МИА ФлешПакети

МИА Флеш

30 јуни 2022

30 јуни 2022

Скопје – Билатералните односи меѓу двете држави, актуелните случувања и безбедносните предизвици поврзани со руската инвазија на Украина, биле во фокусот на разговорот на претседателот на државата Стево Пендаровски на кратката средба со британскиот премиер Борис Џонсон, во Мадрид на НАТО Самитот.

Во однос на билатералните релации, Пендаровски и Џонсон изразиле задоволство од развојот на севкупните односи кои ги карактеризира заемно пријателство, меѓусебна доверба и цврсто партнерство.

Скопје – Во рамки НАТО Самитот во Мадрид, претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на третата работна сесија на состанокот на Северноатлантскиот совет.

Сесијата на ниво на шефови на држави и влади, со која претседаваше генералниот секретар на НАТО, како што информираат од кабинетот на  Пендаровски, беше посветена на заканите и предизвиците кои произлегуваат од јужното соседство на НАТО Алијансата.

Скопје – Во Собранието попладнево продолжи расправата по интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието Талат Џафери, поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За збор се пријавени вкупно 41 пратеник.

Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ соопшти дека единствено пратениците од ВМРО-ДПМНЕ штитат и бранат криминал заради тоа што, како што рече, дел се директно инволвирани во тоа, а дел имаат директна наредба од „белиот дворец“ и од Христијан Мицкоски.

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во рамки на 77.седница ги вкрстија ставовите во однос на интерпелацијата што опозициската партија ја поднесе за спикерот. Мицевски, меѓу другото, истакна дека Џафери не треба да бара начини за заобиколување на документите или законите за контрола на Владата и оти во неговиот одговор на интерпелацијата доставен до пратениците и јавноста не дал директни одговори на директни забелешки за неговата работа.

-Најголемата обврска на овие 120 пратеници е контрола на Владата и кога ќе дојде документ за контрола на Вчладата немојте да барате начин како да го изиграте преку процедурите неговото разгледување. Со контрола на Владата ќе биде мирна државата и граѓаните и сите овие скандали и криминали, доколку вие ни дозволите да си ја вршиме работата ќе бидат намалени на пола. Нашата прва и основна работа е контрола на работењето на извршната власт, рече Мицевски.

Скопје – На денешната 77. седница, со единствена точка на дневен ред Интерпелација за работата на претседателот на Собранието Талат Џафери поднесена од опозицијата, поднесувачите го обвинија првиот парламентарец за нестручно, несовесно водење на законодавниот дом, проследено со бројни преседани, со кршење на Уставот и Деловникот. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери не ја разбрал пораката на интерпелацијата, а владејачкото мнозинство живее во паралелен свет.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска рече дека чашата се прелила кога Џафери се исплашил од нивната активна блокада и почнал секојдневно да прави грешки. Немоќта, рече Стојановска, да се усвои дневен ред два дена, ја извади на виделина целата неспособност и прибегнување кон кршење на Деловникот и панично се направија катастрофални и почетнички грешки од страна на еден долгогодишен пратеник, а за некого и најуспешен претседател на Собрание досега.

Скопје – Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири по неколку месеци поминати во притвор во истражниот затвор „Шутка” во Скопје поради здравствени причини заминува во куќен притвор.

Одлуката, како што потврдија од Апелацискиот суд Скопје ја донеле денеска. Од судот посочија дека на Зеќири му е одземен пасошот.

Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти вели дека за визна либерализација за граѓаните на Косово и за зачленување на државата во НАТО никогаш не дал ветување, затоа што, како што рече, тоа не зависи од институциите кои тој ги води, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната седница на Собранието на Косово, Курти рече дека досега ниту еднаш не спомнал рокови за укинување на Шенген-визите за косовските граѓани.

Тирана– Албанскиот претседател Илир Мета денеска ја прими делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, при што ја истакна важноста од што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Европската унија, јави дописнилката на МИА од Тирана.

Преку објава на Фејсбук, шефот на државата посочи дека изразил жалење што Албанија продолжува да опаѓа во рангирањето во сите меѓународни извештаи кои го анализираат нивото на почитување на човековите права, слободата на медиумите, политичките и економските слободи, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Мадрид – Шведска и Финска во вторник ќе потпишат протокол за пристапување во НАТО, изјави денеска во Мадрид генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Политичката одлука за прием на Финска и Шведска беше донесена вчера на самитот на лидерите на Алијансата, а протоколот за пристапување ќе биде потпишан во вторник“, рече Столтенберг на прес-конференција по самитот на НАТО во Мадрид.

Прага – Обилните дождови и невремето во Чешка денеска предизвикаа поплави и серија несреќи, вклучително и железничка несреќа.

Брз воз со околу 150 патници удрил во карпа, која паднала врз шините кај замокот Карлштајн кај Прага.

Хонгконг – Хонгконг ги надмина своите предизвици и стана од пепелот, изјави денеска кинескиот претседател Си Џинпинг при посетата на градот.

Си заедно со сопругата Пенг Лијуан допатува во градот за да присуствува на одбележувањето на 25-годишнината од враќањето на поранешната британска колонија под власта на Пекинг и инаугурацијата на новиот градски водач Џон Ли.

Лондон – Возачот на Мерцедес Џорџ Расел изјави дека не ја исклучува можноста да се натпреварува за шампионската титула во тековната сезона во Формула 1.

И покрај тоа што беше значително зад Ред Бул и Ферари во првиот дел од сезоната, Расел успеа да освои 111 бодови и севкупно е четврти – 64 бода зад лидерот Макс Верстапен.

Скопје – Следува период на многу топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе се има чувство дека температурата на воздухот е повисока за 1 до 2 степена, соопшти УХМР. И покрај топлото време поради влијание на циклонска активност од исток, претежно во попладневните и вечерните часови наместа ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално ќе има услови за краткотрајно невреме со појава на град и силен ветер.

И во Скопската Котлина следува период на многу топло време со високи минимални и дневни температури. До понеделник ќе има услови во попладневните и вечерните часови во делови од Скопската Котлина да биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. УХМР и со препорака до граѓаните во случај на појава на електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

 

Back to top button
Close
Close