МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 јануари 2022

26 јануари 2022

Куманово – Кумановци веќе 26 дена се без линиски превоз и неизвесно е кога ќе има, бидејќи како што соопштија денеска од Општината има неколку жалби кои ги поднеле превозниците за избраните 19 линии кои ги исполнија условите и се пријавија на првиот повик. Од Општината денеска немаа официјална изјава и од одделението за односи со јавност, кажаа дека Комисијата назначена од градоначалникот активно работи на решавање на овој проблем.

Претходно, на последната седница на барање на советниците, раководителката на секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска информираше дека е променет концептот на доделување на линии.

Кичево – Во Центарот за култура – Кичево денеска беа промовирани романите „Единствена моја љубена“,„Егејска солза“ и „Визијата и љубовта на Крсте Петков Мисирков“ од професорот Ванѓелко Лозаноски.

Промотор беше поетесата и прозаистка од Кичево, Оливера Ширгоска., а за авторот, неговата биографија и литературното творештво зборуваше Маја Николоска –Силјаноска од Центарот за култура.

Скопје – Во ера на глобализација и несигурност, како и пораст на разни видови тероризам, носењето на законот за критична инфраструктура е повеќе од неопходно. За таа цел Владата и релевантните институции треба да го забрзаат процесот на подготовка на закон за критична инфраструктура. Заштитата на критичната инфраструктура што ги опфаќа сите физички и организациски процеси нужни за нормалното функционирање на државата и општеството е наша обврска од членството во НАТО, од аспирацијата за членство во ЕУ но и национална задача од прв ред.

Ова го заклучија учесниците на десеттата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност, во рамки на Националната конвенција за ЕУ на Северна Македонија, посветена на „Спречување и борба против тероризмот: Националната и европската перспектива во идентификувањето и заштитата на критичната инфраструктура“.

Скопје – За потребите и предизвиците со кои се соочуваат центрите за социјална работа на ниво на држава и нивното понатамошно успешно решавање и надминување, се дел од темите на кои е разговарано на денешната средна на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со директорите на центрите.

Како што информираат од МТСП, на средбата се разговараше на повеќе теми кои се опфатени во делокругот на работењето на Центрите за социјална работа: старателството, интегрирано водење на случај и неговата имплементација, подготвеноста на Дневните центри за лица со попреченост во време на пандемија, како и интегрирање на социјалните случаи како активни учесници во пазарот на трудот.

Скопје – Заради континуираниот пораст на бројот на новозаболени и со цел проширување на болничките капацитети, Комисијата за заразни болести на денешниот состанок препорача клиниките за кожни болести и за неврологија кои претходно работеа како ковид-центри во рамки на првата фаза, во наредните денови да продолжат со работа како ковид центри и да се отвори дополнителен ковид оддел во ГОБ „8 Септември”. За ова сите три јавни здравствени установи веднаш се известени за преземање на сите неопходни активности, соопшти Министерството за здравство.

На состанокот на Комисијата за заразни болести на кој беше разгледана актуелната епидемиолошка состојба со КОВИД–19 во земјава, присуствуваше и министерот за здравство Беким Сали.

Скопје – Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата држава Рејчел Галовеј, која на вицепремиерката ѝ го честиташе стапувањето на новата должност и ѝ посака успешен мандат и остварување на програмските приоритети во интерес на граѓаните.

Амбасадорката Галовеј, како што соопшти владината Прес-служба, потврди дека Велика Британија останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Северна Македонија и нагласи дека двете страни ќе продолжат да работат заедно во правец на просперитет на земјата, со акцент на засилена соработка на полето на дигитализацијата, владеење на правото и професионализација на институциите.

Атина – Градинките, основните и средните училиштата во областа Атика, поширокиот регион на Атина и во следните два дена ќе останат затворени, учениците ќе следат онлајн настава, додека пак вработените во јавниот сектор ќе работат од дома, јави дописничката на МИА од Атина.

Училиштата се затворени од понеделникот поради снежната бура што ја зафати грчката метропола, додека пак вчера и денеска Владата ги прогласи за неработни денови.

Белград – Амбасадата на Република Србија во Париз достави писмо за кандидатура за домаќин на Меѓународната специјализирана изложба во Белград – ЕКСПО 2027, потпишано од премиерката на Србија Ана Брнабиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти Владата на Србија, предлогот е Специјализираната изложба BELGRADE EXPO 2027 / EXPO BELGRADE 2027 да биде со тема „Игра(ј) за хуманоста – спорт и музика за сите“ и тој да се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година.

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека нема намера да поднесе оставка поради низа настани што се случија во канцеларијата и резиденцијата во Даунинг стрит за време на „локдаунот“.

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Кир Стармер, го обвини Џонсон дека ја изменил својата приказна во врска одржаните собири и дека на тој начин го довел во заблуда Парламентот.

Москва – До 2035 година Русија би можела да стане еден од најголемите светски производители и извозници на водород, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин за време на средба со претставник на италијанскиот бизнис.

– Русија располага со значителни ресурси и технолошки можности за развој на зелената енергија. Во наредните години ќе бидат лансирани пилот-проекти за производство на водород со ниски емисии на штетни гасови и нивна примена во енергијата, транспортот и индустријата, истакна Путин.

Вашингтон – Трговската организација која ги претставува интересите на Chevron, General Electric и другите големи американски компании со бизнис во Русија, испрати барање до Белата куќа да даде можност за дополнително време тие да можат да ги исполнат своите обврски и да се исклучат некои стоки при разработката на санкциите поради дејствата на Русија против Украина. 

Националниот совет за надворешна трговоја на САД, при разработката на санкциите побара и дополнително време за компаниите за завршување на нивните дејности. 

Денвер – Центарот на Денвер, Никола Јокиќ стана првиот играч во историјата на НБА-лигата кој забележал 5 000 скока и 3 000 асистенции во своите први 500 натпревари во кариерата.

На денешниот натпревар против Детроит (110:105), српскиот кошаркар постигна 28 поени, 21 скок и девет асистенции.

Back to top button
Close
Close