МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 септември 2021

23 септември 2021

Скопје – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ќе се обрати на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, што се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж – опоравување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.

Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателот Пендаровски да има средба со генералниот секретар на Светската организација  Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Скопје – Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи и неговиот хомолог од Република Филипини, Теодоро Л. Локсин, потпишаа Заедничко комунике за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, соопшти МНР.

– Ваквиот чекор ги потврдува заложбите на Република Северна Македонија за градење пријателски односи и воспоставување партнерства и со географски оддалечени земји. Отворањето на ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји нуди дополнителни можности за промоција на економските и трговските врски, како и зајакнување на досегашната успешна соработка на мултилатерално ниво, истакна министерот Османи.

Скопје – Премиерот Зоран Заев, на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во државава, што се одржа вчера во Владата, изрази очекување до крајот на словенечкото претседателство да се постигне напредок во евроинтеграцијата на државата.
– Северна Македонија ги заврши своите домашни задачи и е целосно подготвена да ги започне преговорите со Европската Унија, истакна Заев на состанокот.

 

Скопје – Премиерот Зоран Заев преку денеска преку видеообраќање го честиташе Меѓународниот ден на знаковниот јазик, 23 Септември, при што порача дека тежнееме нашето општество во целост да ги прифати политиките за афирмирање и инклузија на знаковниот јазик.

– Денеска го славиме Меѓународниот ден на знаковниот јазик, користен од 72 милиони луѓе ширум светот. Одбележувањето на овој ден нè прави дел од прогресивните заедници во светот, афирмирачи на знаковниот јазик. Нашата Влада, преку политиките за промовирање на можностите на граѓаните од заедниците на глуви и наглуви, го едначи знаковниот јазик со сите други говорни јазици, наведува Заев во видео обраќањето.

Скопје – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми денеска ќе извршат увид во изградбата на втората фаза на експресниот пат Штип – Радовиш, во должина од 16,9 километри.

Првата фаза од експресниот пат од 23,56 километри од клучката Штип-југ до Бучим беше пуштена во употреба во јуни годинава. Втората фаза од патот ги опфаќа делниците од клучка Три чешми до Штип-Југ, како и делницата од Бучим до Радовиш.

Скопје – Mерките и политиките спроведени од страна на Народната банка, како и централните банки воопшто, ги дадоа посакуваните резултати во ублажувањето на ефектите од корона-кризата. И покрај пандемијата, кредитната активност во земјава и натаму расте, a непречениот пристап до капитал на меѓународните пазари овозможи зајакнување на девизните резерви и финансирање на антикризните мерки, оценува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска.

Во својата презентација на „Меѓународната економска летна школа“ – „Направи разлика: Научете како да го процените економското влијание на пандемијата од ковид-19“, организирана од Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Митреска посочи дека од самиот почеток на корона кризата, централните банки и Народната банка ја олабавиле монетарната политика намалувајќи ја каматната стапка и обезбедувајќи дополнителна ликвидност за стимулирање на економската активност.

Скопје – Oпштините ќе добиват секоја година повеќе средства, но од 2024 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера најави предлог-измени на Законот за финансирање на општините со кои ќе се подобри нивниот фискален капацитет и ќе се зголемат приходите преку постепен раст на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход.

-Согласно проекциите со предвидените 3 отсто од данокот на личен доход средствата за општините сега изнесуваат 600 милиони денари. Дополнителните 3 отсто, согласно Фискалната стратегија и планираните приходи, во 2024 година средствата за општините ќе изнесуваат 1,562 милијарди денари, односно 781 милион денари повеќе. По основ на дотација од ДДВ во 2024 година со 4,5 отсто предвидени се 2,8 милијарди денари, додека со 6 отсто ќе добијат 3,7 милијарди денари. Тоа е една милијарда денари повеќе. Вкупиот ефект во 2024 година ќе биде 1,7 милијарда денари повеќе пари за општините на годишно ниво, изјави Бесими.

Скопје – „Потребата и предизвиците во јакнењето на интегритетот во јавните набавки“, е темата на конференцијата што ќе се одржи денеска во организација на Центарот за граѓански комунунации.

На конференцијата ќе стане збор за досегашните напори вложени во насока на унапредување на јавните набавки и намалување на корупцијата, како и за идните предизвици и можности за засилување на улогата на независните регулаторни тела и на другите засегнати страни.

Скопје – Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) денеска организира средба со лидерите на коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“, Зијадин Села и Африм Гаши.

На средбата СКСЗМ ќе ја презентира Платформата за економски развој.

Скопје – Здружението за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика (ЕТАИ) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска и утре ја организираат 15. Меѓународна конференција ЕТАИ 2021 по повод 40 години од основањето на Здружението. Дводневната конференција ќе се одржува онлајн и ќе ја отвори Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски телеком и претседател на конференцијата.

Поради околностите, конференцијата ЕТАИ 2021 годинава ќе биде организирана виртуелно, со алатки за дигитална видеокомуникација и е отворена за сите заинтересирани кои може да се регистрираат за учество преку веб-страницата на конференцијата. Во рамки на програмата, има и дел во кој ќе се одбележи 40-годишнината од постоењето на Здружението ЕТАИ со потсетување на сите изминати активности и организирани конференции.

Скопје – Во организација на Полио плус – Движење против хендикеп и Парламентарниот институт денеска ќе се одржи едукативен настан по повод одбележувањето на 23 Септември – Меѓународниот ден на знаковните јазици.

На настанот ќе биде презентирана „Анализа за практиките на парламентите во однос на заедницата со хендикеп“, подготвена од Полио плус – Движење против хендикеп и Парламентарниот институт.

Скопје – „Социјалната положба и невработеноста кај глувите и наглуви лица, застапеноста на знаковниот јазик во нашата држава и процесот на негова стандардизација“, е темата на тркалезната маса што ја организира денеска Националниот Сојуз на глуви и наглуви по повод 23 Септември, Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

На тркалезната маса е најавено присуство на преставници од неколку здруженија на глуви и наглуви и од Комисијата на знаковен јазик, професори, како и владини и меѓународни претставници.

Скопје – Книгата „Македонски црковен календар“ од проф. д-р Марко Китевски излезе деновиве од печат во издание на „Гирланда“ – Здружение за проучување на македонската народна култура, од Скопје.

Станува збор за првата книга од предвидено повеќетомно издание на Китевски. Рецензент на книгата на проф. д-р Илија Велев.

Софија – Политичката формација на Кирил Петков и Асен Василев се регистрираше за учество на предвремените парламентарни избори на 14 ноември во Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на објава на поранешниот бугарски привремен министер Кирил Петков, тој поднел барање до Централната изборна комисија за регистрација на коалицијата „Промената продолжува“ за учество на парламентарните избори за 47 -та национална Собрание во Бугарија. Потребниот број потписи за регистрација на коалицијата, според Петков, биле собрани од нејзините активисти за неколку часа.

Париз – Карлос Шакал, левичарски милитант кој организираше терористички напади низ целиот свет во 1970-тите и 1980-тите години, побара од францускиот суд да му ја намали доживотната затворска казна.

Тој беше осуден за напад со гранати во Париз во 1974 година.

Прага – Брисел се меша во изборната кампања за претстојните избори за Долниот дом на чешкиот Парламент, што треба да се одржат на 8  и 9  октомври, изјави премиерот Андреј Бабиќ во интервју објавено во електронското издание „Парламенталисти“.

-Брисел се меша во нашата изборна кампања, за која не треба да зборува. Ова не е нивна работа! Ние сме слободна и суверена држава, рече Бабиш.

Алжир – Алжирското претседателство најави затворање на воздушниот простор на земјата за сите марокански авиони во рамките на последниот спор меѓу двата соседи во конфликтот главно околу Западна Сахара.

Овој потег беше објавен вчера по состанокот на Високиот совет за безбедност, предводен од претседателот Абделмаџид Тебун.

Лондон – Најмалку 62 деца починаа во два кампа за раселени лица во североисточна Сирија од почетокот на 2021 година, објави денеска организацијата „Спасете ги децата“.

Оваа невладина организација укажа на итна потреба од репатријација на странски деца од камповите.

Мелбурн – Полицијата во Мелбурн денеска се подготвува за четвртиот ден од протестите против заклучувањето, а центарот за вакцинација во градот е затворен неколку дена, откако демонстрантите го вознемириле персоналот, додека нови случаи на Ковид-19 низ австралиската држава Викторија го соборија дневниот рекорд.

Стотици демонстранти излегоа на улиците во градот со пет милиони жители, откако официјалните лица во понеделникот наредија градилиштата да се затворат две недели и пропишаа дека вакцините се задолжителни за градежните работници со цел да се ограничи ширењето на вирусот.

Њујорк – Британскиот премиер Борис Џонсон за време на годишното обраќање пред Обединетите нации, ги повика светските лидери да ја искористат својата моќ и да се справат со климатските промени и нагласи дека е време човештвото да покаже зрелост и одговорност за ова прашање.

Во пресрет на важната климатска конференција во Глазгов, која почнува на 31 октомври, Џонсон пред Генералното собрание на ОН рече дека светските лидери имаат огромна моќ да ги променат работите на подобро и да ја спасат планетата од катастрофалните последици од климатските промени.

Пекинг – Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји порача дека разните еднострани санкции или ограничувања за Авганистан треба да бидат укинати што е можно поскоро.
„Економските санкции за Авганистан треба да престанат“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на пораката на Ванг од виртуелната средба на министрите за надворешни работи на Г-20.
Скопје – Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ изрази задоволство од првата победа оваа сезона во ракометната Лига на шампиони остварена синоќа во Скопје против Мешков Брест (35:27). Тој се заблагодари на навивачите на „црвено-црните“ за големата поддршка.

– Пред натпреварот се малку се плашев, бидејќи Мешков Брест е квалитетна екипа. Ние на мечот влеговме многу мотивирани и со неколку добри одбрани на Томовски. Атмосферата на трибините не носеше. Нивните голмани имаа лош ден. Дополнителен нивни проблем се големиот број повредени па ние на крајот ја искористивме ваквата ситуација и на крајот победивме, изјави Вујовиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Скопје – Времето претпладне, особено на север и на исток,  ќе биде променливо облачно. Во попладневните часови ќе преовладува сончево време. Преку денот ќе дува умерен, вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информираат од УХМР.

Утринската температура ќе биде во интервал од 9 до 11, а максималната ќе достигне од 14 до 24 степени. Во Скопје, претпладне променливо облачно, а потоа облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 20 степени.

Back to top button
Close
Close