МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

9 декември 2021

9 декември 2021 

– Главниот обвинител Љубомир Јовески денеска во Софија ќе учествува на меѓународна конференција на тема „Судска реформа. Специјализирано обвинителство“.

– Од денеска во Стопанската комора на Северна Македонија почнуваат првите шестмесечни обуки за бизнис-лидери и за развој на мали и средни бизниси. Обуките се активност на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, кој е еден од неодамна формираните совети во рамки на Комората.

– Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот за демократија што се одржува виртуелно во организација на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.

– Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во посета на Сојузна Република Германија каде ќе се сретне со високи претставници на новоформираната германска Влада.

– Народната банка ги демантира информациите објавени на некои портали и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво, велат од централната банка.

– Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи 54. седница на чиј дневен ред е и Дополнетиот предлог на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година во второ читање.

– Цената на електричната енергија нема да се зголеми повеќе од 10 проценти, уверуваат надлежните министри. Според нив, понудата што ЕСМ треба да ја даде кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на електрична енергија. Денеска се очекува и АД ЕСМ да ја достави понудата на отворениот повик на ЕВН Хоум.

 Една од партиите се спротивстави на коалицискиот договор, поради што неопходно беше одржување итен состанок во зградата на Народното собрание на Бугарија, за БТВ соопшти поранешната претседателка на 45. и 46. Собрание Ива Митева од партијата „Има таков народ“.

– За време на синоќешната расправа за буџетот на Министерството за внатрешни работи на Турција, дојде до тепачка меѓу пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

– Уредникот на популарната белоруска медиумска куќа Сергеј Сацук денеска е уапсен по претрес на станот, во најновиот потег на белоруските власти во Белорусија да ги задушат независните медиуми, јавија западни медиуми.

 Официјална Москва за неколку дена ќе ги изработи своите предлози за безбедносните прашања, а потоа ќе им ги предаде на САД, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

– На истокот од Филипините е убиен новинарот Хесус Малабанан, кој како дописник на агенцијата Ројтрес, со своето известување многу му помогна на претседателот Родриго Дутерте во информирањето за кампањата за војната против дрогата во земјата, соопшти денеска филипинската полиција, јави ДПА.

– Расте бројот заразени со коронавирус во редовите на англискиот прволигаш Тотенхем поради што е доведено во прашање одигрувањето на утрешниот натпревар во Лондон во рамки на УЕФА Конференциската лига против француски Рен.

Времето ќе биде променливо облачно, претпладне со сончеви периоди, особено на истокот. Од попладневните часови на запад ќе започнат врнежи од дожд, кои ќе продолжат и во текот на ноќта и ќе се прошират насекаде. На повисоките планини, врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а од пладне повремено засилен ветер од југоисточен правец. Утринските температури ќе се движат од минус 6 до 0 степени, а дневните од 4 до 12 степени.

 

Back to top button
Close
Close