МИА ФлешПакети

МИА Флеш

7 декември 2021

7 декември 2021

Скопје – По повод празникот на големиот светител Климент Охридски, патронот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во Соборниот храм во Скопје, посветен нему, вечер со почеток во 17:30 часот ќе се одржи свечена празнична богослужба, со благослов на архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, а ќе служи епископот антаниски г. Партениј, во сослужение со клирици од Скопската епархија и свештенислужители од Бигорскиот манастир.

Утревечер, пак, на самиот празничен ден, 8 декември, во 9.00 часот, Света божествена литургија ќе служи митрополитот повардарски г. Агатангел, во сослужение на митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф и епископот антаниски, г. Партениј, како и бројни свештенослужители на МПЦ-ОА.

Скопје – Петтиот Светиклиментов научен собир на тема „Сеќавање (па́мѧть)“, во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи денеска онлајн на платформата Зум.

Собирот ќе го отвори архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, а ќе може да се следи во живо и на Јутјуб каналот и на фесјбук страницата на Факултетот.

Скопје – Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, по престојот во Скопје нема да оди за Софија, но не ја исклучува можноста да ја посети.

– По Скопје заминувам за Босна каде ќе се одржи Конференцијата за мировна имплементација. Потоа, одам за Тирана каде повоторно ќе пратам сигнали за нашата поддршка за зачленување во ЕУ по што ќе заминам за Лондон за да се сретнам со новиот британски специјален претставник за Западен Балкан, кој ги свикува министрите за надворешни работи на Западен Балкан за да се мапира како нашата соработка во регионот ќе функционира во иднина. Сево ова се примери за позитивен развој во регионот. Се надеваме дека Македонија ќе биде целосен партнер и ќе ни помогне да има напредок. Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме, рече Ескобар во интервју за „360 степени“, прашан дали планира да ја посети Софија.

Скопје – Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска ќе го означат почетокот на кампањата „Внеси боја во сивата економија“.

На настанот најавено е обраќање на министерот за финансии Фатмир Бесими и заменичката на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Сања Бојаниќ.

Скопје – Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска организира вебинар на тема „Стереотипи и предрасуди – нивното зацврстување преку медиумите“.

На вебинарот што ќе се одржува онлајн, ќе се дискутира за известувањето за маргинализираните групи и за медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство.

Скопје – „Сиромаштијата кај децата во Северна Македонија – семејните примања не се единствениот фактор“ е темата на денешниот форум што го организираат Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија и Finance Think – Институт за економски истражувања и политики во Скопје.

На форумот ќе се дискутира и ќе се презентираат резултатите од првиот индекс за повеќедимензионална детска сиромаштија за земјата.

Скопје – Инвестициска конференција – Развој на првата „зелена“ економска зона – Гевгелија ќе се одржи денеска во Скопје во организација на ТИРЗ.

ТИРЗ заедно со меѓународните партнери „Дилојт“ изработи студија на изводливост која нуди нови инвестициски модели и можности за инвестирање за широк опсег на индустрии.

Скопје – Работилница „Услужен сектор и ЦЕФТА: Што обезбедува ЦЕФТА дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги“ ќе се одржи денеска во организација на Секретаријатот на ЦЕФТА во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Коморскиот инвестициски форум.

– Како трговски договор, ЦЕФТА значително ја подобри и поттикна трговијата со стоки на Западен Балкан, дејствувајќи како катализатор за иницијативи насочени кон продлабочување на економската соработка и создавање заеднички пазар на Западен Балкан, како што е т.н. Берлинскиот процес и иницијативата за отворен Балкан. ЦЕФТА Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги беше усвоен во 2019 година и стапи на сила на 11 јануари 2021 година. Овој документ го прошири принципот на слободна трговија во рамките на ЦЕФТА и на услужниот сектор, наведуваат од ЦЕФТА.

Софија – Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска ќе го реализира вториот ден од консултациите со претставниците на другите три пратенички групи во 47. Народно собрание.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, денеска претседателот на Бугарија и неговата потпретседателка Илијана Јотова ќе одржат консултации со претставниците на „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Препород“.

Лондон  – Квалитетот на воздухот во европските градови е подобрен во изминатите 20 години, особено во 2020 година поради пандемијата Ковид-19, но нивото на загаденост сè уште го загрозува здравјето на повеќето од нивните жители, предупреди Европската агенција за животна средина.

Загадениот воздух е најголемата закана за здравјето на луѓето и ситните честички во 2019 година предизвикаа дури 307.000 смртни случаи во Европската унија, иако оваа бројка е три отсто помала од 2005 година, утврди ЕЕА.

Париз – Лидерите на Франција, Германија, Италија, Велика Британија и на САД изразија решителност во вчерашниот телефонски разговор дека суверенитетот на Украина мора да се почитува, соопшти кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Русија е обвинета дека подготвува напад врз нејзиниот сосед, а лидерите „изјавија дека се подготвени да преземат чекори за зачувување на мирот и безбедноста во Европа“, соопшти кабинетот на Макрон по разговорите.

Пекинг – Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан денеска го оцени како „сплеткарење“ на САД обидот за нарушување на Олимписките игри, потенцирајќи дека е осуден на пропаст и води до губење на „моралниот авторитет и кредибилитет“.

На брифингот со новинарите во Пекинг, Жао рече дека Кина се противи на бојкотот и дека ќе преземе „одлучни контрамерки“.

Вашингтон – На денешен ден во 1941 година Јапонија без објава на војна ја нападна американската поморска база во Перл Харбур на Хаваите, а неколку часа подоцна американскиот претседател Френклин Рузвелт објави дека земјата влегла во Втората светска војна.

Во нападот и беа нанесени огромни загуби на американската морнарица и Јапонија стекна голема предност во првата фаза од војната на Пацификот. Потопени биле речиси сите воени бродови на САД во тој дел на светот, освен носачите на авиони кои тој ден биле на отворено море. На земја биле уништени 178 авиони, загинале 3.303 војници, од кои 2.390 Американци, а 1.272 биле повредени.

Скопје – Натпреварот помеѓу Силекс и Тетекс во рамки на 14. коло од Втората машка фудбалска лига е доверен на нашата женска интернационална судиска четворка.

Во центарот на стадионот во Кратово денеска од 13 часот ќе биде главната судијка Ивана Пројковска.

Скопје – Времето денеска ќе биде облачно и постудено со врнежи од дожд, а на планините и повисоките места од снег каде ќе се формира нова снежна покривка. Услови за слаб снег ќе има и на некои пониски места во северните и источните делови. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната ремпература ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната од 2 до 8 степени.

Во Скопје, облачно и постудено со повремени врнежи од дожд. Во текот на денот во повисоките делови од Скопската котлина ќе врне повремен слаб снег. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени. Во среда и четврток претпладне ќе има преодно стабилизирање на времето со ниски утрински температури, кои насекаде ќе бидат под нулата. Потоа следува период на променливо облачно време со повремени врнежи со променлив интензитет.

 

Back to top button
Close
Close