МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 ноември 2021

29 ноември 2021

Скопје – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа направени се 1.245 тестирања, регистрирани се 118 нови случаи со КОВИД-19, 18 починати и 396 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Од новозаболените во Скопје има 93, Кавадарци – 11, Битола – 5, Прилеп и Струга – по 2, Куманово, Велес, Крива Паланка, Кратово и Богданци – по 1.

Скопје – Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде што претпоставените старешини го информираа за условите за работа на припадниците на Армијата и нивните тековни активности.

Посетата беше во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, а претседателот исто така присуствуваше и на презентација на показна вежба: Tактики, техники и процедури на движење на пешадиско одделение во населено место, изведена од 3. вод на 1. пешадиска чета под команда на поручник Неда Волчева.

Софија – Маж и неговата сопруга, кои беа повредени во автобуската несреќа во Бугарија, денеска се отпуштени од Итната болница Пирогов во Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, досега пет македонски државјани се отпуштени од болницата Пирогов. На лекување остануваат уште двајца.

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека не размислуваат да предложат какво било релаксирање на сегашните мерки во делот кој се однесува на угостителските објекти.

Во ситуација кога и покрај тоа што е релаксирано во болниците во смисла на тоа што има слободен број кревети, сепак, посочи министерот, е временски период кога можно е да има нови случаи на Ковид-19 заради зголемување на ризик факторите.

Скопје – На утрешната седница на Владата ќе го разгледуваме новиот предлог за стимулација на матичните лекари. Имаше реакција од поголем број на матични лекари кои ја поддржуваат оваа мерка. Сметаат дека е навистина добра, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по состанокот на Комисијата за заразни болести.

Посочи дека имаат точна анализа и табела направена од близу 1.500 матични лекари кај кои колкав процент од прикрепените пациенти се вакцинирани и дека стимулацијата би била еден вид бонус кој тие би го добиле ако постигнат 70 отсто од вакцинацијата на своите прикрепени пациенти.

Пешкопеја – По повод 29 ноември – Денот на ослободувањето на Албанија од фашистичките окупатори, пуштен е во употреба автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр), кој ја поврзува Албанија со Северна Македонија на границата кај Дебар.

Премиерот Еди Рама, придружуван од министри беше пречекан со тапани од голем број жители од околијата Пешкопеја, но и од Дебар, која е соседна општина. На овој чин присуствуваше и делегација на општина Дебар, предводена од градоначаланикот Хекуран Дука.

Атина – Министерството за надворешни работи на Грција, преку соопштение за безбедносната состојба во Етиопија, им препорачува на грчките државјани кои престојуваат во земјата, да ја напуштат, што е можно поскоро, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР истакнуваат дека „безбедносната ситуација во Етиопија е особено кревка и е сè понепредвидлива бидејќи продолжуваат вооружените конфликти со несмалено темпо“, па так ги повикуваат грчките граѓани да не патуваат во земјата, а оние кои се таму да ја напуштат.

Стокхолм – Шведскиот парламент ја реизбра Магдалена Андерсон за премиер на земјата – првата жена на оваа функција – пет дена откако нејзиниот прв мандат траеше само неколку часа.

Иако е земја која долго време се бори за родова еднаквост, Шведска досега немала жена премиер.

Брисел – Обединетата унгарска опозиција побара од претседателот на Парламентот Ласло Ковер да поднесе оставка, обвинувајќи го за „подбуцнување против здружената опозиција“ и „политички притисок врз лидерите на тајните служби“.

Според бриселски „Еурактив“, кој се повикува на пишувањата на унгарскиот „Телекс“ и аудио снимките до кои дошол центарот за истражувачко новинарство Директ36, Ковер на средба со претставници на разузнавачката заедница рекол дека „опозицијата е најголемата закана за унгарската национална безбедност“.

Тел Авив – Израел денеска ги предупреди светските сили да бидат претпазливи од „нуклеарната уцена“ на Иран додека дипломатите се собраа во Виена за да разговараат за обнова на нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година.

– Иран денеска ќе дојде во Виена на преговори со јасна цел да ги прекине санкциите, а за возврат да не даде речиси ништо, изјави израелскиот премиер Нафтали Бенет.

Скопје – Македонскиот ракометен прволигаш Тинекс Пролет спогодбено ја раскина соработката со шефот на стручниот штаб Андон Бошковски по серијата незадоволителни резултати.

Двете страни одлучија да се разделат по саботниот неуспех на домашен терен од Металург (29:31) со кој Тинекс Пролет влезе во серија од три порази во низа во Суперлигата.

 

Back to top button
Close
Close