МИА ФлешПакети

МИА Флеш

7 декември 2021

7 декември 2021

Скопје  – Трошоците на живот во ноември се зголемени за 0,7 проценти, а цените на мало бележат скок од 0,3 отсто во однос на октомври, објави денеска Државниот завод за статистика.

Пораст на трошоците на живот се забележани кај лебот и житата за 3,8 проценти, сирењето и урдата за 2,3 отсто, месото за 2,1, маслото за 1,9, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,8 проценти, виното за 1,3, рибата, морските плодови и пивото за 1,2 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,7 проценти и жестоките пијалаци за 0,3 проценти.

Скопје – Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал годинава изнесува три проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во третото тримесечје од годинава, најголем пораст од 11 проценти е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, а 2,6 проценти е порастот во секторите: Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности, како и Уметност, забава и рекреација; Други услужни дејности; Дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби.

Скопје – Во периодот од 29 ноември до 5 декември тестирани се вкупно 16.948 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 9,8 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.275 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 17,3 отсто во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 19 отсто, просечно 13,1 отсто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.000; 43,9 отсто), со неделна инциденца – 157,7/100.000. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово 324,6/100.000, се наведува во извештајот што денеска на својата веб страницата го објави Институтот за јавно здравје.

Скопје – Заштитата на уставните слободи и права, почнувајќи од субјектите кои имаат право да побараат ваква заштита, нејзиниот опфат, постапката, правното дејство на одлуките и примената на праксата на Европскиот суд за човекови права, биле теми на разговор на денешната работна средба во Скопје на делегациите од Уставниот суд на Република Северна Македонија и Уставниот суд на Република Косово.

На средбата, како што соопшти Уставниот суд, биле разменети идеи и мислења за начините и облиците на можната идна соработка помеѓу двата суда, но и искуствата и ставовите за прашања што се во нивната надлежност.

Скопје – Шефот на дипломатијата Бујар Османи учествуваше на министерскиот состанок на ОН за мировни операции, кој се одржа виртуелно во организација на министрите за надворешни работи и за национална одбрана на Кореjа, Чунг Еуи-јонг и Су Вок, заедно со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Во своето обраќање, како што соопшти МНР, Османи ја реафирмира посветеноста на земјата кон мултилатералната соработка, како еден од приоритетите на надворешната политика на Северна Македонија, во која меѓудругото, спаѓа и соработката во делот на мировните операции во рамки на ОН и зачувување на мирот.

Скопје – Секретаријатот на ЦЕФТА во соработка со Коморскиот инвестициски форум и Стопанската комора на Северна Македонија денеска организираа работилница за ЦЕФТА Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги , со акцент на тоа какви придобивки носи протоколот за македонската економија и за регионот и како може да придонесе за поуспешно создавање на заеднички регионален пазар на Западен Балкан. ЦЕФТА Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги беше усвоен во 2019 година и стапи во сила на 11 јануари 2021 година. Овој документ го прошири принципот на слободна трговија во рамките на ЦЕФТА и на услужниот сектор.

Како што информираат од ЦЕФТА, дополнителниот протокол 6 обезбедува сеопфатна рамка за трговија со услуги во регионот и се заснова на Општиот договор за трговија со услуги (ГАТС). Посочуваат дека Протоколот особено се фокусира на ограничувањата за пристап до пазарот и ограничувањата поврзани со дискриминација на странски компании против домашни.

Сараево – Посебна седница на парламентот на Република Српска на која ќе се расправа за плановите за одвојување на ентитетот од уставниот и правниот поредок на Босна и Херцеговина е закажана за в петок. Тоа денеска го потврди потпретседателот на ентитетскиот парламент Денис Шулиќ, кој е член на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД).

Според него, одлуката за закажување специјална седница ја донел одборот на Народното собрание на РС на барање на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Брисел – Попладнево во Брисел се одржа четвртиот Совет за стабилизација и асоцијација (ССА) помеѓу ЕУ и Косово, на површина излезе несогласувањето помеѓу двете страни за прашањето на заедницата на српски општини, јави дописничката на МИА од Брисел.

Покрај реформите за напредок кон ЕУ, главна тема на разговорите на денешниот Совет за стабилизација и асоцијација беше нормализацијата на односите помеѓу Србија и Косово, под медијаторство на ЕУ.

Копенхаген – Данскиот министер за здравство Магнус Хојник е позитивен на Ковид-19 и е во самоизолација во хотел во Брисел, соопшти Министерството.

Хојник останал во својата хотелска соба и не бил во контакт со други министри, соопштија од данската постојана мисија во Европската унија.

Минхен – Германски суд осуди 67-годишен електричар на 8,5 години затвор бидејќи кастрирал неколку мажи по нивно барање, јави ДПА.

Суд во Минхен осуди едно лице за тежок и опасен напад, кое првично било обвинето за убиство од небрежност, поради смртта на еден од кастрираните мажи како последица на таа операција.

Женева – Воведувањето задолжителна вакцинација против коронавирус е „апсолутна последна опција“, изјави денеска главниот европски функционер во Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге. 

Се повеќе европски земји, вклучително и Германија, дебатираат дали да воведат задолжителна вакцинација против Ковид-19, откако Австрија во ноември објави дека ќе воведе задолжителна вакцинација на 1 февруари следната година, што предизвика големи протести во земјата. 

Абу Даби – Официјалниот викенд во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се менува во сабота и недела за да се олесни бизнисот со западните земји, соопшти раководството на таа држава од Персискиот Залив.

Од 2006 година, официјалниот викенд е петок и сабота, како и во другите земји со мнозинско муслиманско население на Блискиот Исток.

Скопје – Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Северна Македонија е рангирана на 29. место на европската рејтинг-листа на ФИБА, односно на 52. позиција во светски рамки според Светската кошаркарска федерација.

Вака рангирани „црвено-жолтите“ направија еден чекор понапред во листата на ФИБА за тековната 2021 година.

Back to top button
Close
Close