МИА ФлешПакети

МИА Флеш

25 јануари 2022

25 јануари 2022

Скопје – Владите на Северна Македонија и на Бугарија, предводени од премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, денеска во резиденцијата „Бојана“ во Софија ќе одржат заедничка седница на која, меѓу другото, е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Софија – Меѓувладината седница е успех, бидејќи само по една недела од нашата прва средба со бугарскиот премиер Кирил Петков договоривме поконкретно да работиме на теми кои ќе ја подобрат економијата, инфраструктурата, иновациите, образованието, културата, на се она што значи подобра комуникација меѓу граѓаните, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на меѓувладината седница на двете земји, што се одржува во Софија.

Сето ова, додаде тој, треба да и покаже на Европа дека на Балканот може да се соработува и дека двете земји ќе воспостават пример за успешна соработка, јави известувачот на МИА од Софија.

Скопје – Почнува судењето против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се осомничени за нелегалната набавка на софтвер. Судскиот процес ќе го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска.

Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Скопје – Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието го достави најавуваниот предлог за укинување на 100 дена „пржинска влада“, пред одржување на парламентарни избори со цел, како што велат од партијата, во услови на сеопфатна криза да не се губи време, зашто таква техничка влада и онака нема моќ за значајни одлуки. Од партијата бараат веднаш потоа да се организираат брзи избори. Партиите од владејачкото мнозинство се согласуваат дека е потребно укинување на „пржинската влада“, но, нагласуваат дека за тоа е потребен консензус меѓу партиите. За постигнување консензус има време, велат оттаму, бидејќи предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година.

-На Македонија веднаш ѝ се потребни итни предвремени парламентарни избори. За таа цел пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада. Со овој Предлог на закон, ние бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада, изјави вчера координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски откако го достави Предлогот до собранието.

Скопје – Во Домот на Армијата денеска ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во спомен на роденденот на најголемата музичка ѕвезда и хуманост Тоше Проески.

Крводарителската акција ја реализираат Црвениот крст на Град Скопје и Општинската организација на Црвениот крст во Гази Баба во соработка со ИТМ.

Скопје – Главниот координативен кризен штаб на синоќешната седница ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести за кратење на периодот на изолација после позитивен ПЦР КОВИД тест од 10 на 7 дена, ја достави до Владата и за неа треба да биде дискутирано на следната владина седница, информира владината прес-служба.

На седницата на ГККШ министерот за здравство Беким Сали ја презентирал актуелната состојба со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

Скопје – Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 256.996, од кои во моментов активни се 20.020. Во изминатото деноноќие беа регистрирани 718 нови случаи на КОВИД-19 од направени 3.044 тестирања. Регистрирани се 95 реинфекции.

Најголем број активни случаи има во Скопје – 11.012, потоа Битола – 1.542 и Прилеп – 785. Најмалку активни случаи има во Дојран – 13, Дебар – 20, Демир Капија – 21…

Софија – Претседателот на Народното собрание на Бугарија Никола Минчев утре закажа вонредна седница.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на дневен ред ќе бидат излагања на премиерот на Бугарија Кирил Петков, министерот за одбрана Стефан Јанев, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и шефовите на бугарските специјални служби.

Атина – Заглавени возачи со часови на улици и булевари, полесно повредени патници на воз, паднати дрва, прекини во снабдувањето со електрична енергија, остави зад себе невремето „Елпида“, снежната бура што од вчера наутро ја зафати областа Атика поширокиот дел на Атина, а денеска, со одлука на грчката Влада е неработен ден за јавниот и приватниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

Особено тешка беше ситуацијата на автопатот што ги поврзува атинските предградија, каде што стотици автомобили над 12 часа останаа заглавени и синоќа беше активирана војската која во текот на целата ноќ интервенираше за да им помогнат на возачите, а операцијата продолжи и утрово.

Рим – Италијанскиот Парламент не избра претседател во првиот круг, бидејќи ниту еден кандидат не доби доволен број гласови на тајното гласање, а за денеска е закажано ново гласање.

Околу 1.000 членови на двата дома на парламентот, Претставничкиот дом и Сенатот, и претставниците на регионите и автономните покраини почнаа да гласаат вчера попладне за избор на наследник на Серџо Матарела, а на победникот на тајното гласање му треба два третинско мнозинство во кој било од трите круга на гласање.

Њујорк – Генералното собрание на ОН синоќа соопшти дека Иран, Гвинеја и Вануату уплатиле доволно пари во редовниот оперативен буџет на ОН за покривање на долговите, што создаде услови да го вратат своето право на глас во Генералното собрание со 193 членови.

Без право на глас во Генералното собрание останаа само две земји – Венецуела и Папуа Нова Гвинеја.

Њујорк – Постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации Линда Томас Гринфилд изјави дека руската закана за Украина е многу поголема од украинскиот проблем и предупреди дека евентуална руска инвазија „ќе ја отвори Пандорината кутија“.

На прес-конференција Гринфилд ја обвини Русија дека покрај воените активности извршува кибер напади, паравоени активности и кампањи за дезинформација.

Лондон – Премиерлигашот Тотенхем ја финализираше цената за играчот од средниот ред на Вулверхемптон, Адама Траоре, објави „Sky Sports“.

Според британскиот медиум, Волвс се подготвени да го пуштат играчот за 25 милиони евра, но Спарс можат да понудат само 20 милиони евра.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, долж Повардарието, засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната од -3 до 6 степени.

Во Скопје, слично време со повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 2 степена.

Back to top button
Close
Close