МИА ФлешПакети

МИА Флеш

6 декември 2021

6 декември 2021

Скопје – Второто издание на онлајн хакатонот за отворени податоци за студенти и стартапи го доби својот победник. Тимот WebPillar & Data Consulting го понуди најкреативното софтверско решение во рамките на хакатонот којшто од 30 ноември до 3 декември го организираше Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

– За учество на хакатонот се пријавија 28 учесници и беа формирани пет работни тимови. Тимовите имаа за задача да изготват софтверски решенија за визуелизација на податоци, поврзување на две или повеќе бази на податоци или олеснување на процесот на ажурирање на јавно достапните бази на податоци објавени од страна на една или повеќе јавни институции, соопштија од Фондација Метаморфозис. 

Скопје – Во Музејот на македонската борба за самостојност денеска во 18 часот ќе се одржи дебата насловена „Историја и политика – Република Македонија / Република Северна Македонија и нејзините соседи“, чија цел е отворено и критички да се дискутира улогата и влијанието на доминантните историски и политички наративи и дискурси на Балканот во меѓудржавните односи со акцент на односите помеѓу Република Македонија/Република Северна Македонија и нејзините соседи и особено на македонско-српските односи од 1991 година до денес.

Притоа, како што посочија организаторите, многу е важно во дискусиите и анализите на состојбите да се погледне и местото и улогата на Косово и Албанците во развојот на односите помеѓу двете држави, некогашни југословенски републики.

Скопје – Новата развојна стратегија на Шведска за Северна Македонија усвоена во октомври годинава под називот „Стратегија за реформска соработка на Шведска со Западен Балкан и Турција за 2021–2027 година“, ќе биде претставена денеска.

Шведска е еден од најголемите билатерални донатори на земјите од регионот на Западен Балкан. Шведската поддршка ја надополнува работата на ЕУ во областите кои се приоритетни од Шведска. Според стратегијата, Шведска, исто така, ќе продолжи да придонесува за поддршката на ЕУ за Северна Македонија во нејзината реформска агенда и во нејзините напори за членство во ЕУ. Шведска соработува со низа актери вклучувајќи ги, на пример, Владата, граѓанското општество и мултилатералните организации, се наведува во соопштението од шведската Амбасада.

Скопје –  За одговорноста за автобуската несреќа има институции што работат и истражуваат, на крај ќе дадат одговор каде бил пропустот и согласно тоа секој ќе си понесе одговорност, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

На новинарско прашање за одговорност на ресорот што го предводи за несреќата во која загинаа 45  патници, а седум беа повредени, Бочварски рече дека во рамки на нивното делување издавањето на лиценците е целосно непречено до овој момент, лиценци се издавани за компани кои побарале да вршат таква дејност, како и изводи од лиценци за сите кои побарале да добијат таков документ за своите возила за да патуваат и да вршат одредена дејност.

Скопје – Во состав на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска во Скопје беше отворено советувалиште за психосоцијална поддршка на жени и деца жртви на родово базирано насилство. Советувалиштето ќе обезбедува услуги за жени и деца-жртви на различни форми на родово базирано насилство.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за МИА информира дека советувалишниот центар ќе им обезбеди помош и поддршка на жените-жртви, согласно нивните потреби.

Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска го достави дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да биде усвоен на пленарна собраниска седница најдоцна до 31 декември.

Дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година ги содржи прифатените амандмани во текот на расправата во собраниските комисии. Вкупната вредност на прифатените амандмани изнесува 382 милиони денари, што е проценето како една од најголемите измени направена преку амандманската расправа, што е потврда за инклузивноста на процесот на усвојување на буџетот и демократскиот капацитет на нашата земја.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари проштална средба со досегашниот амбасадор на Република Чешка  во Република Северна Македонија, Мирослав Томан, кому на крајот на годинава му завршува мандатот.

Двајцата соговорници, како што соопшти МТСП, изразиле задоволство од досегашната соработка меѓу двете земји и изразија подготвеност во наредниот период таа да се интензивира уште повеќе, особено во делот на евроинтеграцискиот процес.

Скопје – Можеби Европската Унија има високи стандарди за животната средина и социјалната политика, но ЕУ треба да одлучи на која страна треба да оди, дали да биде политички сојуз како досега или пак да оди напред за подобар живот на граѓаните, изјави европратеникот Илхан Ќучук.

– Треба да се реши процесот меѓу Бугарија и Северна Македонија, да бидат исполнети точките од Договорот, се со цел да прекине блокадата на Северна Македонија, нагласи Ќучук во вчерашното обраќање на конференција на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и Либерално демократската партија (ЛДП), насловена „Обновен наратив за забрзана интеграција на ЕУ“.

Скопје – Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, денеска се сретна со амбасадорот на Чешка во земјава Мирослав Томан, при што било посочено дека поддршката од Чешка и другите земји членки на Европската Унија е многу важна за европските аспирации на Северна Македонија.

Груби ја побара директната поддршка од Чешка во декември за утврдување на датумот за одржување на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија која ќе го одбележи почетокот на преговорите во првите месеци на 2022 година, соопшти Кабинетот на првиот вицепремиер.

Софија – Приклучувањето на Бугарија во еврозоната ќе доведе до зголемување на приходите, изјави гувернерот на Бугарската народна банка Димитар Радев за bTV. Како што јави дописникот на МИА од Софија, депозитите на бугарските граѓани од левови автоматски ќе се претвораат во евра штом земјата ќе стане членка на еврозоната.

Димитар Радев коментира дека не случајно синдикатите во земјата се едни од најголемите поддржувачи на овој процес. Тој најави дека БНБ е подготвена да ја изврши обемната работа што треба да се заврши во следните две години, а политичкиот дел останува да се види.

Тирана – Историскиот лидер на албанската опозициска Демократска партија, Сали Бериша, кој за 11 декември свика седница на Националниот совет на партијата, на која очекува да се врати на лидерската функција, најави масовни протести се до „ враќање на слободата на глас“.

Во рамки на средбите кои ги организира низ целата земја тој имал онлајн средба со албански граѓани-приврзаници на партијата кои живеат во САД, на која ги најавил масовните протести.

Берлин – Социјалдемократската партија на Германија (СПД) денеска ги претстави министрите во новата влада предводена од Олаф Шолц.

Именувањето на Карл Лаутербах за нов министер за здравство ја воодушеви германската јавност. За време на пандемијата на коронавирус, видниот лекар стана ѕвезда на партијата бидејќи во моментов има над 700.000 следбеници на Твитер и речиси седкоја недела се појавува во ТВ емисии, повикувајќи на остри акции за потиснување на ширењето на вирусот.

Брисел – Синдикатите во здружен фронт денеска ќе протестираат во Белгија против обидите за ограничување на синдикалните слободи и штетните социоекономски последици од ковид кризата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Причините за денешниот национален протест се повеќеслојни.

Техеран – Иран и натаму е оптимист дека разговорите за неговата нуклеарна програма ќе дадат резултат кој ќе функционира за сите страни, и покрај тешкиот почеток на преговорите минатата недела и критиките од другите страни, информираше денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи Саид Хатибзаде.

– Тоа беше само прва средба и никој не можеше сериозно да очекува конкретен резултат,  рече Саид Хатибзаде на денешната прес-конференција во Техеран, додавајќи дека Иран сака да постигне договор и дека ќе остане „одлучен, но флексибилен“ кога преговорите ќе продолжат кон крајот на оваа недела.

Њу Делхи – Индија и Русија потпишаа повеќе спогодби и договори за соработка во областа на малокалибарското оружје и одбраната, соопшти денеска преку Твитер индискиот министер за одбрана Рајнат Синг.

„Драго ми е што се потпишани повеќе спогодби, договори и протоколи поврзани со малокалибарското оружје и воена соработка“, се вели во твитот, пренесува руската агенција ТАСС.

Ниш – Македонските кикбоксери освоија вкупно 65 медали – 20 златни, 21 сребрен и 24 бронзени на Меѓународниот кик бокс турнир „Балканс бест фајтерс 6“ во Ниш, Србија.

На турнирот настапија 275 натпреварувачи со 285 влезови од 66 клубови од Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Хрватска, Србија и Бугарија.

Скопје – Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на повисоките планини на северозапад од снег. На места врнежите ќе бидат поројни и обилни, особено попладне и во ноќните часови кога поради спуштање на постудена воздушна маса и на повисоките места ќе преминуваат во снег. На повеќе места ќе наврнат над 20 л/м2 воден талог. Преку денот ќе дува умерен до засилен јужен ветер, кој во текот на ноќта ќе го промени правецот во северен.

Утре ќе биде облачно и постудено со врнежи од дожд, а на планините и повисоките места од снег каде ќе се формира нова снежна покривка. Услови за слаб снег ќе има и на некои пониски места во северните и источните делови. Ќе дува засилен северен ветер, особено вдолж Повардарието. Во среда и четврток претпладне ќе има преодно стабилизирање со ниски утрински температури, а потоа следува период на променливо облачно време со повремени врнежи.

Back to top button
Close
Close