МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 јануари 2022

27 јануари 2022

Скопје – Претседателот Стево Пендаровски денеска најави дека за не повеќе од еден месец ќе оди во официјална посета на Бугарија. Тоа го договара со својот бугарски колега Румен Радев, а целта е двајцата да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји.

Пендаровски на тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, повтори дека стартот на новата фаза од билатералните односи е одличен, но далеку сме се уште, како што напомена, од подлабоко навлегување во процесот на решавање на проблемот и негово евентуално позитивно завршување.

Скопје – Намалена е поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, довербата опаѓа, а и во целина – нема добри вести во регионот околу проширувањето. Економската интеграција треба да оди паралелно со политичката. Доколку овие процеси се движат одвоено, како што постојат заложби, можно е да имаме извесен економски раст, но да бидеме управувани од автократи. Подлогата за тоа е поставена, антизападната реторика во медиумите во целиот регион е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна ако веќе не е, а и како регион назадуваме во демократијата, рече претседателот Стево Пендаровски на денешата амбасадорска тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.

Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.

Скопје – Стартот на преговорите за членство и со Северна Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори.

Гир нагласи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година, но изрази уверување дека без разлика на се ЕУ ќе остане покрај нас и ќе помогне на секое ниво и секој наш чекор од патот.

Скопје – Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија.

– Честитки до сите граѓани припадници на српската заедница со желби за убав празничен ден, поминат во мирот и спокојот што го нуди семејниот дом исполнет со блиски и драги луѓе. За жал, сè уште над сите нас виси опасноста од пандемијата со КОВИД-19, на која се надоврзуваат и очекуваната економска и енергетска криза, што е само уште еден мотив повеќе да се сплотиме и да споделуваме и добро и лошо, и кога сме успешни и кога сме поразени, се вели во честитката.

Скопје – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска упати честитка до граѓаните припадници на српската етничка заедница по повод празникот Свети Сава.

– Дозволете ми во мое лично име и во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија припадници на српската етничка заедница да им го честитам празникот Свети Сава. Големиот светител има дадено огромен и непроценлив придонес за културата на Србите, а неговото дело за ширењето на писменоста и христијанството оставил траен белег, се вели во честитката.

Скопје – Пратеникот од редовите на СДСМ, Дарко Каевски е избран за потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

– Потпретседателите го менуваат претседателот кога тој не е во можност да заседава со седницата, а по функција се и членови на Бирото на Собранието – тело кое ги координира активностите на Собранието и на комисиите, информираат од СДСМ.

Скопје – Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера добил закана по неговиот живот поради конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година. Заканата, која била испратена преку препорачана пратка и напишана на македонски и албански јазик, како што велат од Обвинителството била од „терористичка организација која се бори и убива за неправда“.

– Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека во текот на вчерашниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, доби закана по неговиот живот. Препорачаната пратка со заканата е напишана на македонски и на англиски јазик. Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена, бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување. Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Скопје – Вложувањето во квалитетно образование на сите нивоа, вклучувајќи го и високото е врвен приоритет на Министерството за образование и наука, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на средбата со Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Од МОН соопштија дека Шаќири и Јанкуловски на првиот работен состанок разговарале за продолжување и унапредување на соработката во делот на високообразовните политики во Република Северна Македонија, како во делот на едукацијата, обезбедувањето на квалитетен кадар, така и во делот на научно-истражувачката дејност.

Скопје – Амбасадорска тркалезна маса насловена „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс,“ се одржува денеска во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на Советот на амбасадори.

Предвидени се обраќања на претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски. Меѓу говорниците се и евроамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешните амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски, Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.

Скопје – Делегацијата на германското стопанство утре ќе го одржи првиот состанок на кој германските и останатите странски инвеститори ќе ги претстават членовите на работните групи Дуално образование и Accomplish Excellence.

Целта на овие работни групи е да се утврдат потребите на инвеститорите во овие две области, како и преку размена на искуства да си помогнат меѓусебно во надминувањето на предизвиците.

Сараево – Во Сараево денеска продолжија разговорите меѓу меѓународните претставници за реформа на изборното законодавство во БиХ.

Разговорите меѓу Метју Палмер, американски претставник за изборните реформи во БиХ, и Анџелина Ајхорц, претставник на Европската служба за надворешни работи, продолжија со членовите на Меѓуресорската работна група за измени на изборното законодавство на Босна и Херцеговина во Парламентарното собрание на БиХ.

Атина – Лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, достави предлог за гласање недоверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на расправата во Парламентот за закон од Министерството за развој, Ципрас вонредно побара збор, упати остри критики и обвинувања до Владата, особено за справувањето со снежната бура и истакна дека вонредно бара збор за да достави предлог за гласање недоверба на „најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата“.

Брисел – „Во Бугарија под сериозна закана е владеењето на правото, поделбата на власта и човековите права“. Тоа го нагласи денеска бугарскиот главен обвинител Иван Гешев по присуството на сослушувањето во ЕП за состојбите во Бугарија.

Тој додаде дека државата сака засилен дијалог со европските институции, „вклучително и посериозен мониторинг на постоечкиот механизам за владеење на правото“, јави БТА.

Брисел – Европската Унија може да се соочи со запирање на целиот увоз на руски гас на краток рок, што може да предизвика длабоки економски последици и да бара итни мерки за намалување на побарувачката, се вели во извештајот на бриселската тинк-тенк „Брјугел“.

Ескалацијата на тензиите меѓу Западот и Русија поради Украина ја зголеми загриженоста за испораките на руски гас во Европа, што ги натера Европската комисија и САД да бараат алтернативни извори за снабдување.

Берлин – Конзорциумот „Северен тек 2“ објави дека основал германска подружница „Гас за Европа“ (Gas for Europe), која ќе го поседува и ќе управува со германскиот дел од контроверзниот гасовод, со што ќе се отвори патот за добивање лиценца во Германија.

Германската Федерална мрежна агенција во ноември го суспендираше процесот на издавање дозволи  бидејќи, според германските закони, операторот на гасоводот мора да биде германска компанија.

Париз – Европската Унија соопшти дека поднела тужба против Кина во Светската трговска организација (СТО) поради дискриминаторски трговски практики кон Литванија.Постапките на Кина се дискриминаторски и незаконски според правилата на СТО и ги кршат правата на извозниците и во Литванија и во другите земји-членки на ЕУ, бидејќи тие влијаат на литванските производи извезени од други земји на ЕУ, се вели во соопштението од Брисел.Спорот меѓу Кина и Литванија избувна откако балтичката држава му дозволи на Тајван да отвори канцеларија во Вилнус.

Вашингтон – Во САД со денови има исклучително високо ниво на два клучни типа на загадувачи на воздухот поради климатските промени. Ова е загрижувачки тренд по децении подобрување на состојбата, од усвојувањето на законот за чист воздух во 1970 година, се наведува во магазинот „Science Advances“.

Се зголемува бројот на шумските пожари, кои станаа интензивни поради климатските промени. Поради ова и други причини, во периодот од 2000 до 2020 година, со денови има опасно ниво на приземен озон и ситни ПМ честички.

Лондон – Поранешниот менаџер на Челзи, Френк Лампард би можел да го преземе Евертон. Според „The ​​Telegraph“, денес Англичанецот ќе има второ интервју со раководството на Евертон.

Шефовите на „карамелите“ сериозно ја разгледуваат опцијата да го назначат Лампард за главен тренер.

Мелбурн – Светскиот рекет број 1 Ешли Барти претпладнево ја победи Медисон Киз во полуфиналето на Австралија Опен (6:1, 6:3).

Австралијката ја извојува 10-та победа во низа и ја прекина серијата од 10 победи на Американката.

Скопје – Локални врнежи од снег ќе има утре кон крајот на денот во западните, а в сабота претежно претпладне во северните делови. В сабота ќе дува и засилен северен ветер, што повторно ќе ја намали дневната температура. Нов влажен бран со врнежи од дожд и снег се очекува во вторник, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Утринските температури утре ќе се движат од минус 1 до минус 9 степени, а дневните од 2 до 12 степени. Во Скопје и околината утринската температура ќе достигне до минус 6 степени, а дневната до 8 степени, информираат од УХМР.

 

Back to top button
Close
Close