МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 мај 2022

26 мај 2022

Скопје – Во врска со повикувањето на информативен разговор на уредничката на ТВ Телма од страна на МВР за вест што не е емитувана на програмата на телевизијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) посочува дека ваквите дејствија можат негативно да се одразат на слободата на медиумите.

– Новинарите и останатите медиумски работници не смеат да бидат неосновано повикувани на службени полициски разговори, имајќи превид дека имаат заплашувачки ефект и во иднина можат да водат кон самоцензура. Ваквите постапки на истражните органи кон медиумските работници претставуваат притисок врз медиумите и нивно слободно работење, се наведува во соопштението од АВМУ.

Скопје – Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери, најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

– По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден автократ кој што си дозволува да се однесува како Собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и пред се крши основни човекови права, изјави денеска во прес-салата на Собранието, Мицевски.

Скопје – Ребалансот е одговор на кризата која не можеше да се предвиди во перидот кога се подготвуваше Буџетот за 2022 и во него, освен кратења, има и додавања, но и реприоретизирање на средствата, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир,  Бесими нагласи дека очекува Собранието во наредните денови да закаже пленарна седница за ребалансот.

Скопје – Американскиот претседателот Џо Бајден ја објави својата намера да номинира шестмина нови амбасадори на САД, меѓу кои и Анџела Прајс Агелер, како кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Северна Македонија, соопшти синоќа Белата куќа.

Доколку предлогот на Бајден биде одобрен, Прајс Агелер ќе ја наследи досегашната амбасадорка на САД во земјава Кејт Мери Брнз.

Скопје –  Хуманитарна акција IT4Charity Marathon 2022 започнува  денеска и ќе трае до 25 септември –  ден кога ќе се реализира маратон со старт во парк и финиш во СОС Детско село. Вработените од IT компаниите ќе можат да се приклучат со велосипед и со трчање на патека долга 10 километри.

Учесниците во маратонот ќе имаат можност на целта да стигнат во СОС Детско село каде што ќе имаат можност да се запознаат со децата поддржани од СОС Детско село и да ја почувствуваат каузата за која ќе спортуваат.

Скопје – Драмски театар Скопје, со претставата „Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ, ќе гостува на 67-то „Стеријино позорје“ во Нови Сад.

По повеќегодишна пауза Драмски театар – Скопје се враќа на сцената на Српско народно позориште во Нови Сад со изведба на претставата во меѓународната програма „Кругови“.

Атина – Во пожар, што од засега непознати причини изби во надворешниот дел на спортска сала во Атина, целосно се уништени кутии со облека и покривки, дел од хуманитарна помош наменета за Украина, јави дописничката на МИА од Атина.

Во гаснењето на пожарот, што е ставен под контрола, интервенирале десет пожарникари со три возила.

Москва – Вашингтон се обидува да ја искористи наводната руска закана кон Африка, со цел НАТО да го направи светски полицаец, изјави денеска заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.

Според него, глобалните амбиции на Алијансата довеле до катастрофални последици во Африка и на Блискиот исток, јавија руски медиуми.

Москва – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска предупреди дека новинарите од западните земји ќе бидат протерани од Русија доколку Јутјуб го блокира пристапот до нејзините брифинзи.

Таа секоја недела одржува брифинзи за актуелни теми поврзани со надворешната политика на Русија, кои се емитуваат на Јутјуб и на други платформи.

Њу Делхи – Индиските безбедносни сили убија шест милитанти во Кашмир во изминатите 24 часа, додека екстремистите убија телевизиски новинар и еден полицаец, соопштија денеска локалните власти.

Судот во Њу Делхи вчера го осуди сепаратистичкиот лидер на Кашмир, Јасин Малик, на доживотен затвор поради финансирање „терористички“ активности и други злосторства.

Токио – Јапонски и американски борбени авиони извршиле заеднички летови во воздушниот простор над Јапонското Море, соопшти денеска јапонското Министерството за одбрана.

Медиумите пишуваат дека летовите се одговор на заедничките прелети што руски и кинески авиони-бомбардери ги извршија за време на посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Јапонија.

Париз – Шпанецот Рафаел Надал доцна синоќа во второто коло на „Ролан Гарос“ го победи Корентин Муте – 6:3, 6:1, 6:4.

За 21-кратниот шампион ова е 300. Грен слем победа.

Мадрид – Според извештајот на консултантската компанија „KPMG Football Benchmark“, Реал Мадрид останува највредниот фудбалски клуб во Европа. Во извештајот на аналитичарите на „Фудбал бенчмарк“ се пресметува вредноста на 32 европски клубови врз основа на нивните годишни финансиски извештаи и проценка на нивната вредност.

Реал Мадрид четврта година по ред се најде на врвот на листата на највредни клубови со проценка од 3,184 милијарди евра. Второто место го зазема Манчестер Јунајтед (2,9 милијарди евра). На трето место е Барселона (2,8 милијарди евра). Баерн е четврти со 2,749 милијарди евра, а Ливерпул е петти со 2,556 милијарди евра.

Скопје – Времето денеска е сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне и во вечерните часови ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 35 степени, УВ индексот ќе биде осум. Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Попладне ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Температурата ќе се движи до 34 степен.

Од УХМР најавуваат дека под влијание на влажна и нестабилна маса утре попладне и за време на викендот времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќебидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина),силни електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.

Back to top button
Close
Close