МИА ФлешПакети

МИА Флеш

26 ноември 2021

Струмица, 26 ноември 2021(МИА) – Со формирање на мрежа од пограничните региони Северна Македонија и Бугарија заеднички и кординирано ќе се справуваат со шумските пожари од двете страни на границата, но ќе се создава и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности.

Ова беше истакнато на почетокот на дводневната работилница во рамки на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, финансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, што се одржува во Струмица.

Скопје, 26 ноември 2021 (МИА) – Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кој денеска пристигна пред зградата во населбата Бирарија каде што избувна пожар, информираше дека на жената во чиј стан се случила несреќата, ќе и биде обезбедено сместување доколку нема каде да се смести и ќе и се додели еднократна парична помош.

Како што соопштија општинските власти, се работи за жена која била во станот каде што избил пожарот и девојка од станот над неа која вдишала поголема количина на чад.

Скопје, 26 ноември 2021 (МИА) – Во рамките на Меѓународната конференција за жените Ромки што се одржа во Советот на Европа во Стразбур, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска имаше средба со генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ, информираат од Министерство за труд и социјална политика.

На состанокот, министерката Шахпаска се заблагодари за континуираната поддршка што Советот на Европа и ја дава на Северна Македонија во развојот на демократските процеси, но и за поддршката и инклузијата на ранливите категории граѓани. Таа информираше дека во изминатиов период е заокружен процесот на усвојување и интензивно се работи на целосна имплементација на две клучни законски решенија, односно Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

Скопје, 26 ноември 2021 (МИА) – Остануваме оптимисти за решение на прашањето со Бугарија до крајот на годината. Сметам дека се уште е реално да се очекува дека барем може да се подготви теренот за да се дојде до договор, што може да биде донесен во јануари. Сигналите од потенцијалниот нов премиер на Бугарија се охрабрувачки, тој има порационален пристап, велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него, изјави во интервју за МИА словенечкиот амбасадор Милан Предан.

Тој смета дека од друга страна треба да бидеме реалисти, бидејќи времето е кратко, само две-три недели до 14 декември кога ќе се одржи Самитот на ЕУ и кога би требало да биде донесена формална одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Скопје, 26 ноември 2021 (МИА) – Има потреба од интервенција во законските решенија и оти со договор и со консензус во нашите парламенти треба да ги имплементираме, а со нив новинарите во однос на сигурноста и безбедноста на работата би се третирале како службени лица кои извршуваат обврска за и во име на граѓаните. Таа одредница треба да ја имплентираме имајќи предвид дека сите ние во регионот целиме да бидеме членки на Европската унија, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на Регионална конференција за „Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан”.

Ова е прва ваква конференција во регионот на која учествуваа претставници на новинарските здруженија на Северна Македонија, Црна Гора, БиХ и Србија,. Свои обраќања, освен Џафери, имаа и претседателот на Собранието на Црна Гора Алекса Бечиќ, потпретседателот на српскиот Парламент, Радован Тврдишиќ и претставникот на Собранието на БиХ, Лазар Продановиќ.

Елбасан, 26 ноември 2021 (МИА) – Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција со неговиот косовски колега Албин Курти, одржана по заеничката седница на владите на двете земји во Елбасан, одговори на прашањето: кој би бил неговиот глас за национално обединување со Косово.

Оценувајќи го како провокативно прашањето на косовскиот новинар, што мисли доколку се одржи референдум за обединување на државите, Рама рече дека неговиот глас ќе биде „за“.

Белград, 26 ноември 2021 (МИА) – Мрежата SafeJournalists побара што е можно поскоро да се процесуираат сите случаи на напади врз новинарката на весникот „Данас“, Снежана Чонградин, соопшти денеска Независното здружение на новинари на Србија (НУНС).

Чонградин беше нападната синоќа во центарот на Белград додека снимала протест по повод отстранувањето на графитот „Ратко Младиќ, српски херој“.

Брисел, 26 ноември 2021 (МИА) – Идентификуван е еден случај на сојот Ну во Белгија, соопштија болниците.

Сојот Б.1.1.529 првично детектиран во Јужна Африка, и попознат под името Ну има многу брз капацитет на репродукција и е веќе присутен во повеќе земји.

Рим, 26 ноември 2021 (МИА) – Италијанскиот премиер Марио Драги и претседателот на Франција денеска во Рим потпишаа договор за зајакнување на билатералните односи.

Договорот предвидува интензивирање на соработката во одбраната, економијата, културата, трговијата и миграцијата.

Вашингтон, 26 ноември 2021 (МИА) – Цените на нафтата денеска се намалија по под 78 долари за барел на меѓународните берзи, поради стравот на трговците дека новиот сој на коронавирусот може да го забави закрепнувањето на економијата и побарувачката на нафта, што би можело а резултира со значителен вишок во понудата.

На лондонскиот берза барел нафта попладнево беше повисока за 4,28 долари во однос на претходното затворање и се продаваше за 77,94 долари.

Лондон, 26 ноември 2021 (МИА) –  Климатските активисти и синдикатите на „Црн петок“ протестираа низ Европа и светот пред магацините  на Амазон, компанија во сопственост на еден од најбогатите луѓе во светот, која честопати е критикувана за непочитување на работнички права и недоволно платените даноци.

Амазон, корпорација на Џеф Безос со седиште во Сиетл, беше критикувана од активисти за климата за, како што тврдат, прекумерната потрошувачка што и штети на животната средина.

Лондон, 26 ноември 2021 (МИА) – Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, по вчерашниот шокантен пораз на гостувањето кај словенечка Мура од 2:1 во УЕФА Конференциската лига, оцени дека премиерлигашот од Лондон во моментов не е на високо ниво.

– Не ми се допаѓа тоа што се случи. Морам да бидам искрен и да кажам дека по 3,5 недели од моето доаѓање во клубот почнав да ја согледувам состојбата. Сакам да останам тука, но не чека уште многу работа за да го подигнеме квалитетот на екипата. Ние сме Тотенхем, а во овој момент значително заостануваме, изјави Конте, по поразот од Мура која на клупската УЕФА ранг-листа се наоѓа на 341 место, а сезонава во воведното коло од квалификациите во Лигата на шампиони ја елиминираше Шкендија од Тетово.

Back to top button
Close
Close