МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

1 декември 2021

1 декември 2021 

– Што поскоро да се затворат термоелектраните на јаглен во регионот, а граѓаните да учествуваат во одлучувањето е фокусот на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ која ќе се одржи втора година по ред.

– Владата ќе достави до Собранието на Република Северна Македонија Предлог-одлука за продолжување на рокот за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.

– Годишно во просек во земјава се дијагностицираат 45 случаи на ХИВ. Вкупниот проценет број лица со ХИВ би можел да се движи во опсег од 437 до 575 лица, додека бројот на тие кои не биле свесни за својот ХИВ статус би можел да изнесува меѓу 105 до 243 лица. Од проценети 500 лица со ХИВ на крајот на 2020 година биле дијагностицирани 332 лица односно 66 проценти. Околу 330 пациенти моментално примаат терапија на Клиниката за инфективни болести.

– Во третиот квартал од 2021 година, во тековните трансакции со нерезидентите е остварен суфицит од 98 милиони евра, главно како резултат на солидните остварувања кај секундарниот доход, како и кај размената на услуги. Кај финансиските трансакции со нерезиденти се остварени нето-приливи од специјални права на влечење (СПВ), износ доделен во рамките на новата општа распределба на СПВ на ММФ и приливи врз основа на директни инвестиции, а нето-одливи врз основа портфолио-инвестиции, валути и депозити, заеми и трговски кредити.

– Без импулсот кој што би требало да го дадат преговорите многу тешко се мобилизираме внатре за да ги унапредиме состојбите. Потребно е да изградиме своја стратегија за тоа кои се националните приоритети во однос на пристапувањето во ЕУ бидејќи овој процес и доколку ги започнеме преговорите ќе трае многу долго. Приоритети треба да бидат јакнење на капацитетот на администрацијата и на меѓусекторската комуникација, оценува директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска.

– Ако не дојде до брза реализација на инфраструктурните проекти како што е завршувањето на изградбата на автопатското решение Кичево – Охрид и меѓународниот магистрален пат Охрид – албанска граница, здравствениот, алтернативниот и спортскиот туризам не можат да се развиваат, оценија на денешната работна средба градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

– Европската комисија денеска ја објави новата европска инвестициска стратегија „Глобал гетвеј“, која ќе финансира проекти од областа на зелената и дигиталната транзиција, енергетската и транспортната инфраструктура, како и зајакнување на областите – здравство, образование и истражување.

– Генералниот директор на албанската државна полиција, Гледис Нано, денеска пред членовите на Комисијата за национална безбедност направи кус приказ на состојбата со криминалот во државата и мерките што се преземаат за негово спречување.

-Претседателот на српската опозициска Парти за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, изјави дека опозицијата нема да ги бојкотира изборите во април 2022 година, иако нема никакви услови за слободни избори, додавајќи дека според независно истражување, опозицијата има добри шанси да победи во Белград и на претседателските избори, јави дописникот на МИА од Белград.

– Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека е подготвен да го прекине протокот на руска енергија доколку Полска ги затвори границите со Белорусија, што може да ги зајакне тензиите меѓу двете земји поради миграцијата.

– Време е Европската унија да „размисли за задолжителна вакцинација“ против Ковид, изјави денеска шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи дека владите на земјите-членки ќе одлучат за тоа.

– Експлозија се случи во близина на фреквентна железничка станица во германскиот град Минхен, соопшти полицијата. Експлозијата се случила за време на градежни работи во близина на станицата Донерсбергербрике.

– Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека ќе почне преговори за меѓународен договор за превенција и контрола на идните пандемии додека светот се подготвува да се бори против новиот сој на коронавирусот – Омикрон.

– Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), заедно со УЕФА и ФИФА денеска во Скопје го почнаа најавениот процес на разгледување и ревизија на Статутот на ФФМ согласно стратешкиот план на федерацијата и праксата на добро раководење.

– Претседателот на италијанскиот фудбалски прволигаш Аталанта, Лука Перкаси, обелодени дека тренерот Џанпјеро Гасперини веќе потпишал нов договор со кој се обврзал на верност кон клубот до 2024 година, со можност за продолжување на соработката за уште една година.

– Ниту во четрнаесетиот обид сезонава фудбалерите на Њукасл не забележаа премиерна победа во Англија со што останаа во друштво на шпанскиот прволигаш Леванте и бундеслигашот Гројтер Фурт како единствени екипи во петте најсилни европски лиги, кои сè уште немаат триумф во националните првенства.

Back to top button
Close
Close