МИА ФлешПакети

МИА Флеш

20 септември 2021

20 септември 2021

Скопје – Претседателот Стево Пендаровски од денеска ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 76. сесија  на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. В четврток, 23 септември, шефот на државата ќе се обрати на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на ОН, која се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж – закрепнување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е Пендаровски да оствари средба со генералниот секретар на ОН,  Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Скопје – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во американската сојузна држава Вермонт откако имаше средби во Пентагон со секретарот за одбрана Лојд Остин и со неговите блиски соработници – потсекретарот Колин Кал и помошничката секретар Лора Купер, како и во Стејт Департментот со новиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

– Шекеринска во Вермонт ќе се сретне со заменик гувернерката Моли Греј, а ќе ја посети и базата на Воздухопловната национална гарда каде со своите домаќини ќе разговараат за идните активности во соработката на Армијата со Националната гарда на Вермонт. Министерката ќе го посети и полигонот за планирање и операции во оваа сојузна држава и ќе присуствува на брифинг во Оперативниот центар за итни случаи, каде што ќе се информира за начинот на кој државата Вермонт се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите, соопшти Министерството за одбрана.

Скопје – Пописот на населението и објектите 2021 се одвива во најдобар ред и согласно планираниот интензитет и досега се попишани над милион граѓани.

Пописот е во 16-тиот ден од предвидените 26 дена пописни активности и треба да заврши до 30 септември.

Скопје – Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи  во второ читање е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Со предложените измени на Законот за работни односи се предвидува недела  да биде ден за неделен одмор. Со оваа измена, според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, се прави баланс на приватниот и професионалниот живот на работниците. За околу 92 проценти од работниците во државата недела ќе биде ден на неделен одмор. Работниците во дејностите кои се неопходни да функционираат, ќе добиваат за 50 отсто повисока дневница. Трговските центри во недела ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот, а вработените ќе добиваат 100 отсто повисока дневница за работа во недела.

Скопје – Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедници денеска на седница Предлог законот за Академија на судии и јавни обвинители, во прво читање.

Министерството за правда во образложението за за поребата од носење на законот, што се носи со европско знаменце, наведува дека произлегува  од потребата  за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република Северна Македонија  за членство во ЕУ  и  потребата за остварување на преземените обврски  за спроведување ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Охрид – Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021“.

Како што беше најавено на прес-конференцијата за вежбата, станува збор за сценарио за справување со последиците од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.

Скопје – Ковид-19 e присутен еден период од животот. Растот и последиците од нарушен раст се за цел живот, е мотото со кое Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ на РМ  се приклучува кон одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата. По тој повод за претпладне се најавени активности на плоштад Македонија во Скопје од каде ќе бидат испратени пораки за важноста од навременото дијагностицирање и лекување при проблемите со растот.

Од Здружението РАСТ укажуваат дека поради состојбата со пандемијата за жал многу хронични состојби остануваат да бидат надвор од фокусот.  – Точно е дека мора да се справиме со најважните приоритети и проблеми, но не смее да дозволиме се останато да биде заборавено. Токму од таму и мотото на овогодинешното одбележување на 20 ти Септември – Светскиот ден на Растот. COVID 19 e присутен и ќе биде дел од нашиот живот со овој интензитет извесно време. Но ке помине. Еден ден , се надеваме многу наскоро, оваа голгота ќе заврши. Но децата растат сега, и сега е моментот кога може да им се помогне, Подоцна ќе биде касно. Растот и последиците од нарушен раст се за цел живот,  наведува во соопштение Здружението РАСТ.

Скопје – Во фоајето на Националната опера и балет денеска напладне ќе биде примопредадена донација од грант на владата на Јапонија за поддршка на културата – Проект за подобрување на музичките инструменти, опрема за озвучување и осветлување за Националната опера и балет.

Донацијата се реализира во соработка со Јапонската организација за меѓународна соработка (JICA) во рамки на програмата за културни грантови.

Скопје – На третата фестивалска вечер на Деновите на македонска музика 2021 ќе биде изведен камерниот концерт со наслов „Виртуози“ на кој ќе настапат виолинистот Владимир Костов и пијанистката Марија Вршкова. На програмата се дела од македонските композитори Гоце Коларовски, Благоја Ивановски, Филип Иванов и Никола Коџабашија.

Владимир Костов студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истот профеоср, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД).

Атина – Под контрола е пожарот што доцна синоќа изби во стариот центар за прием на бегалци и мигранти на грчкиот остров Самос, а лицата кои престојуваат беа превентивно евакуирани, јави дописничката на МИА од Атина.

Извори од Министерството за миграција и азил на Грција брифираа дека пожарот бил во напуштените импровизирани куќарки во западниот дел од центарот, без да бидат во опасност бегалците и мигрантите сместени во кампот.

Варшава – Поранешниот грузиски претседател и актуелен шеф на Извршниот комитет за реформи на Украина Михаил Саакашвили смета дека гасоводот „Северен тек 2“ може долгорочно да биде во корист на Украина.

Во интервју за полскиот портал Енергетика24, тој рече дека на краток рок гасоводот може да биде опасен, но на долг рок „може да биде од корист за Украина“, бидејќи Украинците ќе почнат да вадат сопствен гас и ќе научат да го штедат.

Москва – Пет партии – „Единствена Русија“, Комунистичката партија на Руската Федерација, Либерално – демократската партија, „Праведна Русија – за вистината“ и „Нови луѓе“ влегуваат во Државната дума по обработката на 40 отсто од гласовите, покажуваат податоците на Централната изборна комисија на Русија.

– Конечниот одѕив на тридневните парламентарни избори ќе биде објавен денеска, изјави Николај Булаев, заменик-претседател на Централната изборна комисија.

Вашингтон – Американската национална управа за безбедност во сообраќајот на патиштата истражува сомневања дека можно неисправни воздушни перничиња од јапонската компанија „Таката“ можеби се вградени во приближно 30 милиони возила во САД.

Станува збор за автомобили произведени од околу 20 компании меѓу 2001 и 2019 година. Меѓу нив се и Хонда мотор, Форд, Тојота, Генерал моторс, Нисан, Субару, Тесла, Мазда и БМВ.

Мелбурн – Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека е во национален интерес на неговата земја да го раскине договорот од 2016 година со Франција за купување подморници.

– Јасно е дека другата страна во договорот (кога ќе биде раскинат) ќе биде вознемирена и разочарана. Јас го разбирам тоа, но исто така, сигурен сум, ќе биде јасно дека националните интереси на Австралија се на прво место. Австралија имаше корист преку трипартитното партнерство што успеав да го остварам со (американскиот претседател Џо) Бајден и (британскиот премиер) Борис (Џонсон), изјави Морисон за телевизискиот канал СБС.

Порт-о-Пренс – Семејствата мигранти испратени назад на Хаити од САД откако се обидоа да влезат во земјата од Мексико се гневни од однесувањето кон нив и се плашат да се вратат дома поради хаосот и насилството во нивната сиромашна земја.

Депортацијата на мигрантите од Хаити беше привремено прекината од Вашингтон по разорниот земјотрес што ја погоди карипската држава минатиот месец.

Пјонгјанг – Одлуката на САД за пренос на технологија во Австралија за изградба на нуклеарни подморници е исклучително опасен чекор што може да предизвика нуклеарна трка низ целиот свет, се вели во изјава на портпарол на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, објавена од Централната телеграфска агенција на Северна Кореја.

– Тоа е крајно непожелен и опасен чин што ќе ја наруши стратешката рамнотежа во азиско-пацифичкиот регион и ќе иницира трка во нуклеарно вооружување, рече неименуваниот дипломат и додаде дека Пјонгјанг „внимателно ќе ја проучи заднината“ на одлуката на Вашингтон.

Скопје – Времето денеска во државава ќе биде малку до умерено облачно и нешто потопло, најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во западните делови повремено значително облачно со краткотраен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, особено изразен во западните делови.

Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени. Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне 32 степена.

Back to top button
Close
Close