МИА ФлешПакети

МИА Флеш

2 декември 2021

2 декември 2021

Скопје – Посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во сообраќаната несреќа во Бугарија се очекува утре во 9 часот да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти попладнево Министетството за надворешни работи. 

По пристигнувањето, како што наведува МНР,  поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.

Скопје – Евроамбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Аеродром на која се дискутирало за силната поддршка која Европската Унија ја дава на градоначалникот и Општината во остварувањето на програмата и ветувањата, со посебен акцент на проектот „Еко-Дром“ и заложбата Аеродром да стане вистинска зелена општина, наведува во соопштение прес-службата на Општина Аеродром.

– Со амбасадорот Гир и претставниците на Делегацијата зборувавме за проектите кои ги имаме предвидено во нашата програма, при што беше нагласена европската поддршка за иницијативата „Еко-Дром“ и акциите кои ги преземаме во рамки на Европскиот зелен договор и заложбата за зелена и здрава животна средина. Од нив исто така добив уверување дека можеме да очекуваме поддршка за деловната заедница која значајно придонесува во општината, а особено беше потенцирана и потребата од соработка за остварување на нашиот план за претворање на Аеродром во центар за иновации, изјави градоначалникот Муцунски.

Скопје – Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска издаде писмен налог до сите јавни институции под надлежност на Градот да направат проценка и да постават пристапни рампи за лица со попречености.

Рокот за имплементација на оваа активност, како што соопшти Град Скопје, е 60 дена, а поставувањето на пристапните рампи е дел од Програмата на Градот за овозможување поголема пристапност за лицата со попреченост до институциите во градот.

Скопје – Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска за вршител на должноста директор на ЈП Депонија „Дрисла” го назначи Јане Мицевски, дипломиран економист, со повеќегодишно работно искуство на раководни позиции, соопшти прес-службата на град Скопје.

Оваа промена на раководната позиција на ЈП „Дрисла“ појаснуават дека доаѓа по разрешување на Коста Начевски од вршител на должноста директор на ова претпријатие.

Скопје – Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на учеството на Министерскиот совет на ОБСЕ се обрати на пленарната сесија, при што ја нагласи потребата за заедничко справување со предизвиците со кои се соочува регионот на ОБСЕ, но и пошироко – како транс национален тероризам, закани од трговија со оружје, масовна миграција и растечки хуманитарни кризи.

Организацијата, посочи Османи, со својот мандат и алатки може позитивно да придонесе во таа насока, за што е потребна поголема политичка волја и поддршка од страна на самите држави.

Скопје – Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно”, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија (КГЕ), лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк Шума Водно. Ова во денешниот исказ како сведок го кажа Миле Јанакиевски, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски и посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, разбрал од кога во рамките на КГЕ, ја посетиле општина Центар.

– Со Никола Груевски и КГЕ се состанавме еднаш неделно, меѓу другото разговаравме и за земјиштата во Парк шумата Водно. Големината на парцелата беше 11.000  квадратни метри. Прашуваше за урбанизација. Му објаснува од законски аспекти како се урбанизира едно земјиште, дека на 10 години се носи Генерален урбанистички план. Тој беше на чело на Комитетот, зборевме за илјадници локации, рече сведокот Јанакиевски и наведе дека освен за локациите на Водно, во една прилика го има прашано и за земјите во Крушево.

Скопје – Развојна банка на својата веб-страница објави јавен повик со кој им се нуди можност на кредитокорисниците на кредити од третата бескаматна кредитна линија „Ковид 3“, да поднесат барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата на кредитите за 12 месеци.

Компаниите имаат рок од 10 дена да поднесат електронско барање до банката, кое може да се преземе од веб – страницата на банката. Повикот важи заклучно со 11 декември годинава, кога е и последниот ден за поднесување на барањата.

Куманово – Занаетчиите од Измир и од државата ќе соработуваат на заеднички проекти, ќе разменуваат искуства, заеднички промоции на традиционалните производи, соопштија денеска надлежните од занаетчиските комори на округот Чили од градот Измир, Турција и од регионалната комора на Куманово чиишто претседатели денеска се сретнаа во Куманово.

Освен средба со кумановските занаетчии, деновиве, претставникот на занаетчиите од Измир ќе ги посети регионалните комори во Скопје и Охрид. Занаетчиите од Измир ќе им помагаат на македонските занаетчии во подготовка на проекти за привлекување на работна сила преку соодветно стручно образование кое веќе се применува во Измир и посебно внимание ќе се посвети на размена на идеи.

Софија – Претседателот на Бугарија Румен Радев и неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер одржаа работна средба во Стразбур, на која разменија мислења за безбедносната средина во соседните региони на ЕУ и европската перспектива на Република Северна Македонија, соопштија од прес-службата на претседателот на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев го изразил очекувањето на Бугарија за активен билатерален дијалог на високо ниво со Република Северна Македонија, во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи.

Никозија – Импровизиран експлозивен механизам експлодирал во текот на ноќта пред основно училиште во кипарскиот град Лимасол и предизвикал материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина.

Од експлозијата, штета претрпела една од училниците, но и црква што се наоѓа во близина на училиштето, а полицијата пронашла уште една бомба, која не експлодирала.

Белград – Србија ќе купи нови руски противвоздушни ракетни системи „Панцир“, изјави денеска српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин за време на разговорите во Москва со рускиот министер за одбрана, генерал Сергеј Шојгу, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана, јави допсиникот на МИА од Белград.

-Добивме Корнети (противтенковски ракетни системи). Добивме тенкови, оклопни транспортери и купуваме нови Панцири, изјави Вулин за време на разговорот со Шојгу.

Рим – Папата Франциск ја прифати оставката на парискиот надбискуп монс. Мишел Аупетит, соопшти денеска Ватикан, додавајќи дека апостолски администратор е назначен за шеф на париската надбискупија.

– Светиот Отец ја прифати оставката на монс. Мишел Аупетит и го назначи монс. Жорж Понтие како апостолски управител на париската надбискупија, соопшти Ватикан.

Брисел – Само една недела по последниот состанок за ковид мерките, белгискиот премиер најави нова итна координација утре, иако следниот состанок беше предвиден за 15 декември.

Ситуацијата во Белгија се влошува дневно, сите клучни индикатори за епидемијата се во пораст, вклучително и бројот на умрени лица, додека болниците се под сѐ поголем притисок и ги одложуваат интервенциите што не се сметаат за итни.

Стокхолм – Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска уште еднаш ги критикуваше активностите на Русија во актуелниот конфликт со Украина, јави ДПА.

САД се „длабоко загрижени поради доказите дека Русија направила планови за натамошна значајна агресија против Украина“, рече Блинкен денеска на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Стокхолм.

Јоханесбург – Африканскиот континент се соочува со зголемен број на инфекции со коронавирус во заднината на откривањето на неговата нова варијанта – омикрон.

Во Африка минатата недела беа потврдени 52.300 нови инфекции, што е за 105 отсто повеќе од претходната недела. Само во Јужна Африка, потврдени се 31.000 инфекции со коронавирус.

Пекинг – Кина го забрзува истражувањето и развојот на вакцината против Ковид-19 конкретно насочена кон варијантата Омикрон, изјави денеска здравствен претставник.

Досега, во Кина не се пријавени случаи на зараза со Омикрон со варијанта на новиот коронавирус.

Ливерпул – Легендарниот бразилски репрезентативец Клаудио Тафарел е назначен за нов тренер на голманите во Ливерпул, објави англискиот фудбалски прволигаш.

Тафарел во Ливерпул ќе тренира двајца свои сонародници – Алисон и Питалуга.

Back to top button
Close
Close