак се бара себеси во непознат простор и полека ја ослободува својата приказна

Скопје – Согласно бројот на активни предмети во работа во одделите на Основниот кривичен суд Скопје, како и во Одделението за организиран криминал и корупција, како и бројот на судии кои постапуваат по предметите, со одлука на претседателот на судот направена е промена во годишниот распоред за работа на судиите, информираа денеска од Кривичен суд.

– Судијата Фанка Јанчулева Михаиловска од Одделот Кривично полнолетни е распределена да постапува во Одделението за организиран криминал и корупција, со што ќе ја превзема римската ознака, односно предметите по кои досега постапуваше судијата Владимир Туфегџиќ, кој беше разрешен по негово барање, соопштуваат од  Кривичен суд и додаваат дека меѓу предметите кои ги презема новиот судија во одделението е и предметот познат како „Шпански скали“ за кој расправата е насрочена за 20 октомври. Исто така, судијката Јанчулева Михаиловска, ќе го води судењето за предметот „Еразмус“ за кој расправата е насрочена за 2 ноември.

Скопје – Издавачката куќа Темплум четврти пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип, кој ќе биде отворен до 14 ноември 2021.

Од Темплум известуваат дека право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на државата, кои ќе испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници).Оттаму појаснуваат дека оние кои ќе конкурираат можат да испратат и стрипови од една или две страници, но не повеќе од 16.

Скопје – Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала синоќа во 22:13 минути бил почувствуван од населението, особено во северозападните делови од земјава, соопшти денеска Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 4,8 степени, а епицентарот се наоѓал во Република Албанија, 147 километри западно од Скопје.

Скопје – Голем број граѓански организации од целата држава на иницијатива на „Ајде Македонија“  во сабота (23 октомври) од 10 до 18 часот ќе спроведат национална хуманитарна акција „Нахрани 10 000“ за собирање храна. Станува збор за национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозени граѓани.

Како што информираат организаторите, целта е на граѓаните да им се даде можност редовно да донираат храна која ќе заврши во рацете на 10 000 социјално загрозени граѓани. Хуманитарниот чин ќе се одвива во девет градови низ државава: Скопје, Битола, Виница, Струмица, Неготино, Охрид , Струга , Прилеп и Берово.

Скопје – Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 76,50 денари, а 78,50 денари  на ЕУРОСУПЕР БС -98. ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе се продава по 68,50 денари, а 68 денари Екстра лесно 1 (ЕЛ-1).

Приштина – По преброени повеќе од половина од гласачките ливчиња, резултатите укажуваат дека во Косово се избрани градоначалници на 19 општини уште во првиот круг, пишува Коссев.

Од досега објавените резултати на веб -страницата на Централната изборна комисија, Дечани, Качаник, Јужна Митровица, Лепосавиќ, Липљан, Ново Брдо, Обилиќ, Пеќ, Србица, Штрпце, Сува Река,  Урошевац, Зубин Поток, Звечан, Генерал Јанковиќи, Ранилуг, Партеш и Северна Митровица ќе го решат прашањето за градоначалникот, пренесува Коссев, повикувајќи се на Газета експрес.

Тирана – Руската амбасада во Тирана ја потврди смртта на четворица руски државјани во албански хотел и изрази надеж дека ќе се спроведе детална истрага за инцидентот.

-Руската амбасада во Албанија ја потврди смртта на четворица Руси во хотелот „Глорија“ во Каваја, Албанија. Конзуларниот оддел на руската дипломатска мисија во Албанија е во редовен контакт со албанската полиција, која ги истражува околностите на овој трагчен настан. Се надеваме на темелна истрага од надлежните албански служби за причините за смртта на руските државјани, се наведува во соопштението на руската дипломатска мисија во Тирана.

Тирана – Претседателот на САД, Џозеф Бајден, е тужен од албанското семејство Мислими, кое тврди дека иако биле избрани за американската „виза за разновидност“, нивното барање не било разгледано.

Според Топ чанел, тужбата е поднесена против Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен, американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким и директорот за конзуларни работи Морган Д. Мајлс.

Подгорица – Предупредувањата за несоодветното функционирање на државните органи во рамките на системот на НАТО бараат прецизен одговор од црногорските државни институции, изјави претседателот на парламентарната Комисија за меѓународни односи, Миодраг Лекиќ.

Неговата изјава е коментар за оценката на заменикот-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, за некои сегменти од односите меѓу НАТО и Црна Гора.

Софија – Според кандидатот за претседател на Бугарија, од Националната унија на десницата, КОД се срами што најголемите споменици во земјата припаѓаат на советската армија, а не на бугарските херои. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Горан Благоев изјави на средба преку интернет со гласачите и ги даде како пример двата најголеми града во Бугарија – Софија и Пловдив. Според Благоев, се додека Бугарија и бугарската политичка елита продолжуваат да зависат од Кремљ, корупцијата ќе продолжи да ги ограбува приходите и бугарските граѓани ќе останат најсиромашните во ЕУ.

„Не е точно дека шефот на државата нема можности да влијае врз владата“, објасни Горан Благоев. Според него, со авторитет и изразена цврста волја, претседателот на Бугарија може да бара од владата да води политика во корист на граѓаните и да ги зголеми нивните приходи, а не да ги распределува своите пари на затворање компании во корупциски шеми, како што е досегашната практика. Задачата на правото е да создаде правила за слободна економија, високи примања и достоинствен живот за секој граѓанин во земјата. Без право, секоја земја е осудена на сиромаштија, лаги и корупција. Бугарија живее во оваа реалност веќе 30 години, рече Горан Благоев, кој покрај тоа што е познат телевизиски новинар, е и историчар.

Вилнус – Министерот за внатрешни работи на Литванија Агне Билотаите денеска во Вилнус најави зголемување на војниците за поддршка на граничната полиција, во чии рамки ќе се додаваат до 64 војници дневно.

Литванија ја зајакнува границата со Белорусија поради зголемениот прилив на мигранти.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон денеска иницира работни групи што ќе бидат одговорни за предлагање реформи во судството, со цел да одговори на критиките поради бавноста на судскиот систем.

Работните групи неколку месеци ќе работат на предлози за реформи и ќе вклучуваат претставници на судството – судии, обвинители, адвокати, затворски чувари, како и граѓани волонтери.

Брисел – Западниот Балкан ќе биде на агендата на министрите на ЕУ во рамките на Советот за надворешни работи, хрватскиот министер предупреди дека ситуацијата во регионот се влошува, јави дописничката на МИА од Брисел.

Состанокот, кој се одржува во Луксембург овој месец, е посветен на сите големи предизвици во областа на надворешната политика на ЕУ, овој пат Западниот Балкан е повторно тема на дискусии.

Лондон – На денешен ден во 1922 година, беше основан Би-Би-Си – првиот јавен сервис во светот. Корпорацијата беше основана од група водечки производители на безжични мрежи, вклучително и Гиљермо Маркони.

Програмата започна во ноември истата година, а пет години подоцна, по кралското одобрување, го доби сегашното име British Broadcasting Corporation (Би-Би-Си).

Луксембург – Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел денеска изрази надеж дека европските и иранските дипломати наскоро ќе се сретнат за да се обидат да ги заживеат нуклеарните преговори, но одби да ги потврди извештаите дека состанокот ќе се одржи в четврток во Брисел.

Претходно, „Блумберг њуз“, повикувајќи се на изјава на ирански пратеник, информира дека иранскиот министер за надворешни работи вчера рекол оти состанокот ќе се одржи овој четврток.

Скопје – Македонската женска фудбалска репрезентација ги продолжува европските квалификации за пласман на Светското првенство што ќе се одигра во Австралија и Нов Зеланд 2023 година. „Црвено-жолтите“ на 21 октомври гостуваат во Рига кај Летонија, а на 26 октомври во Охрид, ја пречекуваат репрезентацијата на Луксембург.

Селекторот, Кирил Изов за квалификациските дуели ги повика  фудбалерките.

Париз – Пари Сен Жермен сака да го размени напаѓачот Мауро Икарди со фудбалерот на Барселона, Серхио Агуеро, пренесува „Ел Национал“.

Според изворот, една од причините за евентуалниот трансфер е желбата на напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси да игра во ист тим со Агуеро.

Скопје – До петок ќе се задржи стабилно и потопло време. По одделни котлини и речни долини ќе има појава на утринска магла, особено во четврток. Локални врнежи од дожд и заладување се очекуваат од сабота, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Утринските температури утре ќе се движат од 2 до 9 степени, а дневните од 12 до 21 степен. Во Скопје и околината утринската температура утре ќе достигне до 6 степени, а дневната до 17 степени.

Back to top button
Close
Close