МИА ФлешПакети

МИА Флеш

28 септември 2021

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Вкупно 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.

Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 199.819 граѓани од дијаспората.

Денеска е 24-тиот ден од Пописот 2021 и до крајот остануваат уште два дена пописни активности.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Здружението на оштетени физички и правни лица Правда за штедачи денеска соопшти дека остварило средба со Делегацијата на Европската унија во земјава на која се разговарало за стечајот на „Еуростандард банка“.

На средбата, која се одржала вчера, претставниците на делегацијата биле детално запознаени со состојбата во која се најдоа оштетените депоненти на „Еуростандард банка“ по отворањето на стечајната постапка, како и со активностите што се превземаат за надминување на овој проблем.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Владата денеска ќе ја одржи редовната 108-ма седница со повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните, меѓу кои и предлог Националната стратегија за развој на социјалните претпријатија во Република Северна Македонија (2021-2027) и Акцискиот план 2021-2023 за спроведување на оваа стратегија, како и Предлог на Стратегијата за промовирање и развој на волонтерството (2021-2025).

На дневниот ред, како што информираат од владината прес-служба, се и предлогот на Министерството за финансии да бидат разгледани Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за установите и Предлог-законот за финансиска стабилност.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денеска ќе се одржи првата јавна дискусија во организација на Евротинк – Центар за европски стратегии како дел од меѓународниот проект „Справување со нелиберални-евроскептични наративи оддолу“.

Целта на проектот е да ги истражи нелибералните наративи и евроскептицизмот во четири земји во Европа и тоа Северна Македонија, Италија, Полска и Словенија.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска ќе ги презентира резултатите од програмата ГЕФФ и најавата за понатамошното финансирање на енергетската ефикасност во станбениот сектор во Западен Балкан.

Целта на настанот е да се претстават постигнатите резултати од програмата ГЕФФ, за што ќе бидат доделени и награди и признанија за сите учесници во програмата.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска попладне ќе допатува во посета на Скопје, при што меѓудругото со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираниот ЕУ-процес за Северна Македонија, а повеќе детали за разговорите ќе бидат соопштени по средбата. Засега единствена порака што ја пренесуваат службите на Фон дер Лајен е дека „ЕУ држи до регионот“.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Со пораки за одговорно и отчетно управување, создавање подобра иднина, единство без разлика на етничката припадност и поставувањето на интересите, потребите и барањата на граѓаните на прво место, политичките партии вчера официјално ја започнаа кампањата за Локалните избори закажани за 17 октомври.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев од предизборниот собир во Битола порача дека власта четири години поставува стандарди на одговорно и отчетно управување со државата, ја развива земјата на меѓународен, а општините на домашен план.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – По повод 28 Септември – Меѓународниот ден за универзален пристап до информации, денеска ќе се одржи онлајн настан на кој ќе бидат презентирани резултатите од работата на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и плановите за унапредување на остварувањето на правото на граѓаните за слободен пристап до информациите.

На настанот, меѓу другите говорници, најавено е и учество на заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и раководителот на оддел при Делегацијата на Европска Унија, Фреик Јанмаат.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска организира тркалезна маса по повод Светскиот ден на борба против беснило.

На настанот ќе учествуваат стручни лица од АХВ, претставници од Ветеринарната комора, Институтот за јавно здравје и науката.

Софија, 27 септември 2021 (МИА) – Според поранешниот шеф на кабинетот на  бугарскиот претседател Румен Радев, Калојан Методиев, шансите на Радев за втор мандат се намалуваат со секој изминат ден. Методиев го даде ова предвидување пред бугарското национално радио и изрази мислење дека Радев нема да биде избран. Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, тој вели дека партиите што го поддржуваа, една по една се откажале од него, без да се спомене кого станува збор.

Според Методиев, Радев маневрирал помеѓу две амбасади во Софија и „ги излажал двете за сметка на националниот интерес во име на сопствените цели“.

Софија, 27 септември 2021 (МИА) – Во Националната палата на културата во Софија се оддржа основачко собрание на кое иницијативен комитет ги предложи Румен Радев и Илијана Јотова за независни кандидати за претседател и потпретседател на Бугарија.

Меѓу присутните беше познатата актерка Цветана Манева, генерал Михо Михов, поранешен шеф на воздухопловните сили, кој беше амбасадор на Бугарија во Северна Македонија, одбојкарот Владимир Николов,  уметникот Греди Аса, познатиот филмски режисер Стефан Командарев, уметникот Иван Токаџиев…

Тирана, 27 септември 2021 (МИА) – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре претпладне ќе допатува во Тирана.

По официјалниот дочек, во Палатата на бригадите, таа прво ќе се сретне со премиерот Еди Рама, а  потоа во претседателската резиденција и со шефот на државата Илир Мета.

Софија, 27 септември 2021 (МИА) – Досегашниот бугарски заменик министер за надворешни работи, Румен Александров, ја презеде функцијата постојан претставник на земјата во ЕУ. Веста ја соопшти дипломатската мисија на Бугарија во Брисел.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Александров ја презема функцијата од  Димитар Цанчев, кој беше бугарски претставник во ЕУ од 2012 година. Од 1 септември, Цанчев е амбасадор на ЕУ во државата Израел.

Гетеборг, 28 септември 2021 (МИА) – Околу 25 лица рано утрово се пренесени в болница по експлозија во станбена зграда во шведскиот град Гетеборг, објавија локалните медиуми.

Шведската полиција на својата веб-страница објави дека започнала со евакуација на луѓето кои живеат во таа област.

Лондон, 28 септември 2021 (МИА) – Владата на Велика Британија соопшти дека ја става армијата во состојба на подготвеност, како дел од мерките за решавање на кризата во синџирот на снабдување, што доведе до недостаток на гориво на бензинските пумпи.

Предупредувањето за недостаток на гориво предизвика формирање колони автомобили на бензинските пумпи, што доведе до фактот дека многу бензински пумпи останаа без гориво.

Вашингтон, 28 септември 2021 (МИА) – Високи претставници на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) во 2017 година разгледувале опции за киднапирање, па дури и ликвидација на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, објави „Јаху њуз“ (Yahoo! News!).

Порталот повикувајќи се на поранешни американски претставници наведува дека високи претставници на ЦИА и тогашниот директор Мајк Помпео биле бесни на Асанж бидејќи го објавил Трезор 7 односно инструментариум за хакирање.

Вашингтон, 28 септември 2021 (МИА) – Лансирањето проектили од страна на Северна Кореја не претставува непосредна опасност по американскиот персонал или територии, соопшти Американската пацифичка воена команда.

– Лансирањето ракети го истакнува дестабилизирачкото влијание на програма за незаконско вооружување на Северна Кореја, се наведува во соопштението.

Вашингтон, 28 септември 2021 (МИА) – Докторка по биолошки науки и професорка на Факултетот за системска биологија на Универзитетот Џорџ Мејсон, Анча Баранова изјави дека главното сценарио за развој на пандемијата со Ковид-19 е трајно намалување на очекуваниот животен век за најмалку 10 години.

– Главното сценарио сега е ова: вакцините функционираат некако, вирусот исто така мутира. Сите чекаат. Човештвото полека се помирува со идејата дека очекуваниот животен век е намален за десет години. Додека луѓето се млади и имуни, тие се справуваат со дури и со повеќекратни имунизации. Меѓутоа, како што старееме, телото се повеќе се разболува, а коронавирусот е една од тие болести, така што животниот век се намалува … Имаме нов природен непријател, посочи Баранова.

Нион, 28 септември 2021 (МИА) – Европската фудбалска асоцијација, ја прекина постапката за против Барселона, Јувентус и Реал Мадрид за проектот Суперлига.

– По отворањето на дисциплинска постапка против Барселона, Јувентус и Реал Мадрид за евентуална повреда на правната рамка на УЕФА во врска со таканаречениот проект Суперлига, Апелационото тело на УЕФА одлучи да ја прекине постапката до понатамошно известување. стои на веб-страницата на УЕФА.

Париз, 28 септември 2021 (МИА) – Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола го коментираше трансферот на напаѓачот Лионел Меси во ПСЖ, пред натпреварот од групната фаза од Лигата на шампионите.

– Преселбата на Меси во ПСЖ беше изненадување за сите, но сега сите се помирија со тоа. Претходно, не можевме ниту да го замислиме ова, но никогаш не знаете што ќе се случи. Главната работа е што Меси е среќен во Париз. Она што го постигна во текот на неговата кариера е исклучително. Се надевам дека ќе може да игра против нас, за доброто на фудбалот, изјави Гвардиола.

Индијан Велс, 28 септември 2021 (МИА) – Првиот светски рекет во женскиот тенис, Ешли Барти се повлече од турнирот во Индијан Велс.

Причините за откажувањето на австралиската тенисерка да учествува на турнирот во Калифорнија сè уште не се познати.

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо, а на места нестабилно со пообилен пороен дожд, локално и над 20 литри на квадратен метар и со појава на ретки грмежи.

Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.

Во Скопје ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд и ретки грмежи. Максималната температура ќе достигне до 24 степени.

Back to top button
Close
Close