МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 септември 2021

23 септември 2021

Скопје – „Македонија2025“ е позитивен пример за придонесот на македонските иселеници во економскиот и демократски развој на Северна Македонија, истакна претседателот Стево Пендаровски на средбата со претставници на организацијата во Њујорк.

Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, на средбата претставниците на „Македонија2025“ го информираа претседателот за досегашните активности и приоритети во контекст на нивното делување во Њујорк и на американскиот континент во целина.

Скопје – Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) в понеделник и вторник организира научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“.

На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, како и Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

Скопје – Пратениците од опозицијата треба да покажат свест за правата на работниците и да ја прекинат блокадата за да се создадат услови низ собраниска процедура да биде усвоен Предлог-законот за недела како ден на неделен одмор, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Според неа, секое доцнење значи пролонгирање на примената на ова право кое работниците го очекуваат. Таа посочува дека поради собраниските блокади и „понатаму многу работници наместо со семејствата во недела, ќе бидат на работа и дополнително за тоа нема да бидат платени“.

Скопје – Студентите на најстариот и најголем универзитет во земјава идниот петок ќе ја почнат новата академска 2021/2022 година со комбинирана настава во зимскиот семестар – онлајн и физичко присуство, според самостојна одлука на секој од 23-те факултети на УКИМ и во зависност од големината на групите и од спецификите на студиските програми.

За предавањата со присуство на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ нема да се бара сертификат за вакцина или ПЦР-тест и, поради немање универзален протокол за високото образование, ќе се применуваат генералните мерки за заштита од вирусот – заштитни маски, дезинфекција и физичко растојание.

Скопје – Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола. На состанокот, на кој присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, разговараа за текот на наставата со физичко присуство во услови на пандемија, за реформите во основното образование и за процесот на унапредување на средното стручно образование.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, Царовска на средбата посочи дека оваа учебна година почна со физичко присуство и додаде дека е година во која имплементираме целосно нови наставни програми во прво и четврто одделение.

Скопје – Повеќето општини во државата не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Просечната отвореност на општините годинава е 25 проценти, покажува истражувањето што го спроведе Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Најдобри резултати имаат општините Охрид (51 процент), Василево (48 проценти) и Кочани (48 проценти), а најниско е рангирана општина Пласница (3 проценти). Во првите 10 најтранспарентни општини се и Битола, Кавадарци, Валандово, Велес, Карпош, Прилеп и Гевгелија.

Скопје – Југоисточниот регион има најголемо учество во креирањето на бруто додадената вредност во земјоделството со 29,8 проценти, но и во создавањето на вредноста на растителното производство со 34,4 отсто.

Како што соопшти Државниот завод за статистика, врз основа на анализите за 2019 година, втор во однос на креирањето бруто додадена вредност е Пелагонискиот регион со 22,9 отсто, додека најмало учество има Југозападниот регион со 2,8 проценти.

Скопје – Во рамки на фестивалот „КРИК 06: Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“ вечер во Музејот на Современа Уметност (МСУ) предавачот Михаел Хајнрих ќе одржи јавно предавање насловено „Како да се чита „Капитал“ на Маркс? Вредност и фетишизам“.
-Капиталот на Маркс е најфундаменталната анализа на капиталистичкиот начин на производство. Ние, секако, треба да го читаме и препрочитуваме Марксовиот „Капитал“, и покрај тоа што станува збор за тешка задача, особено кога се во прашање првите неколку поглавја, кои се клучни за разбирањето на целокупното негово творештво, се наведува во соопштението на организаторите.
Скопје – Романот „Мрежата на Мамли“ од Блаже Миневски, кој пред две години излезе во „Матица македонска“ од Скопје, преведен е на српски јазик и објавен во Србија.

Во најавата на издавачот „Арка“ стои дека романот на Миневски говори за моралното дно на сите можни дна до кое може да се спуштат оние кои мислат дека се „повикани да го земат во свои раце кормилото на државата“.

Софија – Претстојните претседателски и парламентарни избори во Бугарија  на 14 ноември ќе ја стимулираат изборната активност, покажуваат резултатите од социолошкото истражување на „Маркет линкс“, нарачано од приватната телевизија бТВ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ГЕРБ ќе извојува убедлива победа и за неа ќе гласаат 22,5 од избирачите. Следните пет политички партии во 47. Народно собрание на Бугарија нема да знаат до крај како ќе ги распределат своите места. Во моментов, бугарските социјалисти на Корнелија Нинова се на второ место со 14,5 отсто. „Има таков народ“ на Слави Трифонов и „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов имаат 13,5 отсто и 11,9 отсто гласови.

Атина – Грчката владеачка партија Нова демократија е со предност од 11,5, односно 11,2 отсто пред опозициската СИРИЗА, според двете нови истражувања на јавното мислење во Грција спроведени од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“ и агенцијата „ΜRB“ за телевизијата „Стар, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на пандемијата и процесот на имунизација, од 2.018 лица со право на глас што учествувале во истражувањето за „Скај“, 72 проценти имаат примено најмалку една доза, 11 отсто не се вакцинирани и немаат закажан термин, а 15 проценти одбиле да одговорат.

Прага – Чешката десничарска партија СПД, која може да одигра важна улога при формирањето на новата чешка влада, можно е да побара референдум за излез за земјата од ЕУ, денеска соопшти Томио Окамура, лидерот на партијата позната по своите позиции против ЕУ и НАТО, пренесува порталот „Прага наутро“.

-Еден од основните услови е во манифестот на владата да се вклучи закон за референдум, вклучувајќи ја и можноста за референдум за излез од ЕУ или потенцијално од НАТО, рече Окамура пред новинарите по средбата со претседателот Милош Земан.

Вашингтон -Германската канцеларка, Ангела Меркел, во јануари одбила телефонски повик од Џо Бајден, кој откако стапи на функцијата претседател на САД решил прво да разговара со неа, јави денеска Волстрит џурнал. 

Бајден во претседателската фотеља седна на 20 јануари.

Варшава – На главната влијателна информативна независна телевизија во Полска, ТВН24, синоќа и беше продолжена лиценцата по 19 месеци одложување, но со најава за проблеми и за другите ТВН канали, бидејќи од американскиот сопственик се бара да го намали својот удел на 49 проценти, бидејќи тој не е од Европската унија, иако е формален сопственик на компанија со седиште во Холандија, пишува „Данас“.

Со продолжувањето на лиценцата, Националниот совет за телевизија и радиофонија усвои декларација со која се повикува сопственикот на ТВН24, американската компанија Дискавери, која според сегашното толкување на прописите работела легално, бидејќи ТВН е со седиште во Холандија, односно во ЕУ, за да го усогласи работењето со новото толкување да не може да има повеќе од 49 проценти удел.

Ла Палма – Вулканот Камбре Виеја, на островот Ла Палма, еден од  Канарските острови, утринава повторно еруптира исфрлајќи лава во воздухот по силните експлозии, а отровна пепел ја прекрива околината.

Петти ден по ред, лавата што се истураше по падините на вулканот проголтува куќи, училишта и насади со банани, иако сега побавно отколку во претходните денови.

Москва – Руската морнарица вежбаше гаѓање цели во Црно Море, крај брегот на анектираниот Крим, користејќи го крајбрежниот ракетен одбранбен систем „Бастион“, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Украина истовремено спроведува воени вежби со САД во Црно море.

Женева – Светската здравствена организација предупредува дека загадувањето на воздухот е уште поопасно отколку што се мислеше – бидејќи концентрацијата на опасни честички во воздухот во голема мера ги надминува препорачаните нивоа.

Се проценува дека приближно седум милиони луѓе умираат предвреме секоја година од болести поврзани со загадување на воздухот. Во исто време, земјите во развој најмногу страдаат поради нивната зависност од фосилни горива. СЗО загадувањето на воздухот според ефектот го споредува со оној од пушењето и нездравата исхрана. По ова, пред самитот COP26 во ноември, од 194 земји-членки се бара да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да почнат активности поврзани со климатските промени.

Женева – Извршниот директор на Модерна Инц. Стефан Бансел смета дека пандемијата на коронавирус ќе заврши за една година, бидејќи зголеменото производство на вакцини обезбедува глобални резерви, изјави за швајцарскиот весник Ноје Цуерхер Цајтунг.

– Ако го погледнете проширувањето на производствениот капацитет во индустријата во текот на последните шест месеци, до средината на следната година треба да има доволно дози за да може да се вакцинираат сите на овој свет. Исто така, треба да бидат можни засилувачи до потребниот степен, изјави тој во интервју за весникот.

Исламабад – Училиште за девојчиња е разнесено во северозападен Пакистан во првиот бомбашки напад врз женското образование по неколку години, неколку недели откако талибанците го презедоа Авганистан, јави ДПА.

Бомбата експлодирала доцна синоќа во училиштето во градот Тенк, кој се наоѓа во непосредна близина на Јужен Вазиристан, регион на границата со Авганистан, кој долго време служеше како база за милитантите поврзани со Ал Каеда.

Лондон – Раководителот на Формула 1 Стефано Доменикали соопшти дека од следната сезона ГН на Монако ќе се одржува во нов формат.

За разлика од другите етапи, првите тренинзи во Монте Карло традиционално се одржуваат во четврток, а петокот е посветен на забави и социјални настани.

Париз – Тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино, зборуваше за упорноста на неговиот тим покажана на синоќешниот натпревар со  победата над Мец (2:1) во 7. коло од францускиот шампионат.

– Добро е што победивме. Кога победувате, полесно е да продолжите да работите. Игравме добро од самиот почеток, но потоа малку забавивме. Драго ми е што тимот се бореше до последниот судиски свиреж и на крајот победи, покажувајќи карактер го цитира Покетино прес-службата на ПСЖ.

Лондон – Напаѓачот на Арсенал, Александар Лаказет не планира да го продолжи договорот со клубот. Според „le10sport“ преговорите за продолжување на договорот со 30-годишниот Французин се неуспешни, и затоа веројатноста фудбалерот да го напушти клубот расте.

Се појавија гласини дека играчот може да се пресели во Атлетико на слободен трансфер следното лето.

Скопје – Следните денови времето ќе биде сончево, со значително повисоки дневни температури. Како што соопшти УХМР, утре ќе биде до 28, а за време на викендот до 32 степена. До сабота утринските температури ќе бидат многу ниски и на некои повисоки места ќе се спуштат и до нула степени. Од вторник ќе има повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.

Утре максималната температура ќе достигне 28 степени (во Гевгелија), а во Скопје ќе биде 24, додека минималната ќе се движи од нула до четири степени. Во вторник и среда утринските температури ќе бидат од 7 – 15 степени, а дневните постепено ќе се намалуваат и ќе се движат меѓу 24 и 28 степени.

Back to top button
Close
Close