МИА ФлешПакети

МИА Флеш

6 декември 2021

Скопје, 6 декември 2021 (МИА) – Финалето на 23-тиот Таксират – најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, ќе се одржи утревечер во Скопје со вкупно 14 настапи на три бини во Спорсткиот центар „Борис Трајковски“. За големото затворање на овогодишниот Таксират пристигнуваат водечки светски, регионални и домашни музички уметници на електронската, рок, метал и трап/хип-хоп сцена.

На главната бина на Таксират, посетителите ќе уживаат во премиерниот настап во земјава на маестро Борис Брејча – истакнат суперхерој на светската електронска сцена и еден од најбараните изведувачи на денешницата. И покрај веќе трасираните музички правци, тој, сепак одлучи да создаде свој звук и дочека неговиот „хај-тек минимал“ да биде еден од најпопуларните електронски стилови денеска, а тој да настапува на сите најголеми светски фестивали со препознатливата „џокер“ маска. Заедно со Брејча, од Германија пристигнува и неговата долгогодишна соработничка, харизматичната ЕН КЛУ – позната по своите непредвидливи сетови и посебна енергија.

Скопје, 6 декември 2021 (МИА) – Во изминатите 24 часа регистрирани се нови 101 случај на Ковид-19 од направени 1.299 тестирања. Во исто време, регистрирани се и 17 починати лица од кои 13 во претходното деноноќие, како и 393 оздравени пациенти.

Најголем дел од новите случаи на Ковид-19 се од Скопје (59), а 10 се откриени во Кавадарци. Во останатите градови има едноцифрен број на новооткриени случаи. Според информациите што ги објави Министерството за здравство, повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје, во Битола се регистрирани осум нови случаи, во Прилеп 7, во Штип 3, во Тетово, Гостивар, Велес, Кочани и Неготино по 2 и во Кичево, Ресен, Валандово и Македонски Брод по еден нов случај.

Скопје, 6 декември 2021 (МИА) – Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканата реакција, нека е тоа и смртен случај е навистина поврзана со употребата на вакцините против Ковид-19. Двете пријави кои сме ги имале во април и во септември, а се од страна на лекари, се за 85-годишен и за 53-годишен, но се уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините, истакна раководителката на сектор во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Мерјем Хаџихамза на денешната онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот на МАЛМЕД, Љирим Шабани.

Таа појасни дека пријавите освен во Упсала мониторинг центарот, испратени се и во Институтот за јавно здравје, каде се прави таа натамошна обработка.

Охрид, 6 декември 2021 (МИА) – Министерката за култура, Ирена Стефоска, денеска ја реализира најавената посета на Општина Охрид и средбата со градоначалникот, Кирил Пецаков.

На работната средба било разговарано за активностите што се реализираат, како и за активности што треба да се преземат во насока на зачувување на статусот на Охридскиот регион како подрачје заштитено од УНЕСКО.

Прилеп, 6 декември 2021 (МИА) – Почна откупот на тутунот од годинашната реколта. Денеска се отворени 20 од 173 откупни пункта во државата. Пунктови отворија Прилепскиот тутунски комбинат, „Сокотаб“ од Битола и „Алијанса“ од Кавадарци. Годинава се склучени договори за околу 22.200 тони тутун.

Тутунарите очекуваат добра цена бидејќи велат дека тутунот е квалитетен.

Атина, 6 декември 2021 (МИА) – Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас за време на состанокот на Комисијата за национална одбрана и надворешни прашања во Парламент информираше за прашањата во надворешната политика споменувајќи го и грчкото „цврсто, континуирано и доследно учество на Балканот со акцент на интегративниот процес на Западен Балкан, особено на Албанија и Северна Македонија “, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас додаде и дека европската перспектива на било која земја значи и почитување на поставените услови.

Загреб, 6 декември 2021 (МИА) –  Во Хрватска денеска официјално се потврдени два случаја на инфекција со новиот сој на коронавирусот – Омикрон, лица кои не престојувале во Јужна Африка. Присуството на Омикрон во Хрватска на прес-конференција го потврди директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Чапак.

– Кај двајца апциенти е докажано дека се инфицирани со новиот сој Омикрон, изјави Чапак.

Брисел, 6 декември 2021 (МИА) – Научниците од експертската група што ја советуваат белгиската влада изразија длабоко разочарување со последните мерки кои не се во согласност со експертските препораки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Владата во петокот свика итна нова координација само една недела по последната, но резултатите од тој состанок се одвај малку построги од претходните: маска за деца од шест години, но училиштата и угостителските објекти остануваат отворени иако е јасно дека на тие места вирусот најбрзо се шири. Додека пак театрите се затвораат, каде маските се задолжителни и физичката дистанца се почитува.

Париз, 6 декември 2021 (МИА) – Францускиот инфектолог Жил Пиалу во изјава за „Паризиен“ предупреди дека митинзите пред претседателските избори закажани за напролет се „легло на зараза“ со коронавирусот и дека вирусот „не обрнува внимание“ на Уставот.

„Изборните собири можат да бидат плодна почва, а коронавирусот го игнорира Уставот“, изјави Пиалу, алудирајќи на оние кои го осудуваат воведувањето на ковид-пропусницата сметајќи дека е тоа спротивно на Уставот.

Јоханесбург, 6 декември 2021 (МИА) – Зголемувањето на бројот на случаи на ковид во Јужна Африка, каде за првпат се појави новиот сој Омикрон, досега не ги преплави болниците, и тоа доведе до умерен оптимизам дека новиот вид може да предизвика претежно поблаги форми на болеста, јави Блумберг.

Прелиминарните податоци од Јужна Африка, епицентарот на новиот фокус, се „прилично охрабрувачки кога станува збор за сериозноста на болеста“, рече водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи, но тој повика и на внимателност, бидејќи, како што рече, премногу рано е да се дадат конечни оценки.

Цирих, 6 декември 2021 (МИА) – Французинката Стефани Фрапарт е најдобриот фудбалски судија во женска категорија за 2021 година, објави Интернационалната федерација за фудбал, историја и статистика – ИФФХС.

Од 2019 година, последователно, Стефани Фрапарт доминира на рангирањето на најдобрите светски судии во женска категорија. Годинава, таа повторно ја освои наградата со голема разлика пред русинката Анастасија Пустовоитова.

Back to top button
Close
Close