МИА ФлешПакети

МИА Флеш

6 декември 2021

6 декември 2021

Скопје – Заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Ескобар во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Предвидено е Ескобар и Османи, по средбата во МНР, да имаат и заедничка прес-конференција.

Скопје – Скопје смета дека сега е најпозитивниот момент да се најде решение со Софија и затоа не треба да се пропушти, бидејќи секое пролонгирање ги намалува шансите за договор и носи неизвесност. Поконструктивен пристап најавуваат и победниците на парламентраните избори во Бугарија, но без конкретни рокови за решение. Засега останува отворено прашањето дали е можен брз пробив околу отстранувањето на бугарската блокада и скорешен старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

– Ќе направам сè да се изнајде решението со Бугарија, зашто ако не се најде сега, не верувам дека ќе се најде во 2022 година. Меѓу 14 декември и 15 јануари е периодот кога може да се одржи Советот за општи работи. Тоа е можност да се исчекори напред и, конечно, по 16 и пол години да почнеме преговори. Во прашање се недели, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Скопје – Во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница, денеска во Скопје ќе биде одржан вториот состанок на Опсерваторијата за безбедност на патиштата на Западен Балкан.

На состанокот, покрај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, предвидено е да се обратат и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Секретеријатот на Транспортната заедница, Матеј Законшјек, како и други претставници на домашни и меѓународни организации.

Скопје – Парламентарно мнозинство од 64 пратеници и нов состав на Владата во која Алтернатива ќе има тројца министри и тројца заменици-министри. Тоа е постигнато со договорот оваа партија да биде дел од владејачката коалиција. Лидерот  Африм Гаши вчера потпиша програма за заедничко дејствување и приклучување во Владата со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, кој најави дека заминува од двете функции.

Партиската ќе ја напушти со конгресот на партијата на 12 декември, кога ќе биде избран негов наследник на чело на СДСМ, а од премиерската – за неколку недели односно кога ќе стане извесен успешниот епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно наоѓање решение со Бугарија.

Скопје – Во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, денеска ќе бидат промовирани наодите од националното истражување „Граѓанското учество и ЕУ-перспективи: Анализа на јавното мислење со граѓани и граѓански организации“.

На настанот ќе бидат промовирани податоци од два циклуса на анкетни истражувања, коибеа спроведени во 2020 и 2021 година. Ќе се направи анализа и ќе се утврдат одреденитрендови на клучните наоди oд националното истражување со граѓани и од истражувањето сограѓанските организации.

Скопје – Факултетот за музичка уметност (ФМУ) – Скопје вечер од 20 часот со свечен концерт  во фоајето на Националната опера и балет ќе одбележи 55 години од неговото основање.

На концертот ќе настапат студенти од класите на професорите Марија Муратовска Наумовска,  Драган Даутовски, Зорица Каракутовска,  Нинослав Димов, Марија Ѓошевска,  Горан Начевски, Весна Ѓиновска-Илкова,  Фросина Балова, Соња Здравкова-Џепароска, Искра Шукарова, Дарко Багески, Кристина Светиева, Сара Пројковска,  Андријана Јаневска и Бобан Ковачевски.

Скопје –  Мандолинскиот оркестар „Скопје“ вечер од 19 часот во Националната опера и балет ќе го одржи традиционалниот годишен концерт, со кој ќе одбележи 20-годишен јубилеј. Концертот ќе се одржи под диригентска палка на Рамадан и Ерхан Шукри.
-Во своето 20-годишно опстојување, оркестарот е добитник на многубројни први, специјални и гран-при награди на фестивали и натпревари надвор од државата, претставувајќи достоен амбасадор на македонската музичка култура и уметност, се наведува во соопштението за најавата на концертот.

Скопје – Филмот „Исчезнатиот” на режисерот Арбен Тачи доби награда за најдобар странски филм на Интернационалниот фестивал во Швајцарија.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и со малцинско учество од Центарот за кинематографија на Косово и Националниот кинематографски центар на Албанија.

Софија – Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска ги почнува консултациите со претставниците на седумте пратенички групи во 47. Народно собрание пред да го врачи првиот мандат за формирање на идната бугарска влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев денеска ќе разговара со четири од партиите во новиот бугарски Парламент, а за утре се закажани уште три средби.

Каракас – Поранешниот дисидент и лидер на колумбиската бунтовничка група Фарк, Хернан Дарио Веласкез е убиен во заседа во Венецуела, јавија локалните медиуми.

Би-Би-Си јавува дека Веласкез, попознат како „Ел Паиса“, наводно бил убиен во венецуелската држава Апуре. Неговата смрт не е официјално потврдена, а колумбиската армија соопшти дека нема сознанија за убиството.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин го повика шефот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Франческо Рока, да обрне внимание на однесувањето на Полска во ситуацијата со мигрантите, истакнувајќи дека во водата што се користи за одвраќање на мигрантите од граничната линија се додаваат хербициди.

-Треба да следиме што се случува на границата и што прават властите на соседната земја, во случајов Република Полска, веројатно на соодветен и највнимателен начин. Не може едноставно луѓето да ги полевате со вода и притоа во неа да мешате хербициди и пестициди, што врз мигрантите предизвикуваат изгореници и други сериозни последици, а тука се вклучени и жени и мали деца, рече Путин на средбата со првиот човек на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Вашингтон – САД и Мексико од денеска ја продолжуваат контроверзната програма за мигрантите, која функционираше за време на владеењето на поранешниот претседател Доналд Трамп. Според програмата започната во 2018 година, мигрантите од Централна Америка првично требаше да бидат вратени во Мексико, и од таму да аплицираат за азил во САД. Во рамките на програмата „Остани во Мексико“, околу 70.000 мигранти беа вратени од американската граница во Мексико.

Новиот американски претседател Џо Бајден за време на неговата изборна кампања вети похуман третман на бегалците и рече дека има намера да ја прекине програмата. Сепак, федералниот суд ги потврди барањата од сојузните држави Тексас и Мисури и нареди обновување на програмата.

Лондон – Научниците открија морски животни и растенија кои живеат на пластични остатоци во отворена океанска област наречена Големата тихоокеанска депонија. Многу од овие суштества се крајбрежни видови, кои живеат на километри од нивните вообичаени живеалишта, на половина пат помеѓу бреговите на Калифорнија и Хаваи, пишува Би-би-си.

На 90 отсто од остатоците се пронајдени растенија и животни, вклучувајќи анемони, мали морски бубачки, мекотели и ракови. Научниците се загрижени дека пластиката може да помогне во транспортот на инвазивни видови.

Њујорк – Цените на нафтата на светските берзи паднаа и минатата недела, шеста седмица по ред, бидејќи трговците стравуваат дека омикрон варијанта на коронавирусот може да предизвика повторно затворање на економиите, а со тоа и пад на побарувачката на нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за речиси 4 отсто, на 69,88 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 2,8 отсто на 66,26 долари.

Јангон – Судот во Мјанмар денеска ја осуди поранешната премиерка Аунг Сан Су Чи на четири години затвор за поттикнување јавни немири и кршење на санитарните прописи поврзани со пандемијата на Ковид-19, а ваквата пресуда веднаш беше осудена од Амнести интернешнл.

Добитничката на Нобеловата награда за мир, која војската ја отстрани од власт со државен удар во февруари, „е осудена на две години затвор според член 505 (б) и две години според Законот за природни катастрофи“, изјави портпаролот на хунтата Зау Мин Тун за француските меидуми.

Манчестер – Генерално, сум повеќе од среќен и позитивно изненаден од физичката состојба на играчите и интензитетот на играта. Првиот половина час беше навистина добар. Нашето темпо беше со доста висок интензитет, изјави привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, кој вчера дебитираше на клупата на „црвените ѓаволи“.

За вчерашниот натпревар од 15-тото коло од Премиер Лигата во кој Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ го совлада Кристал Палас со 1-0, Рангник изјави дека единствено нешто што недостасуваше во првиот половина час е да постигнат еден до три голови.

Скопје – Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Пообилни врнежи ќе има попладне и во ноќните часови. На повеќе места ќе наврнат над 20 л/м2 воден талог. Преку денот ќе дува слаб до умерен, а особено во источните делови повремено засилен југоисточен ветер, кој во текот на ноќта ќе се промени во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 6 до 14 степени.

Во Скопје облачно со врнежи од дожд, пообилни попладне, како и во тек на вечерта и ноќта. Минималната температура ќе биде околу 4, а максималната ќе достигне 9 степени.

Back to top button
Close
Close