МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 мај 2022

26 мај 2022

Скопје – Позитивни сигнали пристигнаа од Цариград и од Москва по добиениот благослов од СПЦ за автокефален статус на МПЦ-ОА. За Вселенската патријаршија, отстранувањето на 55-годишната шизма е историски момент, а за РПЦ радосен настан што бил чекан многу години.

– Историски момент е што шизмата која траеше речиси шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период, оцени вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Скопје – Пратениците од денеска се враќаат во салата број 1, каде ќе користат нова модерна конференциска опрема. Во оваа сала со почеток во 11 часот ќе се одржи новата 72. седница на Собранието, посветена на пратенички прашања.

Новата модерна конференциска опрема во пленарната сала нуди целосно компјутеризиран и дигитален принцип на функционирање, поточно работа без хартија, управување со редоследот на говорници, унапреден видео-стримиг, видео-архива со пребарување, извештај за гласање на секоја точка на дневен ред…

Скопје – Почеток на пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија следниот месец, а со тоа и признавање на конзистентните напори на двете земји па патот кон евроинтеграцијата, побара вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој напомена дека тоа ќе биде заеднички ангажман за креирање на посилна и посигурна Европа, отпорна на какви било влијанија од трети страни.

Неодложен почеток на преговори со двете земји побара и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој вчера од Скопје упати порака дека Грција работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот и оти верува дека единствениот пат за да се постигнат тие цели претставува јасна и целосна поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан.

Скопје – Со сесија за консолидација на земјиштето во Северна Македонија и посета на селото Егри во Општина Битола, денеска продолжува 13. Меѓународна работилница ЛЕНДНЕТ што пошна вчера и се одржува во Скопје.

За време на теренската посета, предвидени се прошетка низ консолидационото подрачје Егри предводена од проектот МАИНЛАНД и промотивен настан.

Скопје – „Саем за кариера 2022“ ќе се одржи денеска во Скопје. Организатор на настанот е Универзитетот „Мајка Тереза“.

Конференцијата, како што најавија организаторите, ќе ја отвори ректорот на Универзитетот, проф. д-р Изет Зеќири, додека гости ќе бидат директорот на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија Дрилон Исени и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили.

Скопје – Во Културно-информативниот центар – Скопје вечерва се организира изложба по повод 100 години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски.

-Славко Брезоски е припадник на првата повоена генерација македонски архитекти. Присуството на оваа генерација ќе биде одбележано под знакот на „модерната“ и нејзиниот реформаторски јазик што ќе се прифати и одржи во децениите што ќе следат. Творечкиот опус на архитектот Славко Брезоски е мошне богат и разновиден. Тој дејствува во речиси сите домени на урбанистичкото и архитектонското проектирање, едукацијата, истражувањето и публицистиката. Неговиот архитектонски опус го сочинуваат многубројни проекти и реализации со широк програмски дијапазон и препознатлив архитектонски израз, велат од КИЦ – Скопје.

Киев – Најмалку пет цивили загинаа, а 12 се ранети во напад на руските сили на повеќе од 40 градови во Донбас, тврди украинската армија.

„Окупаторите гранатираа повеќе од 40 градови во регионите Доњецк и Луганск и уништија или оштетија 47 цивилни згради, вклучувајќи 38 куќи и едно училиште. Пет цивили загинаа во гранатирањето, а 12 се ранети“, соопштија украинските вооружени сили на „Фејсбук“.

Хаифа – Репрезентацијата на Аргентина нема да дојде во Израел на пријателски натпревар, бидејќи преговорите меѓу страните пропаднаа, објави „YNetNews“.

Натпреварот против Израел беше откажан поради економски причини.

Шангај – На некои средношколци во Шангај ќе им биде дозволено да продолжат со школување и ќе можат да се вратат во училишните интернати од 6 јуни, изјави денеска заменик директорот на шангајската Комисија за образование, Јанг Џенфенг.

Матурантите ќе можат да продолжат со часови во училница од 13 јуни, додаде тој.

Дакар – Единаесет новороденчиња загинале во пожар што го зафатил неонаталното одделение на регионална болница во сенегалскиот град Твауан, околу 120 километри источно од главниот град Дакар.

„Болка и шок откако дознав за смртта на 11 новородени бебиња во пожарот што избувна во болницата Мама Абду Азиз Си Дабак во Тивауан“, напиша сенегалскиот претседател Меки Сал во пораката објавена преку „твитер“, кој инаку е во државна посета на Ангола.

Миес – Меѓународната федерација за мотоспорт (FIM) најави откажување на етапата од серијата Мото ГП во финскиот град Кувола и намалување на шампионатот на 20 трки.

– Работата за хомологација во „KymiRing“, заедно со ризиците предизвикани од геополитичката ситуација во регионот, доведе до откажување на Гран при во Куовола во 2022 година., Мото ГП со нетрпение очекува да се врати во Финска за прв пат по четири децении, се вели во соопштението на ФИМ.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 30 до 35 степени, а УВ 8.

Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 33 степени. Во петок попладне и за време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени. 

Back to top button
Close
Close