МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

6 декември 2021

6 декември 2021

–  Целосна поддршка од САД за изнаоѓање заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија е истакната на денешната средба на премиерот Зоран Заев со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој е во прва работна посета на нашата земја.

 Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска истакна дека ДУИ смета оти Зоран Заев треба да остане на позицијата премиер додека да се стабилизира парламентарното мнозинство, да заврши процесот на реконструкција на Владата и секако за да се решат клучните стратешки прашања. Сепак, додава тој, за ДУИ е прифатлив и друг мандатар, кој ќе го предложи СДСМ.

– Со Буџетот за 2022 година предвидени се 20 милиони евра за дигитализација. Софтвер и хардвер во сите институции треба да биде набавен во првите месеци од годината, а до средината на следната година треба да се донесат сите закони, кои се мапирани за усогласување на законодавството во областа на дигитализацијата, со цел таа да стапи на 1 јули 2022 година.

– Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во недела ќе излезе на протест пред Собранието и пред Стопанската комора на Северна Македонија изразувајќи незадоволство од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и со барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата, а со тоа и спирално зголемување на сите останати плати согласно колективните договори.

– Листата на производи чии цени се  замрзнати е објавена, а утре на владина седница ќе ги разгледаме податоците од Заводот за статистика во делот на движење на цените во трговијата на мало и трговијата на големо за месец ноември и ако има зголемување на цените ние уште утре ќе донесеме одлука за проширување на одлуката со дополнителни производи, а тоа би биле ориз и јајца, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

– Европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, како и актуелните состојби во тој контекст, беа тема на разговор на средбата на заменик помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на земјава со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

– Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2021/2022 година, за студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма на Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.

– ДУИ беше целосно информирана за разговорите на премиерот и лидер во оставка на СДСМ Зоран Заев со Африм Гаши за влезот на Алтернатива во Владата, изјави денеска министерот за надворешни работи и висоик функционер во ДУИ Бујар Османи.

– Разузнавачите во поранешното УБК, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски, кои го открија незаконското прислушкување, се овогодинешни добитници на државната награда „Мето Јовановски“, која претставува највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

– Во рамки на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња“, македонски поп ѕвезди лансираа песна за поддршка на ставањето крај на насилството.

– Приклучувањето на Бугарија во еврозоната ќе доведе до зголемување на приходите, изјави гувернерот на Бугарската народна банка Димитар Радев за bTV. Како што јави дописникот на МИА од Софија, депозитите на бугарските граѓани од левови автоматски ќе се претвораат во евра штом земјата ќе стане членка на еврозоната.

– Претседателот на Австрија Александар ван дер Белен денеска ги именуваше новите членови на австриската Влада, на чие чело застанува Карл Нехамер.

– Русија најави дека ќе ја зајакне својата воена база во Таџикистан со 30 нови тенкови и дека нејзините сили од таа база извеле вежби со системот за противвоздушна одбрана, нагласувајќи ја загриженоста на Москва поради превирањата во Авганистан.

– Европската унија соопшти дека едногласно ја осудува одлуката на судот во Мјанмар со која се изрекува затворска казна за Аунг Сан Су Ли и Мио Анг.

– Индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах денеска во Парламентот изрази жалење за смртта на 13 цивили за време на операцијата против бунтовниците.

– Биотехнолошката компанија со седиште во Сингапур, BioAcumen Global, создаде специјален ПЦР тест кој може да ја одреди варијантата на коронавирусот Омикрон, објави денеска сингапурскиот весник „Стрејтс тајмс“.

– Во Русија, во Аргентина и во Непал денеска се потврдени првите случаи на сојот Омикрон на коронавирусот, а за време на викендот во Индија регистрирани се 21 случај на зараза.

– Најмалку 24 лица се убиени во племенски судири во Судан, соопшти денеска локална хуманитарна организација.

– Натпреварувачите на карате клубот „Макпетрол“ освоија девет златни и две бронзени медали на Македонскиот младински државен шампионат кој се одржа викендов во Гостивар.

– Времето денеска ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на повисоките планини на северозапад од снег. Утре ќе биде облачно и постудено со врнежи од дожд, а на планините и повисоките места од снег каде ќе се формира нова снежна покривка. В среда и четврток претпладне ќе има преодно стабилизирање со ниски утрински температури, а потоа следува период на променливо облачно време со повремени врнежи.

Back to top button
Close
Close