МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

16 август 2022

16 август 2022

– Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола. Годинава ќе направиме обид да не правиме класични ремонти со застои од 30, 60 или 90 дена, туку да ги вршиме во периоди кога ќе има намалување на снагата, односно простор за санација, посочи денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

– Предлог-концептот на даночни реформи главно се базира на проширувањето на даночната основа врз основа на намалувањето на сивата економија. Не се работи за реформи за зголемување на даноците, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА.

– На 15 секој месец, почнувајќи од септември, сметките за струја на државните институции ќе бидат јавно објавувани. Целта е, не само граѓаните да имаат увид во потрошувачката, туку и да се знае дали се испочитувани владините задолженија за заштеда до 15 отсто.

– Републичкиот јавен обвинител денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда.

 – Владата на денешната 69-та седница донесе заклучок 20 август 2022 година (сабота) да биде неработен ден за граѓаните во општините Тетово, Маврово и Ростуше и Центар Жупа поради одржување на избор за градоначалници на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, како и избори на членови на Советот на Општина Тетово.

– Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека во целост ја поддржува работата на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија и ја поздравува вечерашната објава на препораките кои се дел од Протоколот потпишан меѓу двете земји во 2019 година.

– Во првите седум месеци од годинава, вкупните приходи во грчкиот државен буџет изнесуваат 36.846 милиони евра, зголемени за 5.556 милиони евра, односно за 17,8 отсто повеќе од поставената цел, според привремените податоци за извршување на државниот буџет, кои денеска ги соопшти Министерството за финансии на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

– Со фалсификувани патни исправи, во два одвоени случаи,  27 лица, странски државјани, се обиделе од аеродромите на грчкиот острови Санторини и Родос да стигнат во Италија и Германија, но биле уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

– Рускиот производител на гас „Газпром“ денеска го претстави извештајот за работењето во првите 7,5 месеци од годината и најави дека цената на гасот во Европа во текот на зимата ќе надмине 4.000 долари за 1.000 кубни метри.

Back to top button
Close
Close