МИА ФлешПакети

МИА Флеш

1 декември 2021

1 декември 2021

Скопје –  На владина седница не е разговарано за понудата на ЕСМ за цена на струјата кај универзалниот снабдувач и информациите во јавноста за колку проценти таа ќе поскапи се непотврдени. Не е разговарано ни за тоа дали ќе остане или не евтината тарифа од 1 јануари, рече портпаролот на Владата Душко Арсовски на прес-конференција на која ја соопшти  одлуката од денешната 123-та владина седница за шест месеци, односно до 9 јуни 2022, да биде продолжен рокот на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.

-Досега на владините седници не е разговарано за ова, така што сите тие бројки се, сепак, во сфера на непотврдени информации. До моментот додека Владата не донесе конечна одлука, немаме конкретен процент на поскапување, рече Арсовски.

Софија – Последниот пациент кој беше повреден во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, денеска е отпуштен од Клиниката за неврохирургија на болницата Пирогов во Софија.

Медицински тим од Република Северна Македонија попладнево го пренесува пациентот во татковината, јави дописникот на МИА од Софија.

Скопје – Не треба да се создава паника со најави за високи поскапувања, рече портпаролот на Владата Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање дали државата ќе го запре поскапувањето по примерот на српската влада која ги замрзна цените на основните прехранбени производи на 60 дена.

-Постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните, како и стопанствениците, дека и натаму ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на секој предизвик. Државата ги следи состојбите во сите сектори во економијата, вклучително и во преработувачката и прехранбената индустрија. Владата е во постојан отворен дијалог со сите засегнати страни на стопанството. Една таква комуникација се одвива преку Платформата за социјално-економски дијалог која ги опфаќа социјалните партнери и четирите најголеми комори, преку која се одржуваат редовни состаноци и тој не е прекинат, рече Арсовски на редовната прес-конференција на која беа соопштени владините одлуки од вчерашната и денешната седница.

Скопје – Центарот за управување со кризи е подготвен да се стави на располагање на сите органи и институциите, но, и на граѓаните во претстојниот зимски период кога се можни пообилни врнежи од снег. Државата има план за акција во такви услови, пред се во насока на одржување на магистралните и регионалните патишта. Проблем претставува недоволниот број возила и механизација со која располага ЈП „Македонија Пат“ и нивни чести дефекти. Исто така, потребно е и локалните самоуправи да се подготват со оглед на тоа шпто локалните патишта се под нивна надлежност.

Ова е пораката што денеска беше упатена од прес-конференцијата во Центарот за управување со кризи во врска со координацијата за одржување на патиштата и превенција за зимски услови во државата.

Скопје – Според најавите од Обвинителството на Бугарија, идентификацијата на телата на 45-те жртви во сообраќајната несреќа минатиот вторник на автопатот „Струма“ треба да биде завршена до утре, по што ќе почне подготовката тие да бидат донесени во земјава, соопштија владините портпароли денеска на редовната прес-конференција.

-Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Ова е информација што ја имаме, дополнително ќе информираме во текот на утрешниот ден, изјави портпаролот Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со извршната директорка на УНФПА Наталија Канем и со Алана Армитаж, директорка на регионалната канцеларија на УНФПА за источна Европа и централна Азија.

На состанокот, кој се одржа на маргините на дводневната министерска конференција за демографската иднина на Европа, што се одржува во Софија, присуствуваа и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство.

Приштина – Институтот за јавно здравство на Косово (ИКШПК), по повод 1 Декември – Светскиот ден на ХИВ/АИДС, соопшти дека во земјата годинава се регистрирани осум нови случаи на заболени од СИДА, јави дописникот на МИА од Приштина.

Меѓу новозаболените годинава е и едно дете под 15-годишна возраст, објави ИКШПК.

Берлин – На Германија до 2030 година ќе и недостигаат најмалку 180.000 вработени во медицинскиот сектор, а бројот на граѓани зависни од туѓа грижа ќе се зголеми на над шест милиони, еден милион повеќе од очекуваното, покажува истражувањето на здравственото осигурување Бармер, а кое денеска беше претставено во Берлин.

-Доколку се земе предвид зголемениот број на лица на кои им е потребна туѓа грижа и веќе акутниот недостиг на негуватели, можеме да кажеме дека Германија се движи кон драматична ситуација кога станува збор за медицинскиот сектор, изјави еден од директорите на Бармер, Кристоф Штрауб.

Минхен – Четири лица се повредени во експлозија на авионска бомба од Втората светска војна. Експлозијата се случи на мост во близина на многу фреквентна железничка станица во Минхен, Германија, објави денеска локалната полиција преку својот Твитер налог.

Германските медиуми јавуваат дека едно лице е потешко повредено, додека останатите тројца се со полесни повреди.

Брисел – Постојаните претставници на 27-те земји членки на Европската унија (ЕУ) го усвоија петтиот пакет санкции против белоруските власти, соопштено е денеска во Брисел.

„Претставниците на ЕУ утринава дадоа зелено светло за петтиот пакет санкции, во кој се опфатени околу 25 физички и правни лица“, изјави претставник на делегацијата на една од членките на ЕУ во Европскиот совет за руската агенција ТАСС.

Рига – Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто оцени дека притисокот од мигрантите на јужната и југоисточната граница на Европа претставува безбедносен ризик и оти НАТО треба да се справи со тие предизвици.

– НАТО мора ефикасно да се справи со предизвиците кои доаѓаат од југот и да се спротивстави на тероризмот и миграцијата доколку е гарант на европската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи за време на вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи од НАТО во Рига.

Женева – Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека ќе почне преговори за меѓународен договор за превенција и контрола на идните пандемии додека светот се подготвува да се бори против новиот сој на коронавирусот – Омикрон.

Договорот за засилување на мерките за пандемијата се очекува да биде готов во мај 2024 година, покривајќи прашања кои се движат од споделување податоци и секвенционирање на новите геноми на вируси до правична дистрибуција на вакцини и лекови добиени од истражување.

 

Back to top button
Close
Close