МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

7 декември 2021

7 декември 2021

– Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги охрабрува СДСМ за реализација на проектот Топлификација Битола – Могила – Новаци којшто започна уште во 2014 година и како што вели нема да биде како нив и да ги обвинува дека почнуваат и водат проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

 Млади од Шпанија престојуваат во посета на Кавадарци. Tиe денеска се сретнаа со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. За време на нивниот неколкудневен престој, нивни домаќини се млади од кавадаречката младинска организација, Совет за превентива против малолетничка деликвенција.

– Со половина капацитет во затворен простор и под веќе утврдените протоколи за соодветно растојание, сертификат за вакцинација против Ковид-19 и музика на подиум без шетање по масите, ќе бидат организирани дочеци на Новата година во хотелите на охридско-струшката ривиера.

– Согласно задолжението од Владата и Анексот кон Договорот за администрирање на Фондот за микро и мали претпријатија, Развојната банка на Северна Македонија објави јавен повик со кој се нуди можност на кредитокорисниците на кредити од третата бескаматна кредитна линија „Ковид 3“, да поднесат барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата на кредитите за 12 месеци.

–  Парцијалните решенија кои се носат без соодветна анализа и не се во корелација со други мерки, како што е Одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, уште повеќе ќе ја нарушат тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници,  истакнаа денеска на прес-конференција од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.

– Преквалификацијата и доквалификацијата овозможуваат брзо стекнување на вештини и знаења, а со тоа и оспособување за занимања за кои пазарот на труд има потреба. Во услови на интензивни општествени промени, овие форми на учење се клучни за зголемување на можностите за вработување и директно влијаат врз економскиот раст, потенцијалот и конкурентноста на локалните економии. Црвениот крст на Република Северна Македонија преку Центарот за обуки на возрасни со преквалификација и доквалификација со верификувани програми ќе придонесе за обезбедување на дефицитарен кадар, како што се негователи во домашни услови, негователи за палијативна нега и за алцхајмерова болест како и персонални асистенти, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на настанот по повод отворањето на првиот ваков центар во Скопје.

 – Претставникот на иницијативата „Тргни – промени“, Саво Манојловиќ изјави денес на прес-конференција дека во сабота ќе продолжат еколошките протести низ Србија и повторно ја повика полицијата во соработка со граѓаните да ги обезбеди учесниците на тие собири, јави дописникот на МИА од Белград.

 Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека утре ќе ја информира јавноста за својот став во однос на Законот за експропријација, наведувајќи дека целиот пакет е во подготовка, се анализираат сите барања и дека е најдено решение, јави дописникот на МИА од Белград.

– Европската Комисија денеска потврди дека ЕУ ќе има присуство на терен во Авганистан и дека е тоа прашање на недели, не месеци, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Партиите во новата германска коалициска влада денеска потпишаа договор за нивната, како што ја нарекуваат, прогресивна влада, еден ден пред Олаф Шолц да ја преземе функцијата канцелар од долгогодишната лидерка Ангела Меркел.

– Европската унија во наредните недели ќе добие претставнишво во Кабул, но тоа не значи дека Брисел ќе ги признае радикалните талибанци кои дојдоа на власт во Авганистан, изјави Набила Масрали, портпаролка на ЕУ за надворешна политика, на прес-конференција во Европската комисија.

– Ракометарите на Вардар утре гостуваат во Хрватска против ППД Загреб во рамките на Лигата на шампионите.

Back to top button
Close
Close