МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

2 декември 2021

2 декември 2021

– Посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во сообраќаната несреќа во Бугарија се очекува утре во 9 часот да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти попладнево Министетството за надворешни работи. По пристигнувањето, како што наведува МНР,  поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.

– Евроамбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Аеродром на која се дискутирало за силната поддршка која Европската Унија ја дава на градоначалникот и Општината во остварувањето на програмата и ветувањата, со посебен акцент на проектот „Еко-Дром“ и заложбата Аеродром да стане вистинска зелена општина, наведува во соопштение прес-службата на Општина Аеродром.

– Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска издаде писмен налог до сите јавни институции под надлежност на Градот да направат проценка и да постават пристапни рампи за лица со попречености. Рокот за имплементација на оваа активност, како што соопшти Град Скопје, е 60 дена, а поставувањето на пристапните рампи е дел од Програмата на Градот за овозможување поголема пристапност за лицата со попреченост до институциите во градот.

– Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска за вршител на должноста директор на ЈП Депонија „Дрисла” го назначи Јане Мицевски, дипломиран економист, со повеќегодишно работно искуство на раководни позиции, соопшти прес-службата на град Скопје.

 Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на учеството на Министерскиот совет на ОБСЕ се обрати на пленарната сесија, при што ја нагласи потребата за заедничко справување со предизвиците со кои се соочува регионот на ОБСЕ, но и пошироко – како транс национален тероризам, закани од трговија со оружје, масовна миграција и растечки хуманитарни кризи.

– Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно”, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија (КГЕ), лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк Шума Водно. Ова во денешниот исказ како сведок го кажа Миле Јанакиевски, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски и посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, разбрал од кога во рамките на КГЕ, ја посетиле општина Центар.

– Развојна банка на својата веб-страница објави јавен повик со кој им се нуди можност на кредитокорисниците на кредити од третата бескаматна кредитна линија „Ковид 3“, да поднесат барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата на кредитите за 12 месеци.

– Занаетчиите од Измир и од државата ќе соработуваат на заеднички проекти, ќе разменуваат искуства, заеднички промоции на традиционалните производи, соопштија денеска надлежните од занаетчиските комори на округот Чили од градот Измир, Турција и од регионалната комора на Куманово чиишто претседатели денеска се сретнаа во Куманово.

 Претседателот на Бугарија Румен Радев и неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер одржаа работна средба во Стразбур, на која разменија мислења за безбедносната средина во соседните региони на ЕУ и европската перспектива на Република Северна Македонија, соопштија од прес-службата на претседателот на Бугарија.

– Импровизиран експлозивен механизам експлодирал во текот на ноќта пред основно училиште во кипарскиот град Лимасол и предизвикал материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина. Од експлозијата, штета претрпела една од училниците, но и црква што се наоѓа во близина на училиштето, а полицијата пронашла уште една бомба, која не експлодирала.

– Србија ќе купи нови руски противвоздушни ракетни системи „Панцир“, изјави денеска српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин за време на разговорите во Москва со рускиот министер за одбрана, генерал Сергеј Шојгу, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана, јави допсиникот на МИА од Белград.

– Папата Франциск ја прифати оставката на парискиот надбискуп монс. Мишел Аупетит, соопшти денеска Ватикан, додавајќи дека апостолски администратор е назначен за шеф на париската надбискупија.

– Само една недела по последниот состанок за ковид мерките, белгискиот премиер најави нова итна координација утре, иако следниот состанок беше предвиден за 15 декември.

– Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска уште еднаш ги критикуваше активностите на Русија во актуелниот конфликт со Украина, јави ДПА.

– Африканскиот континент се соочува со зголемен број на инфекции со коронавирус во заднината на откривањето на неговата нова варијанта – омикрон.

– Кина го забрзува истражувањето и развојот на вакцината против Ковид-19 конкретно насочена кон варијантата Омикрон, изјави денеска здравствен претставник. Досега, во Кина не се пријавени случаи на зараза со Омикрон со варијанта на новиот коронавирус.

– Легендарниот бразилски репрезентативец Клаудио Тафарел е назначен за нов тренер на голманите во Ливерпул, објави англискиот фудбалски прволигаш. Тафарел во Ливерпул ќе тренира двајца свои сонародници – Алисон и Питалуга.

Back to top button
Close
Close