МИА ФлешПакети

МИА Флеш

15 октомври 2021

15 октомври 2021 

Штип – Кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Штип, Сашко Николов и носителот на советничката листа Александар Мишев на денешната завршна прес-конференција ги повикаа граѓаните да излезат во недела и, како што истакнаа, да се сочува се што е осигурано во изминатите четири години и да се продолжи по вистински пат.

Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Николов посочи дека и тој заедно со сите граѓани посакува да го види Штип рамо до рамо со сите модерни развиени општини, каде децата ќе имаат перспектива, добро образование, квалитетно здравство, каде ќе има економски раст и развој, модерна инфраструктура, каде ќе има прогрес, насмеани и среќни лица.

Охрид – Кандидатот за градоначалник на Охрид поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, денеска во обраќањето пред почетокот на предизборниот молк во пресрет на локалните избори в недела побара поддршка од граѓаните за нова и светла иднина за Охрид.

– Големите одлуки зависат од вас, мои охриѓани. Победа е да имаме заедничка цел. Не смееме да останеме заглавени во хаосот поради безидејноста и проблемите создадени од власта. Не сме сите исти. Ние сме заедно со народот, гарантираме и нудиме нов почеток, замена на апатијата со надеж, заеднички да ја победиме неспособноста, да се избориме за Охрид и Македонија, рече Пецаков.

Битола – Дојде време Битола да ја вратиме на битолчани, Битола повторно да биде космополитска, град на конзулите и еснафите, изјави Тони Коњановски кандидат за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“.

Во своето обраќање пред неделното гласање, Коњановски посочи дека дојде време секој од нас да одлучи дали својот глас ќе го даде за еднаков третман за сите, за општина која директно ќе ги поддржи локалните бизниси и занаетчиите со субвенции за секоја нова инвестиција која ќе донесе нови вработувања за младите.

Прилеп – Во ликовната галерија од прилепскиот Центар за култура  денеска е отворена ликовната изложба од Мирко, Лидија и од Марко Вујисиќ. Ова е ретка можноста за заедничка изложба на тројца ликовни уметници од едно семејство.

Публиката има можност да ужива во 30-тината дела на тројцата уметници од семејството Вујисиќ, графики, пастел-цртежи и слики.

Скопје – Во недела одлучуваме во каков Центар сакаме да живееме. Јас сакам Центар да го видам како европска општина со среќни и насмеани граѓани, со поголеми зелени површини, чист со слободни тротоари и хумано градење, им порача на граѓаните кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата Горан Герасимовски во денешната изјава со која се завршува кампањата за локалните избори во 2021 година.

Герасимовски рече дека програмата и проектите кои ги презентираше пред граѓаните во изминатиот период се реални и се произлезени од самите граѓани од нивните барањата и предлози.

Скопје – Седмите локални избори во земјата ќе се одржат во недела, а утре гласаат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешнораселените лица.

Општинските изборни комисии ги прифатиле барањата на 7921 болно или немоќно лице да гласаат во своите домови, како и на 476 лица во самоизолација или домашен карантин поради Ковид – 19, информираат од ДИК за МИА.

Скопје – Кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, пред изборниот молк ги повика граѓаните в недела да дадат масовна поддршка за промени и за реализација на нови проекти.

-Денес завршува изборната кампања. Изминатиов период имавме можност да се сретнеме со голем број жители на општина Гази Баба, да поразговараме и да ја побараме поддршката, но и да ја презентираме програмата која ќе ја реализираме во следните четири години. Ве повикувам во недела, на 17-ти октомври да дадете масовна поддршка за промени и за реализација на нови проекти, порача Стефковски.

Кичево – Независниот кандидат за градоначалник на Општина Кичево, Фатмир Лимани за прв пат на овие локални избори ќе ја побара подршката од граѓаните, за да стане прв административец во Општина Кичево.

Тој пред наколку месеци ја напушти партијата ДУИ со цел на овие избори да стане еден од четворицата кандидати за градоначалник на Кичево.

Скопје – Новиот мост „Михајло Апостолски“ на булеварот „АСНОМ“ не поврзува само две страни на еден булевар, не поврзува само две населби, три општини, овој мост нè поврзува нас, граѓаните на Скопје, изјави актуелниот градоначалникот на Град Скопје и кандидат на СДСМ за оваа функција, Петре Шилегов, на последниот ден од изборната кампања.

Шилегов, од мостот на булеварот „АСНОМ“ ги повика скопјанки и скопјани, в недела, на 17 октомври да го дадат гласот за „градењето мостови меѓу луѓето, за континуитет на европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе кои искрено си го сакаат својот град“.

Скопје – Носителите на советничките листи за Град Скопје, Центар и Карпош од Твоја партија, Агим Јонуз, Ана Глигорова и Гога Поп Георгиевски, денеска ја одржа последната прес-конференција од изборната кампања за изборите што ќе се одржат на 17 октомври. Во ова прилика кандидатите за советници апелираа до граѓаните да ги подржат и да го заокружат бројот 28, односно посочија дека нивната опција е „нова и искрена“.

Носителот на советничката листа за Град Скопје, Агим Јонуз, при својот говор наведе дека граѓаните за разлика од претходните изборни циклуси сега имаат повеќе избор и можност да гласат и „за други парти, освен за СДСМ, ДУИ и други“.

Штип – Во Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип денеска со комбиња пристигна последниот доверлив избирачки материјал и во присуство на полициски службеници предадени се апаратите за отпечаток од прст. Претседателот на ОИК-Штип, Виктор Вацев изјави дека се пристигнати 80 апарати за сите избирачки места, а имаат и 25 резервни апарати.

-Овие апарати ќе се користат исклучиво само за денот на гласањето. Значи нема да се користат апаратите за оние коишто гласаат дома, ковид болните и во изолација исто така и во Затворот. Таму ќе се користи традиционалниот спреј и ламба, така оди процесот на гласање. Од денеска почнуваме со информирање на претседателите и нивните членови за подигање на избирачкиот материјал утре во сабота. Си имаме распоред, секој го добива избирачкиот материјал и го носи на избирачкото место, го уредува и доколку има болни и немоќни пристапуваат кон гласање, изјави Вацев.

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска истакна дека го добил како прелиминарен датум 25 ноември за средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, јави дописникот на МИА од Белград.

Двајцата претседатели ќе разговараат за проблемите во Косово, цената на гасот и актуелната гасна криза во Европа.

Тирана – Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким во објава на Твитер, наведува дека за лицата прогласени за „персона нон грата“ не се преговара и дека никој не треба да тврди дека е „посредник“.

– Определувањето кој ќе биде непожелен, не подлежи на „преговарање“ и никој не смее да тврди дека е „посредник“. Оние што се одредени како непожелни може да обвинуваат за заговори, но фактите се непобитни. Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека Америка ќе бара сметка за оние што се вмешани во корупција, се наведува во објавата на Ким.

Лондон – Британскиот пратеник од владејачката Конзервативна партија, Дејвид Ејмс денеска е избоден неколку пати за време на средба со граѓани во западен Саутенд во Есекс.

Ејмс (69), кој го претставува западен Саутенд во Есекс беше нападнат во Методистичка црква.

Брисел – Најновите податоци за епидемијата од Ковид-19 во Белгија покажуваат раст на новите случаи, епидемиолозите предвидуваат влошување на состојбата со падот на температурите, јави дописничката на МИА од Брисел.

Стивен Вангигхт, епидемиолог од институтот за јавно здравство на Белгија на денешната прес-конференција порача дека научниците очекуваат забрзување на епидемијата во наредните недели.

Кандахар – Најмалку 32 лица загинаа, а 53 се повредени во силната експлозија во шиитската џамија во авганистанскиот град Кандахар, за време на петочната молитва, изјави портпаролот на локалната болница.

Иако портпаролот на талибанците во првичната изјава рече во нападот има седум загинати и 15 ранети, Би-Би-Си јави дека има многу повеќе жртви.

Back to top button
Close
Close