МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

18 октомври 2021

18 октомври 2021

– Согласно обработените 100 отсто од податоци од Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашните Локални избори во првиот круг избрани се 33 градоначалници од кои за еден не е исполнет цензусот за излезеност. Се уште не се обработени 100 отсто од гласовите за општините Аеродром, Ѓорче Петров, Ресен и Центар, како и за Градот Скопје.

– Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски утре ќе престојува во работна посета на Софија каде што ќе потпише меморандум за трилатерлна соработка за развојот на одржлива патна и железничка инфраструктура на Коридорот 8. Потписници  на меморандумот покрај Северна Македонија се и Бугарија и  Албанија.

– Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и државна секретарка на Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, заедно со членовите на Националната комисија со пригоден настан го одбележаа Европскиот ден за борба против трговија со луѓе преку јубилејна промоција на работата на Националната комисија во изминатите 20 години.

– До Државната изборна комисија (ДИК) до попладнево ниту еден подносител на листа на кандидати за Локалните избори нема поднесено приговори за постапката за гласање и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето. Според информациите од ДИК, од поднесените приговори за заштита на лично избирачко право, на денот на изборите прифатени се 217.

– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствуваа денеска во Хоргош на церемонија по повод почеток на работите за реконструкција и модернизација на пругата Суботица – Хоргош – граница со Унгарија (Сегедин), јави дописникот на МИА од Белград.

– Питер Марки-Заи, конзервативниот градоначалник на мал град во јужниот дел на Унгарија, ќе биде кандидат на здружената опозиција, кој ќе му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан на следните парламентарни избори во пролетта 2022 година.
– Постсоветскиот безбедносен блок (ЦСТО), што го предводи Русија, денеска ја почна најголема воена вежба во последните неколку години во близина на границата меѓу Таџикистан и Авганистан. Таџикистан одби да го признае талибанското раководство во Авганистан, а воените сили се натрупуваат од двете страни на границата.
– Русија од следниот месец ќе ги прекине сите дипломатски односи со НАТО, соопшти Министерството за надворешни работи, предводено од Сергеј Лавров. Москва најави дека целосно ќе ги прекине операциите на својата мисија во НАТО, две недели откако блокот предводен од САД протера осум руски дипломати поради наводна „неоткриена шпионажа“ во седиштето во Брисел.
– Кина тестираше вселенско летало во јули, а не хиперсонична нуклеарна ракета, како што објави „Фајненшл тајмс“, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана.
– Колин Пауел, првиот афроамерикански државен секретар на САД, почина денеска на 84-годишна возраст од последиците на заразата со коронавирус.
– Во американскиот Конгрес на 26 октомври ќе се одржи расправа со наслов „Ангажман на САД на Балканот“, на која треба да се дискутираат насоките на американската политика. Сослушувањето треба да се одржи во 14 часот по локално време, или 20 часот по средноевропско време, според веб – страницата на Одборот за надворешни работи.
Во храмот на божицата Хера во античка Олимпија на грчкиот полуостров Пелопонез, во присуство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, претседателот на грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос и потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022“ Ју Зајчин, од зраците на сонцето, претпладнево беше запален олимпискиот оган за 24-те Зимските Олимписки игри „Пекинг 2022“, јави дописничката на МИА од Атина.
 Само неколку секунди откако беше запален олимпискиот оган во античка Олимпија за ЗОИ „Пекинг 2022“, целосната тишина беше прекината од извици и слогани на демонстранти, по што интервенираше обезбедувањето, а церемонијата продолжи непречено, јави дописничката на МИА од Атина.

Според објавите на социјалните мрежи станува збор за активисти од движењето „Free Tibet“ кои повикуваат на бојкот на ЗОИ, но и бараат ослободување на уапсените активистки вчера во Атина.

Европската фудбалска асоцијација сака да ја казни Англија за однесувањето на навивачите на денот на последниот натпревар од Евро 2020 со Италија (2:3 на пенали), објави „Скај Спортс“. Пред почетокот на натпреварот, околу сто навивачи без билети се обидоа да влезат на стадионот.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close