МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

20 октомври 2021

20 октомври 2021

–  Пред вториот круг на локалните избори што треба да се одржат на 31 октомври, претседателот на СДСМ Зоран Заев со писмо до членството апелира за мобилизација и обединување, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на здружена опозиција. СДСМ во вториот круг има вкупно 32 кандидати во општините и Град Скопје, додека ВМРО-ДПМНЕ има кандидати во 28 општини. Во главниот град, во вториот круг кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов ќе се бори против независната кандидатка Данела Арсовска.

 – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска во Клубот на пратеници ќе ја одржи 53. седница.

– Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, со средба со граѓани од Кисела Вода продолжи со теренските активности по победата во првиот круг на изборите и со тоа го означи почетокот на изборната кампања за вториот круг. На синоќешната средба фокусот беше на изнаоѓање решенија за проблемите во општината.

– Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување во ЕУ и властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати, иако реформскиот напредок во многу области се оценува како умерен. Еврокомисијата упати и критика за блокадата за почеток на преговори за државава. Ова клучните поенти на годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, што вчера беше презентиран во Европскиот парламент во Стразбур за сите шест земји од Западен Балкан, заедно со Пакетот за проширување 2021.

– „Младински климатски самит“ ќе се одржи денеска во Кино Фросина во Младински културен центар. Целта на самитот е отворање дијалог меѓу младите и претставниците од националните институции на теми поврзани со климатската акција.

 Комисијата за родова еднаквост во спортот (КРЕС) денеска ќе ја претстави Програмата за работа за 2022 година, чии приоритети ќе придонесат кон креирање на родово-еднакви политики и родова стандардизација во спортските субјекти.

 –  Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) во соработка со ОУ „Крсте Петков Мисирков“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска организира настан во битолското село Егри по повод одбележувањето на Светскиот ден на храната.

– Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска ќе ја претстави дигиталната мониторинг платформа за квалитетот на површинските води во Северна Македонија.

 Скринингот на учениците за Ковид-19 од денеска во девет средни училишта во Скопје. Ќе се тестираат 258 средношколци. Досега ревакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани. Вакцинираните со „Синовак“ и „Синофарм“ трета доза може да примаат три месеци по ревакцина, одлучи вчера Националниот Комитет за имунизација. Од 8 до 14 октомври од КОВИД-19 починале 105 лица, од кои 79 не биле вакцинирани, информира вчера Министерството за здравство.

– Од денеска до 24 октомври во Националната опера и балет и Кино Фросина ќе се одржи 40-тото издание на Скопје џез фестивал. На фестивалот ќе настапат 11 изведувачи од Северна Македонија, Европа, Куба и САД.

 – На медиумскиот пазар во Бугарија доминираат мал број влијателни играчи, од кои многумина се поврзани со владата, и иако во парламентарна опозиција ГЕРБ и нејзиниот лидер Бојко Борисов успеаја да ја одржат контролата врз медиумскиот пазар и особено врз јавните медиуми. Главното регулаторно тело, Советот за електронски медиуми (СЕМ), не може да обезбеди транспарентност на медиумскиот пазар бидејќи е „ранлив од државна контрола и влијание на партијата ГЕРБ, која помогна да се изберат нејзините сегашни членови“.

 – Цените на бензинот и дизелот силно ги погодија Германците во паричникот. Според автомобилскиот клуб АДАК, дизелот во Германија достигна историска рекордна цена од 1,55 евра за литар. Цената на бензинот исто така се индексира до историски рекорд. Еден литар Супер на крајот на неделата чинеше 1,67 евра, а највисоката вредност беше постигната во август 2012 година – 1,70 евра за литар, објави Дојче веле.

– Летонија ја продолжи вонредната состојба на границата со Белорусија, јави ДПА. Агенцијата забележува дека ова се случува во услови на наплив на мигранти во земјата. Многумина веруваат дека мигрантската криза е намерно предизвикана од властите во Минск, кои сакаат да се одмаздат за санкциите што им ги воведе Европската унија.

–  Одбор на Претставничкиот дом на САД, што го истражува упадот во Капитол на 6 јануари, едногласно ги поддржа обвинувањата против поранешниот советник во Белата куќа, Стив Бенон, за непочитување на Конгресот. Бенон претходно беше повикан да сведочи, но тој одби, што Одборот го оцени во својата одлука како – шокантно.

– Бразилскиот сенатор Ренан Калеирос, кој водеше парламентарна истрага за начинот на кој најнаселената земја во Јужна Америка се справи со пандемијата на коронавирус, тврди дека претседателот Жаир Болсонаро треба да биде обвинет за убиство поради грешки што резултираа со илјадници смртни случаи.

– Комитетот на Претставничкиот дом на Американскиот конгрес, кој го истражува упадот во Капитол на 6 јануари, го отфрли обидот на поранешниот советник во Белата куќа, Стив Бенон, да се воздржи од сведочење.

– Фејсбук се согласи да плати 14,24 милиони долари за да го запре гонењето на американските власти кои го обвинуваат за доделување на некои добро платени работни места на странски државјани, на штета на американските граѓани и жителите со дозвола за постојан престој (зелена карта).

 Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, забележа историско достигнување на натпреварот од Лигата на шампионите одигран синоќа против Ливерпул во 3. коло од групната фаза против Ливерпул (2:3).

 – Најдобриот кошаркар на Голден Стејт вориорс, Стеф  Кари постигна трипл-дабл во првиот натпревар на двете екипи од НБА сезоната 2021/22. Вориорс ги победија Лејкерс на гостински терен со 121: 114.

– Претежно сончево, претпладне во јужните делови со појава на мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната од 17 до 22 степени. Во Скопје, претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 20 степени.

 

Back to top button
Close
Close