МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 јануари 2022

18 јануари 2022 

Скопје – Потребно е да се прошири полето на соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија и чекор по чекор да започнат да се решаваат отворените прашања, е заклучокот од средбата на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и Кристиан Вегенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Бугарија, кој денеска е во посета на државата со бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков.

– На средбата беа отворени повеќе теми на разговор со фокус на соработката помеѓу двете земји и на сите нивоа, како и важноста од евроинтеграцијата на Северна Македонија за регионот, информира прес-службата на Маричиќ.

Скопје – АД ЕСМ од четврток 21 јануари ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север за што претходно на седница одлука ќе донесе Владата, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа  е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците, рече Бектеши на денешната средба со новинарите.

Скопје – Владата најостро го демантира и го отфрла како дезинформација објавеното на повеќе медиуми и портали за наводно намерно изоставање на одредени делови, односно стихови од химната на Северна Македонија за време на официјалниот пречек на претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков.

– Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија согласно воениот и државен протокол се ангажира при пречек на странските државници на највисоко ниво при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали, се наведува во соопштението од Владата.

Охрид – На словачкиот филозоф, есеист и литертурен критичар и професор на Универзитетот од Жилина, Далимир Хајко, денеска му беше доделена Светската награда за хуманизам за 2022 година што традиционално ја доделува Охридската академија на хуманизмот во слава на Свети Климент Охридски.

На свечената церемонија што поради наметнатата ситуација поради коронаепидемијата се одржа преку Интернет, обраќања во чест на лауреатот имаа претседателот на интернационалното жири што ја доделува наградата, амбасадорот Јордан Плевнеш, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, лауреатот на наградата за хуманизам од 2019, Романо Проди, претседателот на Европската акадамија на науки, Жан-Патрик Конрад, како и самиот лауреат Далимир Хајко.

Кичево – Обичаите кои со децении се негуваат во Кичевско-бродскиот и Мавровскиот регион за верскиот празник Водици, се изучуваат и на најпознатите европски универзитети. Последните десетина години професорки од универзитетите во Будимпешта, Унгарија и Краков, Полска, присуствуваа на повеќедневните свечености поврзани со одбележувањето на овој празник.

Професорката од Универзитетот во Краков, Јохана Рехас беше гостин  во село Ехловец, а во село Лавчани професорката од Универзитетот во Будимпешт, Анна Марија Болја, која при вториот престој ја придружуваа студенти од тој универзитет.

Скопје – Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков положија цвеќе на спомениците на „Св. Кирил и Методиј“ и на „Св. Климент и Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје.
– Двајцата премиери заеднички оддадоа почит на делата на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј и на Св. Климент и Св. Наум како уште една потврда за важноста од соработката на двете држави, за зајакнување на меѓусебната доверба која се гради со заедничка работа во име на напредокот на народите во двете земји, информираат од владината Прес-служба.

Скопје – Ветеринарната комора на Република Северна Македонија денеска е домаќин на делегации од ветеринарните служби и институции од Република Србија и Република Хрватска. Директорот на Ветеринарната комора, д-р Томислав Николовски на прес-конференција информираше дека состанокот ќе го искористат да разменат мислења, состојби и информации што се од интерес за државата, по појавата на африканската свинска чума.

Во однос на депопулацијата на свињите, Николовски информираше дека првата фаза е завршена, а во моментов се одвива и втората фаза.

Дебар – Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е дел од хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“ минатата година произведени се над 258 милиони киловат часови електрична енергија.

-Минатата година произведени се над 258,3 милиони киловат часови електрична енергија, што е 26 отсто поголемо остварено производство споредено со претходната, 2020 година, кога беа произведени околу 205 милиони квч, потврдија за МИА надлежните од ЕСМ.

Тирана – Германската министерка за Европа, Ана Лирман, која денеска престојува во посета на Тирана, изјави дека„ перспективата на Албанија и западен Балкан е во ЕУ“, што според неа е од стартешко значење.

-Сакам јасно да ставам до знаење дека перспективата на Албанија и Западен Балкан е во ЕУ, што е од стратешко значење. Тоа е во интерес на Албанија и Македонија, но и на ЕУ и стабилноста во регионот. Работиме за доброто на луѓето во многу сектори. Западен Балкан е важен за Европа. Ја поддржуваме соработката на земјите од Западен Балкан. Процесот мора да биде сеопфатен и отворен. Затоа, потребен е напредок, рече таа.

Москва – Руската Државна Дума денеска на трето читање едногласно го усвои предлог-законот со кој се предвидува доживотен затвор за педофили на кои веќе им се судело за насилство врз малолетници, како и за првпат извршено насилство врз две или повеќе лица помлади од 18 години.

Максималната казна предвидена во документот ќе биде изречена за повторени дела на сексуално насилство врз малолетници. Доживотни казни се предвидени и за лица кои за вакво дело првпат се гонети, а жртви им се две или повеќе лица, како и во случаи кога делото е придружено со друго тешко или особено тешко кривично дело.

Стокхолм – Патниците во Шведска повеќе нема да мора да покажуваат негативен тест за Ковид-19 пред да влезат во земјата, соопшти владата.

Шведска на 28 декември минатата година воведе мерки против ширењето на омикрон варијантата на коронавирусот, согласно кои за влез во земјата беше неопходен негативен ПЦР тест. Оттогаш, Шведска постојано бележи нови рекордни дневни бројки на заразени со сега, целосно доминантниот сој, омикрон.

Москва – Ефикасноста на руската вакцина Спутник В против варијантата омикрон изнесува 75 отсто, соопшти денеска директорот на епидемиологија и микробиологија на Гамалеја, Александар Гинтсбург. Тој додаде дека доколку личност се ревакцинира со Спутник Лјт, тогаш заштитата може да достигне и до 100 отсто.

Во обраќањето на Меѓународниот Конгрес за репродуктивна медицина, Гинтсбург појасни дека луѓето кои не примиле засолувачка доза вакцина, ефикасноста на вакцината против коронавирус на Спутник по шест месеци од примањето била 56-57 отсто.

Њукасл – Откако минатата недела го доведе во своите редови голгетерот на Барнли, Крис Вуд, раководството на последно пласираниот тим во Премиер лигата Њукасл сега сака да го засили тимот со уште еден напаѓач во името на Дуван Запата (30) од италијанскиот прволигаш Аталанта, јавија денеска британските медиуми.

Аталанта е подготвена на преговори за трансфер на Запата, но прашање е по која цена. Њукасл нуди 30 милиони евра обесштетување, додека во италијанскиот клуб сметаат дека вредноста на колумбискиот напаѓач изнесува 45 милиони евра.

 

Back to top button
Close
Close