МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 ноември 2021

29 ноември 2021

Скопје – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во скопската касарна „Илинден“ им додели награди и стимулативни мерки на припадници на Армијата за вложениот труд и остварените резултати во гасењето на пожарите што ја зафатија територијата на Република Северна Македонија.

Со парична награда од 20 илјади денари се наградени 14 лица од воздухопловниот винг при Командата за операции, со 10 илјади денари наградени се 274 лица од Команда за операции, 10 лица од Батаљон на специјални сили и 12 лица од извидувачко – разузнавачки батаљон.

Софија – Се очекува денеска попладне од болницата „Пирогов“ во Софија да бидат отпуштени уште тројца пациенти  кои беа повредени во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ на 23 ноември. Се работи за маж и неговата сопруга и за млада девојка, кои ќе бидат префрлени во земјава, соопшти дописникот на МИА од Софија.

Според официјалното соопштение од болницата, пациентите се во стабилна и добра општа состојба. Во моментов на Клиниката за изгореници и пластична хирургија има четири пациенти кои ноќта ја поминале според очекувањата на медицинскиот персонал во болницата и без промени од вчера.

Скопје – Судскиот совет на денешната седница го избра судијата Бурим Сејдини за претседател на Управен суд. На конечната листа за избор имаше петмина кандидати за оваа функција. Сејдини беше претседател на Управен суд во период од 2017-та до 2021 година. При неговиот избор беше нагласена неговата професионалност, организираност, искуството и резултатите кои ги има постигнато, информираат од Судскиот совет.

На седницата Судскиот совет определил вршители на должноста претседател во неколку основни судови, Куманово, Ресен и Тетово. Досегашната претседателка Снежана Манев ќе раководи со Основен суд Куманово. За Основен суд Ресен е определена Емељ Кранли Али, која исто така до сега беше на челната функција во судот. Хасан Асани, досегашниот претседател на судот во Тетово е определен за вршител на должност. Тројцата претседатели се определни за вршители на должност поради континуитетот во работата на судовите, а на функцијата ќе останат одреден период, до официјален избор на претседатели.

Скопје – Материјални докази против обвинетите во предметот „Шпански скали” врз кои Обвинителството го темели обвинението, а се однесуваат на злоупотребата на службената должност за договори за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје, беа изнесени на денешното рочиштето за предметот во кој се обвинети поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и неколку службеници од ова министерство.

Обвинителката Ивана Трајчева, на денешната расправа изнесе докази меѓу кои се најдоа мислења, барања, потврди, договори, известувања и предмети на кои стојат потписите на обвинетите кои се товарат за злоупотреба на службената должност.

Скопје – Врнежите што ја зафатија земјава, најавените ниски температури и очекувањата на првиот снег идната недела, немаат некое поголемо значење за земјоделските култури. Ваквите услови, велат агрометеоролозите, се вообичаени за крајот на ноември и почетокот на декември.

За овој период од годината единствено се препорачува подготовка на површините за подигање нови овошни насади со оглед дека влага во почвата има доволно.

Скопје –  Од среда, 1 декември, ќе стапи во сила забраната за пластични кеси, односно ќе биде дозволена продажба само на биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари за специјален фонд за животна средина.

Откако минатиот месец беше донесена одлуката за забрана за употреба на пластични кеси, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека идејата за цената на пластичните кеси е за да се намали употребата на пластиката.

Скопје – Македонскиот народен театар (МНТ) и „Wonderland Theatre“ со претставата „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, од утре до 27 декември ќе одржат балканско-европска турнеја. Првото гостување е во Центарот за културна деконтаминација, во Белград во Србија.
По изведбата во Белград „Работи за кои не зборуваме“ ќе гостува во Народниот театар, Битола, а потоа следи патувањето во Полска и театарот во Радом.

Белград – Надворешниот фактор е клучот за уништување на Југославија. Ова го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, по повод денешниот 29 ноември, кој се смета за роденден на СФРЈ.

Тој истакна дека „е важно да се слушаме дури и кога размислуваме поинаку“.

Белград – Стотици граѓани кои се против изградба на рудникот за литиум на компанијата Рио Тинто се собраа пред градското собрание на Лозница поради откажувањето на седницата на која повторно требаше да се разгледува Просторниот план на градот, јави дописникот на МИА од Белград.

Оваа вонредна седница, која беше откажана доцна синоќа, требаше да се одржи врз основа на граѓанска иницијатива со која се бараше да се отстрани Просторниот план за подрачјето за специјална намена Јадар од Просторниот план на градот, во кој официјално беше вклучен рудникот во еден документ. Ваков просторен план беше донесен во јули годинава.

Белград – Директните инвестиции во Србија се субвенционираат повеќе од 15 години, а во тој период на странски инвеститори им биле одобрени повеќе од 93 отсто од средствата, пишува месечниот „Бизнис и финансии“, јави Бета.

Само 2,1 отсто од поддржаните инвестиции се во областа на високите технологии, а во последните пет години речиси 80 отсто од вкупните директни инвестиции се пласирани во типично трудоинтензивни активности, со заработка под националниот просек.

Љубљана – Големите снежни врнежи во некои делови на Словенија го отежнаа сообраќајот, а сите зимски служби и пожарникарите имаа многу интервенции.

Најтешко е во општините Солчава, Велење, Војник, Крањ, Подвелка, Равне на Корошкем, Жалец и Марибор. Како што се наведува, до надлежните служби биле пријавени 17 инциденти, а покрај професионални противпожарни единици, ангажирани се и 11 доброволни.

Сараево – Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик изјави дека нема да се откаже од сепаратистичките планови за Република Српска дури и под закана од западни санкции, а доколку бидат воведени, очекува Русија и Кина да му помогнат.

Во интервју за британски „Гардијан“, Додик вели дека не е рамнодушен на најавите дека највлијателните европски држави и САД би можеле да воведат санкции доколку продолжи да ги спроведува плановите насочени кон одвојување на Република Српска од уставниот поредок на БиХ, но дека поради тоа нема да се откаже, бидејќи „не е избран да биде кукавица“.

Загреб – Хрватските граѓани годинава патувале помалку туристички од лани, но на тие патувања потрошиле повеќе пари во однос на претходната година, соопшти денеска компанијата Мастеркард.

Врз основа на објавеното истражување на Мастериндекс, Хрватите годинава патувале туристички во просек 2,7 пати, што е помалку од 3,4 патувања реализирани минатата година.

Париз / Франкфурт / Лондон –  Главните индекси на водечките европски берзи се зголемија во трговската недела и покрај широко распространетата загриженост за новооткриената верзија на коронавирус Омикрон.

Во Париз, SAS 40 порасна за 0,9 отсто на 6.800,15 поени. Индексот Дакс во Франкфурт истовремено додаде 0,61 отсто на 15.350,7 поени. Лондонски FTSE 100 порасна за 0,69 отсто на 7.092,94 поени.

Берлин – Голем број компании во Германија, поголеми од кога било досега, планираат да ги зголемат цените во следните три месеци, покажуваат резултатите од истражувањето на минхенскиот институт ИФО.

Индексот на очекуваните цени, пресметан од ИФО, во ноември се искачи на 45 поени од октомвриското ниво од 41 поен, што е негово највисоко ниво од почетокот на ова истражување.

Виена – Австриската полиција уапси 15 шверцери на луѓе во Виена и Долна Австрија, кои од српско-унгарската граница во Австрија префрлиле над 700 илегални мигранти.

Според полицијата, тие зеле од 4.000 до 5.000 евра по лице.

Тегусигалпа – Лидерката на опозицијата во Хондурас, Сиомара Кастро вчера прогласи победа на претседателските избори, откако првичните резултати покажуваат убедлива победа.

Врз основа на преброени 45 отсто од гласовите, Кастро, сопруга на поранешниот претседател Мануел Зелаје, освои над 53 проценти, додека за Насриј Асфура, градоначалник на Тегусигалпа и член на Националната партија освои 34 отсто од гласовите.

Киев – Македонската кошаркарска репрезентација го одржа единствениот тренинг во „Палатата на спортовите“ во Киев каде вечерва од 18 часот го игра вториот натпревар во рамки на групата Г за пласман на Светското првенство во 2023 година.

Двете селекции го дочекуваат вечерашниот дуел со стартни порази во квалификациите, откако избраниците на Драган Бајиќ загубија во петокот во Скопје од светскиот првак Шпанија (65:94), додека Украина со пораз се врати од гостувањето во Грузија (88:83).

Куманово – По ангажирањето на Владимир Мирковски за нов тренер, македонскиот кошаркарски прволигаш Куманово донесе засилување и во играчкиот кадар, потпишувајќи договор со Американецот Декуан Абром.

Новото американско засилување во редовите на Куманово е 25-годишен плејмејкер (188 сантиметри), кој доаѓа во македонското првенство од редовите на бугарскиот прволигаш Берое.

Скопје – Во текот на ноќва и утре претпладне поради продор на студена воздушна маса, ќе дува засилен северен ветер, а врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и во некои пониски места.

Повремени слаби врнежи од снег се очекуваат и во делови од Скопската котлина. Во западните делови  ќе се формира нова снежна покривка. Според прогнозата на синоптичарите, во среда и четврток ќе настапи разведрување, а утринските температури насекаде ќе се спуштат под нула и ќе бидат во интервал од -9 до -2 степена.

Back to top button
Close
Close