МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

20 септември 2021

20 септември 2021

– Претседателот Стево Пендаровски од денеска ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 76. сесија  на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. В четврток, 23 септември, шефот на државата ќе се обрати на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на ОН, која се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж – закрепнување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.

– Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедници денеска на седница Предлог-законот за Академија на судии и јавни обвинители, во прво читање.

– Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи  во второ читање е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика.

– Пописот на населението и објектите 2021 се одвива во најдобар ред и согласно планираниот интензитет и досега се попишани над милион граѓани. Пописот е во 16-тиот ден од предвидените 26 дена пописни активности и треба да заврши до 30 септември.

– Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во американската сојузна држава Вермонт откако имаше средби во Пентагон со секретарот за одбрана Лојд Остин и со неговите блиски соработници – потсекретарот Колин Кал и помошничката секретар Лора Купер, како и во Стејт Департментот со новиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

– Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со Кризи (ЦУК), на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржува вежбата „Северна Македонија 2021“.

– Ковид-19 e присутен еден период од животот. Растот и последиците од нарушен раст се за цел живот, е мотото со кое Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ на РМ  се приклучува кон одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата. По тој повод за претпладне се најавени активности на плоштад Македонија во Скопје од каде ќе бидат испратени пораки за важноста од навременото дијагностицирање и лекување при проблемите со растот.

– Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија денеска организира настан за одбележување 75 години од основањето, на кој ќе се обрати претседателот на Владата Зоран Заев. Обраќање ќе има и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, како и претседателката на Сојузот, Станка Трајкова.

– Во фоајето на Националната опера и балет денеска напладне ќе биде примопредадена донација од грант на владата на Јапонија за поддршка на културата – Проект за подобрување на музичките инструменти, опрема за озвучување и осветлување за Националната опера и балет.

– Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави најновата книга на проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ – „Мојот предизвик Охрид“, во која авторката говори за нејзиниот долгогодишен афинитет кон Охрид, почнувајќи од својата двегодишна возраст, па сѐ до 2021 година.

– Во НУЦК „Tрајко Прокопиев” во Куманово вечер од 19.30 часот ќе биде прикажан 60-минутниот долгометражен филм „ТМ“, снимен според сценарио и режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, кој е нивни втор долгометражен филм по филмот „Копање“ од 2018 година.

 На третата фестивалска вечер на Деновите на македонска музика 2021 ќе биде изведен камерниот концерт со наслов „Виртуози“ на кој ќе настапат виолинистот Владимир Костов и пијанистката Марија Вршкова. На програмата се дела од македонските композитори Гоце Коларовски, Благоја Ивановски, Филип Иванов и Никола Коџабашија.

– Поранешниот грузиски претседател и актуелен шеф на Извршниот комитет за реформи на Украина Михаил Саакашвили смета дека гасоводот „Северен тек 2“ може долгорочно да биде во корист на Украина.

– Пет партии – „Единствена Русија“, Комунистичката партија на Руската Федерација, Либерално – демократската партија, „Праведна Русија – за вистината“ и „Нови луѓе“ влегуваат во Државната дума по обработката на 40 отсто од гласовите, покажуваат податоците на Централната изборна комисија на Русија.

– Зголемувањето на светските цени на гасот е привремена појава поврзана со закрепнувањето на светската економија по пандемијата, изјави британскиот премиер Борис Џонсон пред да замине за САД, каде што ќе се сретне со претседателот Џо Бајден и ќе учествува на Генералното собрание на ОН.

– Одлуката на САД за пренос на технологија во Австралија за изградба на нуклеарни подморници е исклучително опасен чекор што може да предизвика нуклеарна трка низ целиот свет, се вели во изјава на портпарол на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја, објавена од Централната телеграфска агенција на Северна Кореја.

– Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека е во национален интерес на неговата земја да го раскине договорот од 2016 година со Франција за купување подморници.

– Семејствата мигранти испратени назад на Хаити од САД откако се обидоа да влезат во земјата од Мексико се гневни од однесувањето кон нив и се плашат да се вратат дома поради хаосот и насилството во нивната сиромашна земја.

– Во финалето на Европското првенство во одбојка одиграно синоќа во Катовице, репрезентацијата на Италија ја совлада селекцијата на Словенија со 3:2. Резултатот по сетови: 22:25, 25:20, 20:25, 25:20 и 15:11.

 – Тренерот на Пари Сен-Жермен, Маурисио Покетино, ја објасни замената на напаѓачот Лионел Меси во второто полувреме од Лига 1 против Лион при резултат 1:1.

 Тренерот на Милан, Стефано Пиоли е задоволен од изданието на неговите избраници на натпреварот против Јувентус (1:1) синоќа во 4. коло од Серија А.

– Времето денеска во државава ќе биде малку до умерено облачно и нешто потопло, најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во западните делови повремено значително облачно со краткотраен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, особено изразен во западните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.

Back to top button
Close
Close