МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 септември 2021

Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Во Програмата за економски реформи 2022-2024 ќе бидат вградени мерки насочени кон зелената и дигитална транзиција, подобрувањето на деловното опкружување и намалувањето на неформалната економија.

Предложените мерки произлегуваат од препораките кои се дел од усвоените заклучоци на годинашниот Дијалог за економски политики одржан во јули годинава со претставници на земјите членки на ЕУ, Западен Балкан и Турција, како и Оценката на ЕК за Програмата на економски реформи 2021 – 2023.

Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија денеска се конституираше Советот за унапредување на високото образование. Со тоа Комората продолжува да ги реализира зацртаните активности за компаниите во рамките на Вториот столб за развој, иновации и знаење кој таргетира развој на постојните и воведување на нови услуги од интерес за сите компании (не само за членките на Комората) во нашата држава.

Советот има три приоритетни цели кои се однесуваат на развивање и унапредување три програми: „Скопје“ – која нуди едукативни и други настани што се реализираат преку Клубот на менаџери- претприемачи во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија, „Охрид“ – која нуди едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување школа на бизнис-лидери преку програми на менторство и „Дојран“ – која нуди едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа за продуцирање кадри за извозот, со крајна цел формирање институт за извоз.

Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со средата и во текот на вчерашниот ден, вакцинирани се вкупно 767.652 граѓани. Прва доза вакцина во средата и во текот на вчерашниот ден примиле 3.407 граѓани, а вкупно се вакцинирале 22.581 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.435.392 дози вакцини, а ревакцинирани се 667.739 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
Со последните бројки 55 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 30 отсто од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Со цел подигнување на јавната свест за заштита на правата од индустриска сопственост, експерти од Државниот завод – ДЗИС ќе ги посетуваат фирмите-членки на комората, е заклучено на денешната средба на директорот на заводот Горан Герасимовски со извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија – СКСЗМ, Дрилон Исени.
Од ДЗИС информираат дека продолжува соработка на овие две институции и посочуваат дека на оваа средба се прецизирани идните активности.

Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Наставничкиот пленум бара од Министерството за образование и наука скратување на времетраењето на часовите во наставата со физичко присуство од 45 на 30 минути бидејќи, како што наведува во соопштение, наставниците имаат  големи потешкотии да ја реализираат наставата  во затворен простор и почитување на сите протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.

Пленумот од МОН бара и во училишта во кои има повеќе од 15 ученици во паралелка да се премине на комбинирано учење односно физичко присуство и онлајн-настава.

Скопје, 17 септември 2021 (МИА) – Министерот за правда Бојан Маричиќ на завршна конференција „Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата во контекст на Планот за борба против корупцијата“, ја истакна поддршката што Министерството за правда ја дава во спроведувањето на проектите и активностите од Акција 21 за европски стандарди дома, преку реализација на предвидената законодавна агенда и спроведувајќи ги реформите.

-Веќе е изработена физибилити студија за нов предлог-закон и во тек е процес на разработување на модел за реална контрола на потекло на имот. Се работи и на подготовката на измени и дополнувања на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со цел, не само надминување на слабости во текстот на Законот утврдени од страна на Државата комисија за спречување на корупцијата во неговата примена, туку и унапредување на инструментите за анализа на податоци кои и се потребни на Државната комисија во вршењето на нејзините надлежности, потенцираше Маричиќ.

Атина, 17 септември 2021 (МИА) – Со учество на претседателите на Франција и на Кипар, премиерите на Шпанија, Хрватска, Словенија, Италија, Малта, министерот за надворешни работи на Португалија и домаќинот Грција, како и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, денеска во Атина ќе се одржи самит на групата ЕУМЕД-9, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за земји членки од медитеранскиот дел на Европската Унија, првичниот формат на групата беше МЕД-7, а сега вклучени се и Хрватска и Словенија.

Брисел, 17 септември 2021 (МИА) – Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека не може да потврди дали жените и младите се изложени на поголем ризик од ретко згрутчување на крвта со ниски тромбоцити по вакцинирањето со вакцината на Астра Зенека против Ковид-19.

Поради ограничувањата во начинот на собирање податоци, ЕМА не успеала да идентификува специфични фактори на ризик што доведуваат до поверојатна појава на тромбоза со тромбоцитопенија, објави европскиот регулатор.

Москва, 17 септември 2021 (МИА) – Големите доцнења во полнењето со гас на подземните складишта во Европа и зголемената побарувачка доведоа до рекордна цена на ова гориво во Европа, а тие рекорди може да се соборат во блиска иднина, изјави денеска претседателот на управниот одбор на „Гаспром“ Алексеј Милер.

Претседателот на Гаспром зборуваше на 24 -то годишно собрание на Меѓународниот деловен конгрес.

Кабул, 17 септември 2021 (МИА) – Министерството за образование во новата талибанска влада во Авганистан денеска соопшти дека наставата за сите ученици од шесто до 12-то одделение, како и за машките наставници, ќе продолжи утре.

Во објавата на Фејсбук не се споменуваат девојчиња на таа возраст.

Талибанците претходно им дозволија на учениците од прво до шесто одделение да продолжат да одат на училиште, а девојчињата можеа да учат, но во одделни училници од момчињата и со задолжителен исламски начин на облекување.

Бразилија, 17 септември 2021 (МИА) – Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро изјави дека следната недела ќе се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, иако не бил вакциниран.

Канцеларијата на градоначалникот на Њујорк претходно соопшти дека сите учесници на Генералното собрание на ОН ќе мора да поседуваат доказ за вакцинација за да можат да влезат во салата за дебати, која е класифицирана како конгресен центар.

Меѓутоа, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека не може да им наметне такво барање на шефовите на државите.

Велес,17 септември 2021(МИА) – Во недела на 19 септември ќе се одржи осмиот по ред Велешки пливачки маратон. Стартот е во 10 часот пред ресторанот „Бела Вода“, а годинава ќе има четири пливачки трки во машка и женска конкуренција. Првата е на 2500 метри за рекреативци и 2500 метри за членови на пливачките клубови од земјава до 14 години. Како новина е пливачката трка за членови на пливачки клубови до 11 години кои ќе се натпреваруваат на 800 метри. Маратонот е со должина пет километри.

– Годинава заради безбедноста на пливачите патеката е преполовена со тоа што ќе се плива истата километража, но со двојно повеќе кругови, а со што воедно и  гледачите цело време ќе имаат преглед  на  трката, информира на денешниот прес  Роберт Папазов член на организациониот одбор. Безбедноста на пливачите ќе ја обезбедуваат 20 кајакари и 20 спасители на вода.

Back to top button
Close
Close