МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 октомври 2021

18 октомври 2021

Скопје – Првиот круг од локалните избори заврши. Додека Државната изборна комисија сукцесивно ги објавува резултатите на својата веб страница, партиите и од власта и од опозицијата прогласија победа.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски на последната прес-конференција одржана по полноќ рече дека постојано пристигнуваат нови податоци од гласањето.

Скопје – Постапката за сумирање на резултатите трае и како што завршува избирачките одбори со собирање на резултатите тие се внесуваат на веб апликацијата. Досега имаме добиено резултати од 1.662 места за градоначалници, од вкупно 3.480 избирачки места, односно 47,76 проценти, информираше вечерва претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

За Совети на општини, посочи Даштевски, има пристигнато за 1.595 места, од 3.489 избирачки места, односно 45,83 проценти. За Градоначалник на Град Скопје има пристигнато резултати од 685 места, односно 17.66 проценти и за Совет на Град Скопје има 117 пристигнати резултати, вкупно избирачки места 685 и 17,8 проценти.

Скопје – Од 20 проценти од обработените податоци за градоначалник на Град Скопје на веб страницата на Државната изборна комисија независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска има 38,59 проценти од гласовите, а кандидатот на СДСМ Петре Шилегов – 35,01 отсто.

Потоа следи Перо Георгиевски од Левица со 8,41 процент, Арбен Шаќири од ЛДП/ДОМ – 3,69 проценти, Ана Петровска од Зелен хуман град – 3,63 проценти и Александар Тортевски од Твоја Партија – 1.01 процент.

Скопје – Завршено е броењето на гласовите и во првиот круг избрани се градоначалници на девет општини: Градско, Дојран, Центар Жупа, Богданци, Виница, Валандово, Зрновци, Могила, Пласница и Липково, покажуваат досегашните податоци објавени на онлајн апликацијата на Државната изборна комисија.

Во прв круг избрани се: Киро Нацков од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Градско со освоени 55,66% од гласовите, Анго Ангов од СДСМ за градоначалник на Дојран со 53,21% од гласовите, Аријан Ибраим од ДПТМ за градоначалик на Центар Жупа со 71,16%.

Скопје – СДСМ и коалицијата победуваат во прв круг или имаат сериозно водство пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини и секако во Град Скопје, изјави вечерва на прес-конференција премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Тој додаде дека во општините каде што има втор круг, кандидатите на СДСМ и коалицијата имаат загубено голем број на гласови кај коалиционите партнери кои во првиот круг настапуваа самостојно.

Скопје – ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа во 20-тина општини, а други влегува во вториот круг. Се чекаат резултатите за скопските општини Аеродром и Кисела Вода каде, според аналитичкиот центар на партијата, нивните кандидати се во водство.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција изјави дека очекуваат разликата на советничките листи да биде повеќе од 50 илјади гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ. За Градот Скопје, како што рече, води независната кандидатка која тие ја поддржаа.

Скопје – Поставените проекции како цел од страна на Левица, полека се остваруваат, изјави вечерва лидерот на ова политичка партија, Димитар Апасиев.

За разлика од минатите локални избори од 2017 година, истакна Апасиев, на овие избори Левица го задржува епитетот на најбрзо растечко левичарско движење во Европа.

Скопје – Иднината на Европа, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан ќе биде тема на разговор на состанокот на Меѓународното европско движење што ќе се одржи денеска и утре во Рим.

Во име на македонското Европско движење е испратена порака по повод Самитот ЕУ-Западен Балкан, во вид на изјава, која ќе биде пренесена на состанокот. Изјавата е потпишана од претседателката на  Европско движење во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска.

Скопје – Началникот на Генералштабот (ГШ) на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, генерал-потполковник Ромулус Русин-Сенди, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, денеска ќе престојува во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.

По церемонијата за пречек со воени почести, генералот Сенди ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Скопје – Манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик јазик „Крсте Мисирков“ почнува денеска.

Настанот ќе се одржи во Амфитеатарот на Институтот. Денеска е свеченото отворање, а настанот ќе трае шест дена до 22 октомври.

Скопје – Од денеска до 21 октомври ќе се одржат Денови на руската наука, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија и Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид.

Свеченото отворање ќе се одржи во МАНУ, а како што најавија организаторите, во рамки на настанот ќе се одржат четири предавања од различни научни области – вештачка интелигенција, биохемија и молекуларна биологија, земјоделски науки и ветеринарни науки.

Скопје – Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала синоќа во 22:13 минути бил почувствуван од населението, особено во северозападните делови од земјава, соопшти денеска Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 4,8 степени, а епицентарот се наоѓал во Република Албанија, 147 километри западно од Скопје.

Подгорица – Пред Владата во Подгорица денеска ќе се одржи протестен собир против одлуката на катастарската управа да го регистрира манастирот Цетиње како сопственост на Митрополијата црногорско приморска на Српската православна црква (СПЦ).

– Само во таква несреќна Црна Гора директорот на катастарот и управата за државен имот може да ја пренесе сопственоста на друга држава на најголемото светилиште на црногорската државна слобода – манастирот Цетиње, се вели во соопштението потпишано од група граѓани од Цетиње објавено од локалните медиуми.

Луксембург – Министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ денеска во Луксембург ќе разговараат за односите со Западен Балкан, во контекст на средбата помеѓу високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и лидерите од регионот во ОН.

Според српската агенција Бета тие „ќе разговараат и за ситуацијата во северно Косово“, се наведува во подготвителната документ од седницата. Според извори на Советот на министри на ЕУ во Брисел, Борел треба да ги информира министрите за надворешни работи од Унијата за ситуацијата на Западен Балкан и пораките што ги добил од лидерите на регионот, вклучувајќи го и неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Словенија.

Париз – Речиси десет години по завршувањето на петгодишниот мандат на Саркози, поранешниот генерален секретар на претседателството Клод Геан, поранешниот советник Патрик Буисон и уште на  три лица започнувајќи од денес ќе им се суди во аферата со нарачаните анкети на јавното мислење од Елисејската палата, јави дописникот на МИА.

Судењето ќе трае четири недели, пред 32 -от совет на Кривичниот суд во Париз кој ќе ги испитува кулисите на  функционирањето на власта за време на мандатот на Никола Саркози. Заштитен од самиот почеток во овој случај со неговиот претседателски имунитет, поранешниот шеф на државата беше повикан како сведок на судењето од страна на антикорупциското здружение Антикор, кој го покрена случајот. Никола Саркози нема да оди на суд. Во писмо, поранешниот шеф на државата посочи дека нема намера да се „одѕвие“ на оваа покана.

Минск – Францускиот амбасадор во Белорусија ја напушти земјата на инсистирање на Минск. Портпаролот на амбасадата потврди дека Николас де Лакост заминал вчера, еден ден пред истекот на рокот од белоруската влада пренесува Франс24.

Не се посочува причината поради која било побарано негово заминување, но според белоруските медиуми Де Лакост никогаш не се сретнал со претседателот на таа земја Александар Лукашенко за да му ги предаде агреманите.

Дубаи – Пожар избувна денеска во голема рафинерија за нафта во Кувајт, и засега нема извештаи за жртви, соопшти државната нафтена компанија Мина ал Ахмади.

Пожарот во рафинеријата, која се наоѓа долж брегот на Персискиот Залив северно од границата со Саудиска Арабија, не влијае на снабдувањето со електрична енергија и извозот на нафта, наведе компанијата.

Грамблинг –  Едно лице е убиено, а седум други се повредени во пукање на Универзитетот Грамблинг во Луизијана. Тоа е втор таков фатален инцидент во кампусот за помалку од една недела, соопшти универзитетот.

Еден од повредените е студент на универзитет, додека другите не се, објави универзитетот на Твитер. Пукањето се случи вчера, околу еден часот по полноќ.

Токио – Новиот јапонски премиер Фумио Кишида рече дека отстранувањето на отпадните води од нуклеарната централа Фукушима,  оштетена во 2011 година за време на земјотрес и цунами, не може да се одложи и покрај загриженоста на локалното население.

Во говорот за време на неговата прва посета на објектот откако ја презеде функцијата, премиерот Кишида рече дека неговата влада ќе работи на убедување на локалното население во техничката безбедност на проектот за отстранување на отпадните води.

Скопје – Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен.

Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне 17 степениВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ. До петок следува период на стабилно и потопло време, со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Врнежи од дожд се очекуваат во сабота.

Индијан Велс – Шпанската тенисерка Пола Бадоса синоќа ја победи Белорусинката Викторија Азаренка во финалето на турнирот во Индијан Велс со 2-1, по сетови  7:6 (7:5); 2:6 и 7:6 (7:2).

Дваесет и тригодишната Бадоса стана првата Шпанка која победила на турнирот.

Мадрид – Реал Мадрид планира да го продолжи договорот со напаѓачот Карим Бензема, пишува „Goal.com“.

Според спортски портал, клубот сака да потпише нов договор со играчот со важност до летото 2025 година.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close