МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

26 мај 2022

26 мај 2022

– Позитивни сигнали пристигнаа од Цариград и од Москва по добиениот благослов од СПЦ за автокефален статус на МПЦ-ОА. За Вселенската патријаршија, отстранувањето на 55-годишната шизма е историски момент, а за РПЦ радосен настан што бил чекан многу години.

– Пратениците од денеска се враќаат во салата број 1, каде ќе користат нова модерна конференциска опрема. Во оваа сала со почеток во 11 часот ќе се одржи новата 72. седница на Собранието, посветена на пратенички прашања.

– Почеток на пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија следниот месец, а со тоа и признавање на конзистентните напори на двете земји па патот кон евроинтеграцијата, побара вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој напомена дека тоа ќе биде заеднички ангажман за креирање посилна и посигурна Европа, отпорна на какви било влијанија од трети страни.

– Доколку Бугарија не даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, тоа ќе резултира со забавување на развојот на регионот, што во никој случај нема да биде од полза за меѓународниот имиџ на Софија, оцени изјави бугарскиот европратеник Илхан Ќучук на конференцијата „Либералите за иднината на Европа – Од конференција до европски реформи“ што се одржа во бугарскиот главен град.

– Со сесија за консолидација на земјиштето во Северна Македонија и посета на селото Егри во Општина Битола, денеска продолжува 13. Меѓународна работилница ЛЕНДНЕТ што почна вчера и се одржува во Скопје.

– „Саем за кариера 2022“ ќе се одржи денеска во Скопје. Организатор на настанот е Универзитетот „Мајка Тереза“.

– Два научни собира и работилница на манастирот Трескавец организира деновиве Институтот за старословенска култура од Прилеп. Дваесетина научници од земјава денеска ќе говорат на тема „Методологија на научноистражувачката работа користена при истражувањето на културното наследство во нашава држава“, а утре е научниот собир кој ќе ја третира темата на „Сеопфатна заштита на материјалното културно наследство засновано врз мултидисциплинарни научни сознанија“.

– Најмалку пет цивили загинаа, а 12 се ранети во напад на руските сили на повеќе од 40 градови во Донбас, тврди украинската армија.

 – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави формирање нова британска, американска и група на ЕУ што ќе му помага на украинското обвинителство да ги документира, како што рече, „воените злосторства и другите бруталности“ извршени во Украина.

 Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, предупреди дека руската инвазија на Украина може да предизвика глобална рецесија бидејќи ќе се покачат цените на храната, енергијата и на ѓубривото.

 – Единаесет новороденчиња загинале во пожар што го зафатил неонаталното одделение на регионална болница во сенегалскиот град Твауан, околу 120 километри источно од главниот град Дакар.

 Меѓународната федерација за мотоспорт (FIM) најави откажување на етапата од серијата Мото ГП во финскиот град Кувола и намалување на шампионатот на 20 трки.

– Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови за ретка појава на пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 30 до 35 степени, а УВ 8.

 

Back to top button
Close
Close