МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 јануари 2022

27 јануари 2022 

Скопје – Министерството за труд и социјална политика во моментот работи на измени и дополнување на Законот за заштита од вознемирување на работното место, чија цел е  работниците да бидат што повеќе охрабрени да пријавуваат мобинг на работното место, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

-Работиме на измени и дополнувања за јакнење на заштитниот механизам на работниците. Моменталното решение не нуди поголема заштита. Поради тој аспект одиме на промена на ова законско решение. Во моментов воспоставената Комисија за заштита од дискриминација има можност да постапува во случај на  пријава на мобинг. Комисијата има надлежност и можност да истражува, да доаѓа до докази коишто ќе одат во прилог на едната или на другата страна, рече министерката Тренчевска во интервју за Алсат ТВ.

Белград – Министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, денеска ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на Светосавската академија по повод 27 Јануари – Националниот празник на Србите во земјава, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопштија од српското МНР, предвидено е обраќање на министерот Селаковиќ на свечената Светосавска академија во Македонскиот народен театар. На свеченоста ќе се обрати и висок претставник од земјава, а со богата културно – уметничка програма ќе биде претставена културата и традицијата на српскиот народ. 

Скопје – По повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кој го одбележува и ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау од страна на Црвенатаармија, Одделот за едукација и истражување на холокаустот при Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДКНА), денеска организира комеморативна академија.

Како што информираат организаторите, тема на комеморативната академија е „Сагата за преживеаните од холокаустот – Тие ја предизвикаа смртта, го засадија животот“, која годинава е посветена на еврејките и девојките кои избегаа од канџите на смртта, од кои три ќе бидат и учесници на оваа комеморација.

Скопје – Со свечена Светосавска академија во просториите на Македонскиот народен театар, српската заедница во земјава вечер по 15-ти пат ќе го одбележи националниот празник на Србите 27 Јануари, Денот на српскиот просветител Свети Сава.

На свечената академија ќе се обратат високи официјални претставници од земјава и од Србија, а со богата културно – уметничка програма ќе биде претставена културата и традицијата на српскиот народ. 

Белград – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствува на отворање на  специјализиран саемско-конференциски настан посветен на овоштарството, лозарството и градинарството „Агро Белград 2022“.

На саемот има македонски штанд, финансиски поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнатсво.

Скопје – Наставата во основното и средното образование ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари. Така одлучи вчера Владата врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, истовремено повикувајќи на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.

Комисијата за заразни болести претходно препорача со почнувањето на второто полугодие од учебната 2021–2022 година, наставата да се одвива со физичко присуство за сите ученици во основно и средно образование со доследно почитување на превентивните мерки и протоколи.

Скопје – Се прошируваат и реорганизираат болничките капацитети во државава за третман на пациентите хоспитализирани поради КОВИД-19 и се поголемиот број заразени со вирусот, кој во изминатите денови изнесува над 2000. Истовремено, со одлука на Владата, пак, од синоќа е намален периодот на изолација или карантин поради КОВИД-19 за асимптоматските случаи и з алицата кои биле во контакт со заразен.

Клиниките за кожни болести и за неврологија наредните денови повторно треба да почнат да работат како ковид центри, а во ГОБ „8 Септември“ да се отвори дополнителен ковид оддел, препорача Комисијата за заразни болести на вчерашната седница на која беше разгледувана најновата епидемиолошка состојба во државава.

Атина – Онлајн настава за учениците, работа од дома за вработените во јавниот сектор, силна препорака истото да важи и за приватниот сектор, се дел од одлуките на грчката Влада за областа Атика, поширокиот регион на Атина, поради проблемите со снегот, јави дописничката на МИА од Атина.

По вчерашната владина седница, портпаролот Јанис Иконому соопшти дека градинките, основните и средните училиштата денеска и утре ќе останат затворени, а учениците ќе следат онлајн настава.

Берлин – Во Германија за првпат е надмината бројката од 200.000 новозаразени со коронавирус што е нов рекорд кога се во прашање новите случаи за едно деноноќие во таа земја.

Германскиот Институт за заразни болести Роберт Кох  соопшти за 203.136 позитивни тестови во последните 24 часа, што е за 69.600 случаи повеќе отколку истиот ден пред една недела. Седумдневната инциденца на 100.000 луѓе се искачи на 1.017 од 941 претходниот ден, додека 188 лица починаа. Со тоа, бројот на починати се зголеми на 117.314 од почетокот на пандемијата.

Киев – Војник на украинската национална гарда денеска, од засега непознати причини, пукал во припадници на обезбедувањето во воена фабрика во Днепар, при што уби пет лица, а рани уште петмина, соопшти денеска украинската полиција.

Инцидентот се случил рано утрово во фабрика за проектили „Пивденмаш“ при примопредавање оружје на стражарите, се наведува во соопштението.

Рим – Италија ќе ги олесни ограничувањата воведени поради коронавирусот за сите посетители од земјите на Европската унија од 1 февруари, соопшти Министерството за здравство.

Министерот за здравство Роберто Сперанза потпиша наредба според која на патниците од земјите на ЕУ ќе им треба само т.н зелена пропусница. Зелената пропусница потврдува вакцинација против Ковид-19, прележана болест или негативен тест.

Лос Анџелес – Лос Анџелес ќе го забрани дупчењето за нафта во градот, т.е. во населените места. Советниците на Градот вчера ја изгласаа забраната на изградба на нови бунари и престанок на работа за постоечките.

Според западните медиуми, илјадници активни извори се наоѓаат во густо населени населби (најчесто, каде што луѓето се со ниски приходи), веднаш до училиштата, домовите, паркови, трговски центри или гробишта. Жителите и еколошките активисти долго време водат кампања за нивно отстранување, велејќи дека тие претставуваат опасност по здравјето.

Њујорк – Американската компанија Модерна синоќа објави дека започнала клинички испитувања на засилувачка доза на вакцина дизајнирана специјално за борба против варијантата на коронавирусот Омикрон.

Во истражувањето учествуваат вкупно 600 возрасни лица, од кои повеќето примиле две дози од вакцината Модерна пред шест месеци. Но, има и такви ревакцинирани пред три месеци. Така, новата вакцина ќе се тестира и како трета и четврта доза.

Барселона – Напаѓачот на Пари Сен-Жермен, Лионел Меси е разочаран од постапките на поранешниот соиграч Жерар Пике, кој одби да ја намали платата за Аргентинецот да има можност да остане во каталонскиот клуб, изјави новинарот Луис Канут во програмата „Onze на TV3“.

– Последното продолжување на договорот на Пике го повреди Меси, тој е разочаран. Се чувствува изневерено. Пике не го продолжи договорот додека Меси не ја напушти Барса. Според мислењето на Меси, тој можеше порано да го обнови договорот за да се обиде да го спречи неговото заминување, изјави Канут.

Будимпешта – Голманот на Данска, Кевин Молер, по синоќешниот пораз од Франција на Европското првенство во ракомет, рече дека не е лесно да се игра против „триколорите“ ниту кога се има големо водство во текот на натпреварот.

Данците во повеќе наврати имаа пет голови предност, водеа со 27:22 до десетина минути пред крајот, но Французите со пресврт во финишот и серија од 8:2 остварија победа со 30:29 и се пласираа во полуфиналето, оставајќи го Исланд на третото место во групата.

Скопје – Времето денеска претпладне ќе биде умерено до значително облачно, освен на запад каде ќе преовладува сончево време. Попладне облачноста ќе се намали. Вдолж Повардарието и во источните делови ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -1, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени Целзиусови.

Во Скопје претпладне ќе биде умерено до значително облачно, попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне 6 степени.

Скопје – Најниска температура од минус 12 степени Целзиусови утрово е измерена во Маврови Анови и на Попова Шапка. Следат Охрид, Крушево, Дебар и Тетово со -с 8, -7 во Претор, -4 Берово, Битола, -3 Прилеп Крива Паланка, -2 Штип, Виница, -1 Куманово, Струмица, Скопје – Зајчев Рид, 0 Демир Капија, 3 Гевгелија.

Како што соопшти УХМР, највисока снежна покривка утрово е измерена во Пожаране -13 сантиментри, потоа 11 во Крушево, 7 Крива Паланка, 5 Охрид, 4 Ѓуриште, 3 Битола, Тетово и 2 во Берово.

Back to top button
Close
Close