МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

24 септември 2021

24 септември 2021

– Обвинетиот во случајот со измамата при купопродажба на станови која ја обелодени МИА сè уште не е приведен. Од Основниот Кривичен суд – Скопје за МИА велат дека тој доставил медицинска документација дека бил здравствено спречен да дојде на изминатото рочиште, на кое поради отсуството му беше определена мерката притвор.

Кампања за борба против рак на дојка „Race for the Cure“ – „Напред розово“ ќе се одржи на 26 септември (недела) во Градскиот парк кај Школка во Скопје, а во нејзиното одбележување ќе се приклучат и 16 градови. Настанот е во организација на Здружението „Борка–За секој нов ден“, во соработка со најголемата европска алијанса на пациентски здруженија „Think PinkEurope“.

– ДИК вечер на јавна седница се очекува да го заклучи избирачкиот список за локалните избори закажани на 17 октомври. Избирачкиот список и изводите од него ДИК треба да ги потпише најдоцна до 1 октомври. Како што информираат од ДИК, на вечерашната седница исто така треба да се утврди и изгледот на гласачкото ливче.

– Државата треба да има слух за младите ако сакаме да продолжиме да функционираме. Односно со нивните свежи, прогресивни и нови идеи, младите ќе придонесат кон утрешното функционирање на државата, изјави Јовица Јанковиќ, претставник од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), непосредно пред почетокот на денешната панел-дискусија организирана од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) и ИДУЕП.

– Во Небрегово, родното место на Блаже Конески, се одржа централното чествување по повод 100-годишнината од неговото раѓање и 20-годишнината од фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.

– Со цел никој да не биде пропуштен во пописот, Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, соопшти на денешната прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од ДЗС.

– Во организација на Собранието на Република Унгарија, денеска се одржа Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа посветен на проширувањето. На состанокот учествуваа претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа и на земјите од Вишеградската група.

– Поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело „проневера во служба“, Управата за финансиска полиција во периодот од март до август годинава извршила проверки во вкупно 75 правни субјекти, регистрирани за вршење дејност „технички преглед на секаков тип моторни возила“, кои средствата наплатени по основ на комунална, еколошка и патна такса, не ги уплаќале на сметка на државните институции, организации и здруженија, информираше денеска директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

– Заклучно до денеска до 12:00 часот попишани се вкупно 1.395.000 граѓани, над 435.000 домакинства и над 600.000 станови. До денеска заклучно до 12:00 часот се самопопишани 195.477 граѓани од дијаспората, информираше на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Муамет Хоџа.

– Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, изјави денес дека се очекува седница на Кризниот штаб, како што најави премиерката Ана Брнабиќ, во следните неколку дена и дека на неа ќе се донесе конечна одлука за ковид пропусниците, за кои се е подготвено, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во Србија бројот на смртни случаи во првите осум месеци од 2021 година е поголем за дури 15.124 во однос на десетгодишниот просечен број на смртни случаи во периодот јануари-август, покажуваат најновите податоци на Републичкиот завод за статистика (РЗС), јави дописникот на МИА од Белград.

– Руската Централна изборна комисија (ЦЕЦ) денеска ги потврди резултатите од гласањето за Државната дума на изборите одржани од 17 до 19 септември, според кои Единствена Русија, чиј член е претседателот Владимир Путин, освои најмногу места – 324.

– ЦИА наводно сменила шеф на оддел во Виена, бидејќи не реагирал соодветно на почетокот на мистериозниот Хавански синдром.

– Номинираните фудбалери во машка и женска конкуренција за наградата „Златна топа“ на реномираното списание „Франс фудбал“ ќе бидат објавени на 8 октомври.

– Возачот на Мерцедес, Валтери Ботас, беше најбрз на денешниот прв слободен тренинг пред неделната трка во Формула 1 за Големата награда на Русија на патеката во Сочи.

– Во следните денови ќе преовладува сончево време со значително повисоки дневни температури. До сабота утринските температури ќе бидат многу ниски и на некои повисоки места ќе се спуштат и до 0 степени. Од вторник ќе има повремени врнежи од дожд со променлив интензитет..

 

Back to top button
Close
Close