МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 јуни 2022

29 јуни 2022

Скопје – Уставниот суд денеска ќе одржи седница на која ќе расправа по три предмети.

Првиот предмет, поднесен од д-р Марјан Попески, се однесува на оспорување на член 200 став 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

Скопје – Државна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе учествува на Самитот на НАТО во Мадрид. Во состав на државната делегација се министерката за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Претседателот Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, вчера присуствуваше на свечената вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија шпанскиот крал Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција.

Скопје– Институтот за европска политика (ЕПИ) денеска ќе го презентира на Извештајот за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија за 2022 година.

Како дел од ФРАНЕТ, ЕПИ трета година по ред го изработува придонесот за Северна Македонија кон годишниот извештај за темелни права на Агенцијата.

Скопје – Во амфитеатарот во Спомен куќата „Тодор Проески“ во Крушево вечер ќе се одржи хуманитарен концерт „Детска насмевка за овој свет“. Концертот е во чест на животот и делото на Тоше и млади таленти ќе интерпретираат негови песни.

Организатор на концерот е хуманитарната непрофитна организација „Play Without Boundaires“ („Игра Без Граници“), регистрирана во Австралија во 2015 година во чест на Тоше Проески, и со поддршка на Спомен куќата.

Атина – Грчката Влада изразила задоволство за постигнатиот договор меѓу Турција и Шведска и Финска за членството на НАТО, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на владини извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Истите извори потенцирале дека договорот „не влијае на грчката страна, ниту на односите на ЕУ со Турција“, дека интеграцијата на Финска и Шведска во НАТО „го зајакнува европскиот простор во Алијансата и ја зајакнува позицијата на Грција“, но и дека преговорите на турскиот претседател за членството на двете земји на траеле долг временски период.

Софија – Конзуларната служба на руската Амбасада во Бугарија и Генералниот конзулат во Варна ја прекинаа својата работа. Исто така денеска и Генералниот конзулат во Русе ќе престане со работа и ќе биде затворен еден месец, јави дописникот на МИА од Софија.

Филип Воскресенски, советник во руската Амбасада во Софија, за Тасс изјави дека секој кој претходно контактирал со руските конзулати во Бугарија може да се јави во амбасадата кога конзулатите ќе продолжат со работа.

Франкфурт – Технички проблеми во германската Контрола на летање денеска ќе предизвикаат потешкотии во европскиот воздушен простор, соопшти операторот на аеродромот во Франкфурт.

Според весникот Билд, станува збор за софтверски проблем.

Брисел – Белгиската полиција извршила рација во лабораторија за производство на синтетичка дрога МДМА (екстази), откриена во воздухопловната база Клајн Брогел.

Во базата, што е лоцирана на североистокот на Белгија, наводно се чува дел од американскиот нуклеарен арсенал за Европа.

Манила – Филипинскиот информативен портал Реплер (Rappler), чиј коосновач е минатогодишната добитничка на Нобеловата награда за мир Марија Реса, добил наредба да се затвори. Но, Реса вели дека тие ќе продолжат да работат.
Наредбата за затворање на овој портал стигна на ден пред истекот на мандатот на претседателот Родриго Дутерте.

Њујорк – Кина е многу загрижена поради импликациите на новиот стратешки концепт на НАТО, изјави постојаниот претставник на земјата при Обединетите Нации, Џанг Џун.

– Кина посветува големо внимание на стратешкото прилагодување на НАТО и многу е загрижена поради политичките импликации на таканаречниот стратешки концепт. Некои лидери на НАТО изминатиот период прикажаа други земји како закана. Но, факт е дека самиот НАТО направи проблеми во различни делови од светот, истакна Џанг во обраќањето до Советот за безбедност на ОН, пренесе Тасс.

Париз – Раководството на ПСЖ има намера ова лето да се раздели со Бразилецот Нејмар, пишува „El Pais“. Според изворот, клубот веќе го известил играчот дека следната сезона ќе ја помине во друг тим на позајмица. Парижаните ќе му ја исплатат целата плата.

За Нејмар заинтересирани се Челзи, Јувентус, Манчестер јунајтед и Барселона.

Скопје – Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Драган Бајиќ ги одбра дванаесетмината патници за гостувањето во Сарагоса против Шпанија. 

Од 14-те кои се подготвваа за средбите од јулскиот квалификациски прозорец, во Шпанија нема да патуваат Страхил Николов и Валмир Какруки.

Скопје– Времето денеска ќе биде сончево и топло, а попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 29 до 36 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. Во Скопје ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец, а попладне со мала локална облачност. Максималната температура ќе достигне до 35 степени.

Во наредните денови продолжува периодот на многу топло време. Во попладневните и вечерните часови ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, а локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме.

Back to top button
Close
Close