МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

24 септември 2021

24 септември 2021

– Естонија, покрај политичката поддршка која ѝ ја дава на Северна Македонија, навистина може да биде од помош за евроинтеграцијата на земјава со споделување на поширокото искуство во реформите не само во дигитализацијата и е-управувањето, туку и во транспарентноста и борбата против корупцијата, вели амбасадорката на Естонија Кристи Карелсон.

– Децентрализација на власта, реформи и намалување на превработеноста во институциите, функционирање на правото и законите. Ова се само дел од барањата на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) содржани во Платформата за економски развој, која денеска, на работен состанок, ќе му биде презентирана на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскок и неговиот економски тим.

– Собранието останува на реформскиот курс и продолжува фокусирано да работи на стратешката цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија, рече во своето обраќање денеска потпретседателот на законодавниот дом, Горан Мисовски на македонско-германскиот форум „30 години независност на Северна Македонија – Улогата на Собранието во демократијата”.

– Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска во заедничка реакција посочуваат дека не се согласуваат со намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, посочувајќи дека наместо бришење на терминот „бугарски“ би требало да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се именувале како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.

– Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, потврди дека претседателката Урсула фон дер Лајен идната недела во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Во последните десет години Албанија ја напуштиле над 47 отсто од граѓаните со високо образование, посочуваат експерти од оваа област од Институтот за статистика на Албанија.

– Во Русија во последните 24 часа од Ковид-19 починаа 828 лица, што е најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата, објавија руските здравствени власти.

– ЦИА наводно сменила шеф на оддел во Виена, бидејќи не реагирал соодветно на почетокот на мистериозниот Хавански синдром.

– Со натпреварот меѓу екипите на црногорскиот Морнар и хрватска Цибона денеска почнува новата сезона во регионалната кошаркарска АБА лига.

– Бројни закани за убиство се упатени кон претседателот на Фудбалската федерација на БиХ, Вицо Зељковиќ, откако беа изречени строги казни за прволигашот Вележ од Мостар поради прекинатиот првенствен натпревар против Борац Бања Лука и палењето на автомобилот на главниот судија на дуелот одигран во вторникот.

– Во текот на наредните денови ќе преовладува сончево време со значително повисоки дневни температури. До сабота утринските температури ќе бидат многу ниски и на некои повисоки места ќе се спуштат и до 0 степени. Од вторник ќе има повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.

Back to top button
Close
Close