МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

28 септември 2021

28 септември 2021

– Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска ќе ги презентира резултатите од програмата ГЕФФ и најавата за понатамошното финансирање на енергетската ефикасност во станбениот сектор во Западен Балкан.

– Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска попладне ќе допатува во посета на Скопје, при што меѓудругото со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираниот ЕУ-процес за Северна Македонија, а повеќе детали за разговорите ќе бидат соопштени по средбата. Засега единствена порака што ја пренесуваат службите на Фон дер Лајен е дека „ЕУ држи до регионот“.
– Со пораки за одговорно и отчетно управување, создавање подобра иднина, единство без разлика на етничката припадност и поставувањето на интересите, потребите и барањата на граѓаните на прво место, политичките партии вчера официјално ја започнаа кампањата за Локалните избори закажани за 17 октомври.

– Заклучно до вчера во земјава се попишани вкупно 1.619.857 лица, 503.491 домаќинство и 711.695 станови. Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 198.589 граѓани од дијаспората.

– Вчерашната ковид-статистика покажа пад на бројот на новозаразени за три до четири процентни поени. Ако претходните денови бројот на нови случаи од вкупниот број на тестирани се движеше околу девет и 10, вчера тој процент беше 6,5. Од направени 1726 тестирања, вчера беа регистрирани 112 позитивни на коронавирусот или 6,49 отсто. Во претходното деноноќие беа регистрирани и 12 починати и оздравени 419.

– По повод 28 Септември – Меѓународниот ден за универзален пристап до информации, денеска ќе се одржи онлајн настан на кој ќе бидат презентирани резултатите од работата на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и плановите за унапредување на остварувањето на правото на граѓаните за слободен пристап до информациите.

– Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска организира тркалезна маса по повод Светскиот ден на борба против беснило.

 Според поранешниот шеф на кабинетот на  бугарскиот претседател Румен Радев, Калојан Методиев, шансите на Радев за втор мандат се намалуваат со секој изминат ден. Методиев го даде ова предвидување пред бугарското национално радио и изрази мислење дека Радев нема да биде избран. Како што пренесува дописникот на МИА од Софија, тој вели дека партиите што го поддржуваа, една по една се откажале од него, без да се спомене кого станува збор.

 Во Националната палата на културата во Софија се оддржа основачко собрание на кое иницијативен комитет ги предложи Румен Радев и Илијана Јотова за независни кандидати за претседател и потпретседател на Бугарија.

– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре претпладне ќе допатува во Тирана. По официјалниот дочек, во Палатата на бригадите, таа прво ќе се сретне со премиерот Еди Рама, а  потоа во претседателската резиденција и со шефот на државата Илир Мета.

– Владата на Велика Британија соопшти дека ја става армијата во состојба на подготвеност, како дел од мерките за решавање на кризата во синџирот на снабдување, што доведе до недостаток на гориво на бензинските пумпи.

– Германија е на пресвртница. На изборите победија социјалдемократите и притоа остварија еден од нивните најдобри самостојни резултати. Најверојатно, нивниот кандидат Олаф Шолц ќе ја наследи Ангела Меркел на позицијата канцелар. Сепак, аналитичарите потенцираат дека победата е премногу тесна и оти ќе биде потребно да се изоди долг пат за да се состави нова влада, која најверојатно ќе биде составена од три партии.

– Лансирањето проектили од страна на Северна Кореја не претставува непосредна опасност по американскиот персонал или територии, соопшти Американската пацифичка воена команда.

– Докторка по биолошки науки и професорка на Факултетот за системска биологија на Универзитетот Џорџ Мејсон, Анча Баранова изјави дека главното сценарио за развој на пандемијата со Ковид-19 е трајно намалување на очекуваниот животен век за најмалку 10 години.

– Претставници на Европската Унија и Саудиска Арабија вчера првпат се сретнаа во рамки на Дијалогот за човекови права, а ЕУ ги поздрави реформите во оваа земја, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Бројот на убиства во САД се зголеми за околу 30 проценти во 2020 година во однос на претходната година, достигнувајќи 21.500, соопшти Федералното истражно биро (ФБИ).

– Северна Кореја утрово лансира неидентификувани проектили кон отворено, соопшти јужнокорејската армија. Додека Министерството за одбрана на Јапонија соопшти дека истрелана е балистичка ракета, но не наведе повеќе детали.

 – Европската фудбалска асоцијација, ја прекина постапката за против Барселона, Јувентус и Реал Мадрид за проектот Суперлига. По отворањето на дисциплинска постапка против Барселона, Јувентус и Реал Мадрид за евентуална повреда на правната рамка на УЕФА во врска со таканаречениот проект Суперлига, Апелационото тело на УЕФА одлучи да ја прекине постапката до понатамошно известување. стои на веб-страницата на УЕФА.

Првиот светски рекет во женскиот тенис, Ешли Барти се повлече од турнирот во Индијан Велс. Причините за откажувањето на австралиската тенисерка да учествува на турнирот во Калифорнија сè уште не се познати.

– Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо, а на места нестабилно со пообилен пороен дожд, локално и над 20 литри на квадратен метар и со појава на ретки грмежи. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.

Back to top button
Close
Close