МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

21 октомври 2021

21 октомври 2021

– Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од денеска учествува на дводневната Конференција на претседатели на парламентите на земјите членки на Советот на Европа што се одржува во Атина, а планирана е средба и со претседателот на парламентот на Грција, Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.

– Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска и утре во седиштето на Алијансата во Брисел ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО, организирани со физичко присуство за прв пат по членството на Северна Македонија во Алијансата.

– Северна Македонија треба да ја зајакне меѓуинституционалната соработка во поглед на заштитата на културното наследство, при што важно е да се спречи градењето на дивоградби, особено во Охрид и Старата скопска чаршија, кои се прогласени за културно наследство од особено значење, оценува Европската Комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјата.

– Европската комисија потврди со уште еден извештај дека Северна Македонија ги исполнува критериумите да ги почне преговорите за членство и очекува првата меѓувладина конференција со која би бил означен стартот на преговорачкиот процес да се одржи до крајот на годинава. Останува да се отстрани единствената пречка – блокадата од Бугарија. Во Скопје владее умерен оптимизам дека е можен пробив во спорот со Софија до крајот на годинава, но и уверување дека ќе биде препознаено дека е време за одговорност за тоа каде ќе биде овој регион пет, десет години од денес.

– Земјата е умерено подготвена, врз образовниот систем и напредокот на реформите во образованието длабоко влијаеше пандемијата со КОВИД-19, затоа што напорите на Владата беа фокусирани, пред сè, на создавање средина за учење на далечина, наведува Европската комисија (ЕК) во Поглавјето 26 на Извештајот за напредокот на Северна Македонија во 2020 година.

– Да се финализира и усвои долгорочна стратегија за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), да се зајакне независноста и капацитетот на медиумското регулаторно тело, како и на регулаторот за електронски комуникации, да се продолжи со активностите за воведување на Европскиот број  итна помош -112 и да се одвојат потребните финансии за да се обезбеди негова функционалност, се клучните препораки во Извештајот на Европската комисија за напредокот на државава во областа информатичкото општество и медиуми.

– Организацијата САНО денеска ќе биде домаќин на Првата научна регионална конференција на тема „Предизвиците на децата со канцер и Ковид 19″.

– Фондацијата Метаморфозис денеска ќе ги промовира новите воспоставени канали за информирање. Настанот е насловен  Како до поблиска соработка меѓу институциите и новинарите во борбата против дезинформации?“, а ќе се одржи онлајн на платформата Зум. 

– Светска банка денеска ќе го презентира редовниот полугодишен економски извештај за Западен Балкан.

Македонската асоцијација за човечки ресурси (МΑЧР) оваа година ќе организира својата 13. Меѓународна HR конференција и HR Expo 2021, насловена “HRise like a PHOENIX-X-Intertwining humanity and technology”. Конференцијата ќе се одржи онлајн денеска и утре. 

– Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска и утре ќе го одржи 15. состанок во онлајн формат поради пандемијата со коронавирусот. Средбата ќе се одржи во изборен период во двете земји – кај нас заврши првиот круг од локалните избори и тече кампањата во пресрет на вториот круг, а во Бугарија во тек е кампања за претседателските и предвремените парламентарни избори, што се закажани за 14 ноември.

– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера повторно ги повика сите политички партии да се здружат во ново парламентарно мнозинство, на што партиите од владејачката коалиција порачаа дека остануваат дел од актуелната Влада предводена од СДСМ и дека нема потреба од нови парламентарни избори. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев оцени дека ваквите пораки ги разобличиле сите дезинформации на ВМРО-ДПМНЕ за наводни нови мнозинства, нагласувајќи дека владините партнери продолжуваат да работи посветено заедно за доброто на граѓаните.

– Од полноќ во Бугарија стапи на сила зелениот сертификат за КОВИД-19 за сите активности во затворен простор и за посета на сите јавни затворени места освен аптеки, банки и продавници за храна. Како што јави дописникот на МИА од Софија, сите ученици од 1 до 12 одделение во Софија, како и областите Видин, Габрово, Ќустендил, Монтана и Перник, се селат на онлајн образование.

 – Решив да се кандидирам за раководство на Движењето. И со сите мои сили ќе придонесам нашата партија повторно да стане голема и силна. Повторно да биде протагонист во случувањата, рече поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, соопштувајќи дека ќе биде еден од кандидатите за лидер на Движењето на промена, поранешно ПАСОК, јави дописничката на МИА од Атина.

– Британската влада преговара со Украина за продажба на ракети „земја-земја“ и „воздух-земја“, објави лондонски Тајмс.

 – Лидерите на ЕУ 27 денеска и утре ќе одржат во Брисел  редовен октомвриски самит  на кој ќе разговараат за зголемувањето на цените на енергенсите, забрзување на вакцинацијата против Ковид-19 во Европа, владеење на правото во Полска, односи со ЕУ со партнерите во источното соседство, зајакнување на улогата на ЕУ во меѓународната трговска сцена и политиката за миграција и азил.

– Летонија ја продолжи вонредната состојба на границата со Белорусија, јави ДПА. Агенцијата забележува дека ова се случува во услови на наплив на мигранти во земјата. Многумина веруваат дека мигрантската криза е намерно предизвикана од властите во Минск, кои сакаат да се одмаздат за санкциите што им ги воведе Европската Унија.

 Министрите за одбрана од земјите-членки на НАТО ќе се сретнат денеска во Брисел по новата пресметка со Русија, која резултираше со прекин на односите на Москва со Алијансата и затворање на канцеларијата на НАТО во таа земја, јави ДПА.

– Американскиот претседател Џо Бајден денеска изрази загриженост поради кинеските хиперсонични ракети, неколку дена откако медиумите објавија дека Пекинг тестирал хиперсонични ракети способни да носат нуклеарно оружје.

–  Поранешниот американски претседател Доналд Трамп формираше своја социјална мрежа „Truth Social“. Тој објави за платформата откако беше забранет од Твитер, Фејсбук и Јутјуб во јануари, обвинувајќи го дека ги поттикнал своите поддржувачи на агресија преку неговите профили пред нападот на Капитол. Платформата почнува со работа во ноември, како бета веризија – односно од идната година целосно функционална, јавија американски медиуми.

 – Кошаркарот на Бостон селтик, Џејлен Браун постигна 46 поени во почетниот натпревар на регуларниот дел од НБА сезоната против Њујорк. Браун го обнови својот личен рекорд во ефикасност, како и рекордот на клубот за постигнати поени во воведниот натпревар во сезоната.

 Тренерот на Барселона, Роналд Куман, го пофали својот тим за изданието во одбрана на натпреварот од 3. коло на Лигата на шампионите против Динамо Киев (1:0).

– Времето денеска ќе биде сончево со мала, а во западните делови умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла и ниска облачност. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер, кој во западните делови повремено ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 22 степени.

Back to top button
Close
Close