МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 септември 2021

24 септември 2021

Скопје – Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, при што беа разменети мислења за севкупните активности на Република Северна Македонија во рамки на ОН, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните прашања.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, во тој контекст, генералниот секретар Гутереш оддаде признание за покажаната солидарност од страна на Република Северна Македонија со вклучувањето во глобалната хуманитарна акција за привремено прифаќање на граѓани од Авганистан.

Скопје – Северна Македонија е подготвена да се вклучи во конструктивен дијалог со Бугарија, за да обезбеди целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Во исто време согласно истиот Договор очекува Бугарија да продолжи да биде наш пријател и поддржувач во процесот на евроинтеграција, порача македонскиот државен врв.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера во обраќање на генералната дебата од 76. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк, осврнувајќи се на ситуацијата во регионот и земјава подвлече дека Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција и порача дека е крајно време е да се преиспита сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, дали е во согласност со визијата на неговите основачи.

Скопје – Шефот на дипломатијата Бујар Османи на маргините на 76 Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, се сретна со министерот за надворешни работи на Република Сингапур, Вивијан Балакришнан.

Како што соопшти МНР, на средбата беа разменети мислења за можностите за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и беше изразено взаемно задоволство од досегашниот развој на мултилатералната соработка, со посебен фокус на Обединетите нации.

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе учествува на десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа, посветен на проширувањето.

Состанокот, како што соопшти собраниската прес-служба, се одржува во Будимпешта, и истиот традиционално се организира од страна на Собранието на Република Унгарија на секои две години.

Скопје – Македонско-германски форум насловен „30 години независност на Северна Македонија – Улогата на Собранието во демократијата” ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за општествени истражувања – МК91.

Гости и говорници на форумот, како што најави Фондацијата Конрад Аденауер, ќе бидат проф. д-р Норберт Ламерт, претседател на Фондација Конрад Аденауер и поранешен претседател на Германскиот Бундестаг (со обраќање преку видео-конференциска врска) и Горан Мисовски, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Скопје – Меморандум за соработка со Естонскиот центар за меѓународен развој, кој претставува трилатерален проект за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, ќе биде потпишан денеска во Владата.
По тој повод, како што информираат од владиниот Секретаријат за европски прашања, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, ќе одржи прес-конференција за претставување на проектот, на која ќе се обратат и амбасадорките на САД Кејт Мари Брнз и на Естонија Кристи Карелсон.

Скопје – Политичките партии и нивните подмладоци се обврзаа на демократски изборeн процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори. Изборната кампања за првиот круг од локалните избори, согласно Роковникот на Државната изборна комисија почнува од понеделник и ќе трае до 15 октомври, а денеска треба да биде заклучен Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, а кој треба најдоцна до 1 октомври да биде потпишан.

Претставници од сите политички партии, учесници на претстојните избори, вчера го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со што преземаат одговорност дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеењето и ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.

Скопје – Од денеска до 26 септември ќе се одржи осмото издание на Симпозиум на Југо-Источна Европа за зеленчук и компир, во коорганизација на Факултетот за земјоделски науки и храна – УКИМ, а под покровителство на International Society for Horticultural Sciences (ISHS).

Како што најавија организаторите, настанот ќе се одржи виртуелно, а покрај деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, на отворањето поздравно обраќање ќе има министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа како и претставници од FAO и ISHS.

Скопје – Во Музејот на македонска борба за самостојност вечерва започнува четвртото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Манифестацијата ќе започне со беседа за великанот Поповски, отворање на изложба, промоција на книга, врачување награди и поетско читање.

Анкара – Работев добро со Џорџ В.Буш, Барак Обама и Доналд Трамп, но не можам да кажам дека започнавме добро со Џо Бајден, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во соопштение, изразувајќи незадоволство од актуелниот американски претседател.

„По 19 години на функцијата, не можам да кажам дека постигнавме добра позиција со САД. Тие треба да разберат дека Турција нема да отстапи од договорот за С-400“, вели Ердоган, осврнувајќи се на рускиот систем за противракетна одбрана, што доведе до конфликт меѓу Турција и САД.

Њујорк – Западен Балкан останува место на судир на геополитички интереси што може да го дестабилизира целиот регион, предупреди црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на 76 -та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Тој нагласи дека предизвиците и заканите за мултиетничката демократија на Балканот не се ништо помалку денес.

Софија – Делегација на европратеници и експерти од Европскиот парламент е во Бугарија со цел да се запознае со состојбата со владеењето на правото.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, делегацијата се состои од 23 лица, вклучува седум европратеници – по еден од секоја политичка група во Европскиот парламент, а останатите 16 лица се експерти, исто така од Европскиот парламент.

Aлжир – Европратеникот и поранешен каталонски претседател Карлес Пуџдемон, кој е во егзил во Белгија од 2017 година по обидот за отцепување на Каталонија на референдумот за кој Шпанија заклучи дека е неуставен, уапсен е во четвртокот во Италија, потврди неговиот адвокат.

Се очекуваше тој да се појави денеска на суд на сослушување за да се одлучи за неговата екстрадиција во Шпанија, со цел да се соочи со обвиненијата за бунт.

Брисел – Најголемиот белгиски синдикат, ФГТБ, денеска одржува национален протест, се бара промена на законот кој спречува зголемување на платите на работниците, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Синдикатот бара измени на закон од 1996 година кој ја ограничува маргината за покачување на платите на 0,4 отсто. Доколку работодавците и другите социјални партнери не прифатат компромис, синдикатот најавува дека нема да учествува во идните преговори.

Вашингтон – Комисијата која го истражува бунтот во Капитол ги издаде првите покани за испрашување до соработници на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Се работи за Марк Медоус, поранешен висок администратор во Белата куќа и Стив Банон, поранешен советник на Трамп.

Комисијата предводена од демократите испрати покани и побара од нив да сведочат кон средината на октомври.

Мемфис – Вооружен напаѓач отвори оган во супермаркет во близина на Мемфис, Тенеси, при што загина најмалку едно лице, а 12 се повредени пред самиот да се застрела, соопшти локалната полиција.

Инцидентот се случил во самопослуга во Колирвил, град источно од Мемфис. Напаѓачот починал од „самонанесена прострелна рана“, изјави за новинарите началникот на полицијата во Колирвил, Дејл Лејн. Лејн рече дека некои од повредените „имаат многу сериозни повреди“ и предупреди дека бројот на жртвите од трагедијата може да се зголеми.

Скопје – Времето денеска наутро ќе биде студено, а во текот на денот претежно сончево и потопло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневните максимални температури ќе се движат од 22 до 28 степени. Во Скопје времето ќе биде сончево со мала облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец со максимална температура до 24 степени.

Во текот на наредните денови ќе преовладува сончево време со значително повисоки дневни температури. До сабота утринските температури ќе бидат многу ниски и на некои повисоки места ќе се спуштат и до 0 степени. Од вторник ќе има повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.

 

Back to top button
Close
Close