МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

25 јануари 2022

25 јануари 2022

– Владите на Северна Македонија и на Бугарија, предводени од премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, денеска во резиденцијата „Бојана“ во Софија ќе одржат заедничка седница на која, меѓу другото, е предвидено и потпишување неколку билатерални документи.

– Меѓувладината седница е успех, бидејќи само по една недела од нашата прва средба со бугарскиот премиер Кирил Петков договоривме поконкретно да работиме на теми кои ќе ја подобрат економијата, инфраструктурата, иновациите, образованието, културата, на се она што значи подобра комуникација меѓу граѓаните, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на меѓувладината седница на двете земји, што се одржува во Софија.

– Почнува судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се осомничени за нелегалната набавка на софтвер. Судскиот процес ќе го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска.

– Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието го достави најавуваниот предлог за укинување на 100 дена „пржинска влада“, пред одржување на парламентарни избори со цел, како што велат од партијата, во услови на сеопфатна криза да не се губи време, зашто таква техничка влада и онака нема моќ за значајни одлуки. Од партијата бараат веднаш потоа да се организираат брзи избори. Партиите од владејачкото мнозинство се согласуваат дека е потребно укинување на „пржинската влада“, но, нагласуваат дека за тоа е потребен консензус меѓу партиите. За постигнување консензус има време, велат оттаму, бидејќи предвремени избори нема да има, туку редовни во 2024 година.

 Во Крушево денеска ќе биде одбележан 41 роденден на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Велика Градишка во Хрватска.

– Во Домот на Армијата денеска ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во спомен на роденденот на најголемата музичка ѕвезда и хуманост Тоше Проески.

– Главниот координативен кризен штаб на синоќешната седница ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести за кратење на периодот на изолација после позитивен ПЦР КОВИД тест од 10 на 7 дена, ја достави до Владата и за неа треба да биде дискутирано на следната владина седница, информира владината прес-служба.

– Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 256.996, од кои во моментов активни се 20.020. Во изминатото деноноќие беа регистрирани 718 нови случаи на КОВИД-19 од направени 3.044 тестирања. Регистрирани се 95 реинфекции.

– Претседателот на Народното собрание на Бугарија Никола Минчев утре закажа вонредна седница. Како што јави дописникот на МИА од Софија, на дневен ред ќе бидат излагања на премиерот на Бугарија Кирил Петков, министерот за одбрана Стефан Јанев, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и шефовите на бугарските специјални служби.

– Заглавени возачи со часови на улици и булевари, полесно повредени патници на воз, паднати дрва, прекини во снабдувањето со електрична енергија, остави зад себе невремето „Елпида“, снежната бура што од вчера наутро ја зафати областа Атика поширокиот дел на Атина, а денеска, со одлука на грчката Влада е неработен ден за јавниот и приватниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

– Италијанскиот Парламент не избра претседател во првиот круг, бидејќи ниту еден кандидат не доби доволен број гласови на тајното гласање, а за денеска е закажано ново гласање.

– Генералното собрание на ОН синоќа соопшти дека Иран, Гвинеја и Вануату уплатиле доволно пари во редовниот оперативен буџет на ОН за покривање на долговите, што создаде услови да го вратат своето право на глас во Генералното собрание со 193 членови. Без право на глас во Генералното собрание останаа само две земји – Венецуела и Папуа Нова Гвинеја.

– Постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации Линда Томас Гринфилд изјави дека руската закана за Украина е многу поголема од украинскиот проблем и предупреди дека евентуална руска инвазија „ќе ја отвори Пандорината кутија“.

Премиерлигашот Тотенхем ја финализираше цената за играчот од средниот ред на Вулверхемптон, Адама Траоре, објави „Sky Sports“. Според британскиот медиум, Волвс се подготвени да го пуштат играчот за 25 милиони евра, но Спарс можат да понудат само 20 милиони евра.

– Времето денеска ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, долж Повардарието, засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната од -3 до 6 степени. Во Скопје, слично време со повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 2 степена.

Back to top button
Close
Close