МИА ФлешПакети

МИА Флеш

29 ноември 2021

29 ноември 2021

Скопје – Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска е трет ден за амандманска расправа по Предлог-буџетот за следната година. Поднесени се вкупно 223 амандмани, а расправата треба да заврши задутре.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во текот на расправата информираше дека следната година ќе се формира нов Интервентен фонд за поддршка на земјоделците, а средствата во висина од 250 милиони денари се обезбедени преку амандманска интервенција на Предлог-буџетот.

Скопје – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Институтот РЕСИС денеска организираат онлајн дебата на тема „Анализа на родовите аспекти во ТВ програмите за деца: Градиме ли критичка свесност кај децата?“.

На дебатата ќе бидат презентирани наодите од истражувањето „Анализа на родовите аспекти во програмите за деца на националните терестријални телевизии“ изработено од Институт РЕСИС за АВМУ.

Скопје – Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска ќе одржат нова средба за тоа дали партијата ќе се приклучи во Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозицискиот блок.

Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.

Скопје – Институт за демократија „Социетас цивилис“ – ИДСЦС, во соработка со Претседателскиот центар за политичко образование – ПЦПО, денеска ќе ги презентира наодите од истражувањето на јавно мислење „Човек од народот: Анализа на јавното мислење за политичките барања на граѓаните“.

Истражувањето се фокусира на ставовите на граѓаните за неколку теми поврзани со политиката и демократијата во државата, со фокус врз општествената побарувачка за популистички лидери и политики во Република Северна Македонија.

Скопје –  „Не постои резервна планета“ е слоганот на новата кампања „„ЕУ со ТЕБЕ“ фокусирана на Европскиот зелен договор, што ќе ја промовираат денеска шефот на Делегацијата на Европската Унија во државава Дејвид Гир и  вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров

Целта на кампањата  е да ја подигне свеста за Европскиот зелен договор и неговата клучна цел – да достигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент.

Скопје – Комисијата за заразни болести денеска на редовниот состанок околу состојбата со коронавирусот се очекува да расправа и за новата мутација на вирусот наречена „Омикрон“. На седница на Владата, пак, утре треба да се одлучува за новата предложена мерка за финансиска стимулација на матичните лекари доколку бројот на нивните вакцинирани пациенти против Ковид-19 надмине 70 проценти. По вчера регистрираните 333 новозаразени во државава сега се активни 8.398 ковид случаи.

– Во однос на новиот сој на Ковид-19 сега е се уште рано да се каже точно, станува збор за нова мутација на вирусот „Омикрон“ која има бројни мутации посебно во делот на спајкот и сега тука е сомнежот дека можно е да е потрансмисибилен отколку сите досегашни мутации. Меѓутоа, ние имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, изјави за медиумите викендот ресорниот министер Венко Филипче.

Скопје – Во Клубот на пратениците во Скопје денеска ќе бидат доделени наградите на победниците на Конкурсот за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески.

Конкурсот го спроведе Министерството за образование и наука по повод 100 години од раѓањето на Конески.

Сараево – Итна седница на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина е закажана за денеска поради блокадата на Парламентот на БиХ.

На 22 ноември пет делегати во Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ поднесоа барање за итно свикување седница на тој дом на која ќе се расправа за „Информација на колегиумот на Домот на народите на Парламентот на БиХ за причините за блокирање на работата на највисокото законодавно тело кое ја блокира работата на оваа државна власт“.

Приштина – Претседателот на Словенија Борут Пахор ќе престојува денеска во Косово, каде што ќе се сретне со претседателката на државата Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пахор ќе ги посети и словенечките војници во рамки на мисијата на НАТО во Косово, КФОР, а ќе се сретне и со командантот на таа мисија, Ференц Кајари.

Париз – Во Кале на вчерашниот вонреден самит, Франција, Белгија, Холандија и Германија се согласија да преземат поригорозни мерки против групите за трговија со луѓе, кои дејствуваат на Ламанш.

– Велика Британија мора да создаде легални миграциски канали за бегалците, нагласи францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин по средбата.

Минск – Белорусија ќе смета на Русија доколку ситуацијата на западната граница се влоши поради акциите на НАТО, изјави денеска државниот секретар на белорускиот совет за безбедност Александар Волфович.

– Анализирајќи го бројот на единици на териториите на соседните земји, мислам дека е рано да се зборува за каква било закана или конфликт. Мислам дека Полјаците и лидерите на балтичките земји разбираат дека агресијата против Белорусија ќе донесе повеќе проблеми отколку придобивки. Нашите вооружени сили се способни да одговорат на агресија. Ако мислат да ги вклучат силите на НАТО, зад нас го имаме нашиот стратешки партнер, сосед, голема и моќна Русија, нагласи Волфович.

Токио – Соочена со новиот сој на коронавирусот, Омикрон, Јапонија од утре ќе ги затвори границите за странци, изјави премиерот Фумио Кишида.

– Ќе забраниме секаков прием на странски државјани од целиот свет од 30 ноември, изјави Кишида.

Лима –  Земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди провинцијата Амазон во северниот дел на Перу, а се почувствува и во главниот град Лима во централниот дел на земјата, при што се урнаа 75 куќи, но нема извештаи за жртви.

Скопје – Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат поројни. До крајот на денот на планините над 1500 м.н.в врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 9, а максималната од 9 до 16 степени. Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 13 степени.

Денеска и во вторник претпладне ќе има повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и поројни. Поради продор на студена воздушна маса, во текот на ноќта кон вторник и во вторник претпладне на планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, а снег ќе провејува и на некои пониски места во западните и северните делови. Ќе дува засилен северен ветер, што ќе предизвика значително намалување на температурата. Поради разведрувањето, во среда и четврток утринските температури насекаде ќе бидат негативни.

Back to top button
Close
Close